Следниот митинг на велосипеди


Ерол Ризаов

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ следниот партиски митинг треба да го одржат на велосипеди и на ролерки, гарант ќе имаат поголема посетеност отколку што беше оној дебакл во саботата пред владата. Доказ за тоа видовме утредента, во неделата, кога младите со велосипеди и ролерки масовно ги наполнија улиците со убав свет во централното подрачје на Скопје, додека комуналците се уште го чистеа сметот што го оставија зад себе митингашите. На еден вака организиран хепенинг против загадувачите и ограбувачите на Македонија, сите ленти на „Партизанска“ од центарот, па до „Ѓорче Петров“ и назад, ставам две раце во оган, ќе бидат полни со близу 50.000 луѓе, според квадратурата на просторот, што може да даде пак погрешна слика, бидејќи ролерки, велосипеди и арамиското гнездо на ВМРО-ДПМНЕ се неспоиви и никако не одат заедно. Не може да се изедначува 21 и 19 век во ништо. Блиски Исток и Балканот колку и да се слични припаѓаат на два континента. ВМРО-ДПМНЕ силно влече накај Исток, а ролерките и велосипедите возат на Запад.

Од мостот „Гоце Делчев “ до раскрсницата пред владата во должина од 200 метри и широчина од 40 метри одвај собира 15.000 луѓе, ако се набиени како сардини во конзерви, од кои околу 10.000 беа донесени со 250 автобуси. На тој простор, каде што сите партии лажат за големината на своите митинзи, во саботата се одржа катастрофален строго партиски митинг, иако беше најавен како сенароден, главно со следбеници кои уште не разбрале дека ВМРО-ДПМНЕ е музејски експонат, восочна фигура од времето на груевизмот. Што мислите зошто ниту една политичка партија не го бара градскиот стадион каде што ќе може да се одржи величествен и голем, добро озвучен митинг. Одговорот е многу лесен, на стадионот има недостижни 38.000 седишта. И целиот терен сосе трибините да се наполни не може да собере 50.000 луѓе.

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ, кој за мамец го имаше спасувањето на уставното име на државата, не се приклучија масовно граѓаните како што очекуваше партискиот врв, не затоа што мнозинството граѓани подржуваат промена на името, туку затоа што на ВМРО-ДПМНЕ не му веруваат. Не веруваат на политичка партија која е компромитирана и која по 11 години неконтролирана власт и злоупотреба на функциите направи пустош од Македонија. Каде фатија, таму исушија.

И сега, наместо да се дистанцираат од осомничените деспоти кои секој ден седат на судска клупа за обвинети, се определија да го подржуваат попречувањето на правдата, да го подржуваат крвопролевањето во парламентот и обидите за убиства на народни пратеници на 27 април лани, дури и се фалат со тоа дека биле учесници во најсрамниот настан во парламентарната историја на државата. Без никаква воздршка и извинување и натаму цврсто ги подржуваат осомничените носители на организираниот криминал и корупцијата, ги подржуваат фалсификаторите на избори и злосторничките здруженија. Не само што нема ниту еден збор на осуда и каење, туку без срам и перде бараат да го спроведе новата власт тоа што тие не само што не го направија во периодот на своето децениско владеење, туку спротивно, ги унаказија сите институции на системот, воведоа страховлада и воспитаа погрешно повеќе генерации млади луѓе на кои им всадија нов антички идентитет. Интервенираа арогантно во науката како примитивци со што го направија најголемиот удар против Македонија и нејзините граѓани. Ги запреа евроатлантските интеграции јавно лажејќи ги граѓаните со години дека е можно да се сочува и уставното име, и да се влезе во сојуз со ЕУ и со НАТО, што се разбира, ни тие ни нивните претходници сиве овие 27 години не успеаја да го постигнат.

Долги години граѓаните веруваа на оваа голема лага бидејќи ВМРО-ДПМНЕ определбите за ЕУ и за НАТО ги ставаше како приоритетни и стратегиски лаги и во своите и во владините програми. Сите неуспеси на овој план се прикажуваа како оправдувања, иако никогаш не повлекоа ниту еден конкретен чекор ниту, пак, понудија некаква алтернатива за одржлив развој на државата и за подобар живот на граѓаните без членство во ЕУ и во НАТО. Ја опустошија земјата со криминал и со баснословно задолжување од 5 милијарди евра, кои со уште десетици милијарди евра баснословни пари исцедени од осиромашените граѓани ги фрлија за фалсификување на историјата и за изградба на споменици, фасади, жални врби и кораби на Вардар кои не припаѓаат ниту на ова поднебје, ниту на нашата историја, ниту на Вардар. И сега истите овие растури куќи, раскалашени трошаџии на народни пари, митомани и корумпирани политичари, врескаат на секој денар јавен долг за изградба на тоа што тие не го изградија 11 години. Изедначуваат една година со 11 години. Науката и историското искуство велат дека системските грешки направени при повеќегодишно лошо владеење не можат да се отстранат за двојно подолго време отколку кога е руиниран општествено-политичкиот и економскиот поредок на земјата и се згазени сите морални норми. Опоравувањето и лечењето на раните од диктатурите е долг и мачен процес, особено околу промената на свеста кај луѓето. Но, санирањето на тиранијата и грабежот на сопствената земја и народ е многу потешка задача отколку заздравувањето од диктаторски режим.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски брзаат да се вратат на власт по една година поминати во опозиција, а со тоа само ја покажуваат неподготвеноста на новото раководство да ја консолидира партијата и да се ослободи од тешкиот баласт. Христијан Мицкоски и неговите најблиски партиски соработници наместо да се впрегнат заеднички со сите релевантни политички партии да бидат учесници во европеизацијата на Македонија и на Балканот, што е голем историски чин, тие се определија да ги спроведуваат директивите на корумпираното и компромитирано раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое очајно бара начин да ја одбегне судската правда. Во нивните медиуми стопати ја соопштија поддршката на Груевски на митингот кој во тој собир препознал будење на народот и почеток на падот на владата и на премиерот Зоран Заев. Граѓаните на Македонија се разбудија пред повеќе од една година кога го урнаа режимот на Груевски и кога се отворија судските постапки, кои за жал поради валканата улога на претседателот на државата и на рецидивите на ВМРО-ДПМНЕ се уште се одолговлекуваат.

Одговорна политичка партија во оваа година дена помината во опозиција ќе го расчистеше прво ѓубрето во својот двор, ќе дадеше целосна поддршка на судската разврска и ќе застанеше цврсто зад евроатлантските интеграции на својата татковина како најголеми стратегиски цели. Потоа, има „дана за мегдана.“ Избори и избори ќе има додека има држава. Досега се виде дека нема очекуван успех за 27 години независност, од кои на власт ВМРО-ДПМНЕ беше 17 години, или 15 години, ако не ја признаваат владата на академик Никола Кљусев за своја, а СДСМ десет години. За сите овие години Македонија не успеа да стане просперитетна европска држава со одржлив самостоен развој. Кој колку е одговорен за овие катастрофални резултати и за упропастувањето на државата во суштина е многу глупава дилема. Гледајте го крајниот резултат и пресудете сами кој колку е крив и прав од двајцата содружници. Ако пак размислите каде понатаму можеби ќе го најдете одговорот на прашањето во оваа историска можност за нов почеток, ако не дозволиме да го упропастат тие што не ја направија шансата. Сакаат да го шутираат и се разбира да го промашат пеналот тие што го направија. Е, не ќе може така. Има добар судија.