Моите дилеми за „спорот за името“
Гордана Попсимонова
Од неодамна престанав да пишувам текстови во кои се содржани моите лични ставови и мислења, кои некој некогаш ги нарекол колумни. Да бидеме начисто – јас не пишував, ниту, пак, некогаш сум пишувала колумни. Тоа се само мои лични писмени состави од субјективни размислувања за одредени состојби. Во нив нема никакви претензии за некаква стручност и компетентност. Се потпираат само на моето животно искуство собрано од светот на умните луѓе, од мојата божја дарба да се изразам и од мојот внатрешен порив да не го премолчам она што ми тежи. А ми тежат многу работи. Тешко ми е на душата. Посебно кога ги следам вестите за текот на преговорите за „решавање на спорот за името“.
На пример, во плимата официјални соопштенија, оптимистички изјави и уште пооптимистички соопштенија од средби на највисоко ниво за шансите за „позитивен исход од преговорите за името“, ми навираат основните елементи на една обична глупава равенка со една непозната. Имено, ние немаме проблем со грчката историја, идентитет, јазик и култура. Дури и не им ни браниме да се нарекуваат како нас, ако тоа им е толку битно. Не ги блокираме за влез во меѓународни организации, не им ја затвораме границата кога им е најтешко. Не лобираме против нив, не правиме протести ако нѐ победат во некој спорт, а најмалку некому во нашата држава му браниме да се нарекува Грк.
Тоа е првата позната во равенката.
Втората позната е содржана во простото прашање – дали ние како народ или како држава имаме некаков спор со Грција? Да потсетам, терминот „спор“ означува состојба во која две или повеќе спротивставени страни имаат различни ставови околу некое прашање, или бараат нешто една од друга. Македонија не бара ништо од Грција. Е, сега, ако настане ситуација во која само едната страна бара нешто од другата, тука веќе нема никаков спор. Постои само условување, ултиматум или уцена. Да упростам до крај – на сцена е ултимативно барање за промена на името на нашата држава, за промена на уставот на нашата држава и за промена на цела серија атрибути од кои е сочинет нашиот идентитет.
Можеме ли да дојдеме до компромис или некакво достоинствено решение, со уцена? Се разбира, не. Ако некој ви постави револвер на слепоочница и ви нареди – парите или животот, изборот ви е стеснет само на две решенија. Кои можат да бидат сѐ, само не компромис. Последниот цитат е преземен од препочитуваниот експерт по славистика, професорот Виктор Фридман, кој токму ова го кажа во последното интервју за „Балкан-анализис“.
Доаѓаме до третата позната величина во равенката и тука повторно ќе се повикам на професор Фридман, кого исклучително го почитувам и како експерт и како храбар маж кој среде Атина говореше за македонскиот јазик (и покрај тоа што бричените глави од „Златна зора“ му упаднаа и му се закануваа). Во споменатото интервју, Фридман го вели следново: „Не постои реален компромис. Не може да постои. Размислете. Доколку ви дојде крадец и ви впери пиштол во глава, велејќи дај ми ги парите, дали вие ќе му речете – ‘ќе ти дадам половина’ и тоа ќе го наречете компромис? Тоа е Грција. Тие се обидуваат да го уништат македонскиот идентитет, просто и јасно“.
Ете, дојдовме и до третата позната во равенката. Значи, имаме една страна која ѝ се наметнува на втората, имаме класична уцена со вперен револвер во чело и имаме отворен обид за ништење на еден народ.
Непознатата гласи – кое е чарето?
Прво на памет ми паѓа Коперник кој некогаш рекол: Лесно ми е разумски да прифатам дека од мене се бара да бидам тоа што не сакам да бидам, ама проблемот е во совеста.
Ама веднаш потоа на ум ми доаѓа една реченица од мојот премудар пријател Давид од Израел, кој по мојата едночасовна емотивна експликација за сите апсурди и неправди поврзани со грчкиот проблем со нашето име, внимателно ме сослуша и кратко рече: „Па, заебете ги Грците!“ На моето чудење како тоа да го направиме, умниот Давид само рече: „Па, прифатете им сѐ што бараат“.
Сепак, равенката имала две решенија.