Мицкоски бара смена на Катица, Заев не ја дава


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители станaа главен камен на сопнување меѓу премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Двајцата се сретнаа во неделата вечерта во Владата и се договорија да се договорат како ќе се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, со оглед на тоа дека поддршка за носење на предлог-законот за јавното обвинителство треба да даде и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски бара смена на Јанева, а Заев, барем засега, вели дека Јанева и нејзиниот тим ја имаат неговата поддршка.

„За нас е значајно тоа што овој специјален јавен обвинител и нејзиниот тим го изгубија кредибилитетот за да ја добијат нашата поддршка во иднина. Принципиелно интегрирање на СЈО во ЈО може да го дискутираме, но правата и обврските на идното ЈО и сите делови што ќе произлезат од новиот закон за ЈО треба да бидат предмет на преговори на политичките партии“, рече Мицкоски по средбата со Заев. Според последните информации од СДСМ, власта нема да прифати менување на Јанева, а поддршка вчера ѝ даде Заев, кој рече дека треба да остане истиот тим и да им се даде шанса да продолжат. Кон крајот на март парламентот ќе се распушти, а дотогаш власта треба да ги обезбеди гласовите на 80 пратеници за да добиеме преговори со ЕУ.

Заев вели дека ќе направи сѐза да обезбеди двотретинско мнозинство.

„Верувам дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство. Се надевам дека тоа ќе биде со консензус, но законот се носи со двотретинско мнозинство. Моја искрена желба е тоа да се случи со консензус. Ако не, ќе сторам сè да обезбедиме двотретинско мнозинство и за законот за јавно обвинителство и за секој од реформските закони во рамките на можностите. Можеби ќе успееме, можеби нема да успееме, но нема повредна работа во моментов, покрај квалитетот на животот на граѓаните, паралелно да ги отвориме поглавјата со ЕУ“, рече Заев.

Единствено нешто што договорија Заев и Мицкоски беше да се формираат работни групи кои ќе ги пеглаат разликите меѓу двете партии околу предлог законот за Јавно обвинителство. Преговорите за обезбедување на мнозинство од СДСМ ќе ги води министерката за правда Рената Дескоска, а од ВМРО-ДПМНЕ не соопштија.

Сите пратеници го имаат добиено предлог-законот, а власта ги очекува нивните забелешки. Велат дека ќе преговараат во обид да обезбедат двотретинско мнозинство без да се наруши квалитетот на законот.

Алијансата за Албанците, која беше дел од мнозинството на кое смета премиерот Заев, вчера соопшти дека нема да поддржи ваков закон. Сулејман Рушиди од Алијансата за Албанците вели дека е неприфатливо јавниот обвинител да го избира Советот на јавните обвинители затоа што, според него, така се политизира СЈО.

„Не може на овој начин да функционира ова обвинителство. Бараме СЈО да се избира со општ консензус, бараме СЈО да ги истражи сите предмети од бомбите до крај“, рече Рушиди и додаде дека Алијансата за Албанците смета дека СЈО не ги дало резултатите што ги очекувала јавноста.

Од независната пратеничка група, односно осумтемина пратеници кои го обезбедија мнозинството за уставните измени, велат дека сè уште не донеле одлука дали ќе го поддржат законот со кој се решава статусот на СЈО. Пратеничката Емилија Александрова ни изјави дека законот го разгледуваат и дека тој треба да биде донесен со консензус на политичките партии, како што беше донесено законското решение за формирање на СЈО. На прашањето дали тоа значи дека ќе гласаат за законот, Александрова вели дека првин ќе чекаат да видат што ќе договорат најголемите политички партии, па потоа ќе одлучат како ќе дејствуваат.

„Прво да видиме политичките партии да се договорат, ќе видиме какво законско решение ќе договорат и потоа ќе видиме како ќе дејствуваме“, вели Александрова.

Мандатот на Катица Јанева завршува на 15 септември оваа година, а според постоечкиот закон, тогаш им завршува мандатот и на обвинителите од нејзиниот тим. Исто така со стариот закон може да и се продолжи мандатот за една година, додека според новиот закон мандатот на Јанева ќе биде продолжен само за половина година, а потоа ќе има конкурс за избор на нов јавен обвинител.

И покрај ставот на власта дека нема да ги преминат црвените линии, сепак останува отворена можноста политичкиот пазар да ја уништи целта за која беше формирано СЈО, да ја донесе правдата. Поранешниот министер за внатрешни работи и долгогодишен политичар, Павле Трајанов, вели дека сите кадровски интервенции, законски ограничување, како и проширување на надлежности е политички пазар, политички договор кој може да резултира со блокада на СЈО.

„СЈО треба да продолжи да работи професионално, одговорно и транспарентно, треба да продолжи со целосен мандат како и досега, а единствено што треба да се направи е ограничувањето од 18 месеци, односно таа одредба да се избрише и да продолжи да работи со целокупниот мандат. Се друго е политички пазар, кој на крај може да резултира со блокада на СЈО, дали преку кадровски, законски ограничувања или проширување на надлежностите. Не може да има две обвинителства за организиран криминал. СЈО треба да продолжи да работи и да си ја заврши работата за која е формирано и да нема рок за поднесување на обвиненија“, вели Трајанов.

Според последната изјава на премиерот, власта имала обезбедено 68 пратеници, а како ќе се обезбедат останатите гласови засега е нејасно.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски