Митинзите не излегуваат од мода


Владејачката гарнитура и опозицијата го засилуваат присуството меѓу граѓаните пред историската референдумска одлука на 30 септември. Освен технолошко иновативните модели, тие и натаму прибегнуваат кон организирање митинзи, кои во западните земји, според познавачите, важат за веќе застарен тип комуникација со граѓаните.

Коалицијата „За европска Македонија“ го одржа првиот митинг во Штип повикувајќи ги граѓаните сплотено да ја преточат одлуката за евроатлантски интеграции со гласање „за“ на референдумот. Ден подоцна, во Кичево, митинг против референдумот одржа најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која и натаму нема официјален став за самиот чин на гласање. И двете страни не можеа да се пофалат со некаков посакуван одѕив. Граѓаните се заситени од митинзи, политичките субјекти не се „предаваат“.

„Митинзите во суштина се собири наменети за сопствените поддржувачи. Неопределените граѓани тешко се одлучуваат да дојдат на митинг. Сепак, во моментов и расположението во таборот на поддржувачите на двете страни варира до одреден степен“, вели комуникологот Петар Арсовски.

Затоа е потребно, според него, во кампањата, па и преку митинзи, максимално да се истакнат ефектите од она што досега е сработено и својата порака да им се пренесе и на „своите“, со цел да се осигура и нивната поддршка. „Згора на тоа, Македонија е мала земја, може да се поминат местата за кратко време. И тоа е една од причините што митинзите, кои во западните земји се веќе застарен модел на јавна комуникација, тука очигледно не губат на значење“, нагласува Арсовски.

Без оглед што станува збор за референдумско изјаснување по конкретно прашање, доведена е во прашање и политичката егзистенција на главните актери, со оглед на тоа што премиерот Зоран Заев изјави: „Доколку не успее референдумот, веројатно завршуваме со политиките овде“. Викендов шефот на дипломатијата Никола Димитров, пак, рече дека при неуспех на плебисцитарното изјаснување можни се предвремени парламентарни избори.

„Тоа е неминовно сценарио ако не успее референдумот. Под неуспешен референдум, со оглед на неговиот консултативен карактер, се подразбира резултат кој нема да направи доволен притисок врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат во парламентот за уставните промени“, смета Арсовски.

Иако нема дилеми дека влогот е огромен, одмерената и контролираната реторика е она што се забележува на стартот на поорганизираната кампања на коалицијата „За европска Македонија“, која вчера продолжи во неколку града.

Очигледно е, велат политичките посматрачи, дека владејачката гарнитура се држи до она што го најави – афирмативен, конструктивен пристап, посветен на конкретни теми, како што се гаранциите за идентитетот и јазикот што произлегуваат од договорот со Грција и позитивните ефекти кои треба да го донесат влезот во НАТО и ЕУ. „Има време за дневна политика, сега е време за обезбедување на иднината“, практично, е лајт мотивот на кампањата „за“.

Паралелно со кампањата на Владата, и Европската Унија води своја кампања со еден поинаков пропаганден ракопис и добро разработени фокусни групи. Делегацијата на ЕУ во Македонија завчера во Велес ја одржа првата од најавените панел дискусии низ осум града во земјава. Голем дел од дебатата беше посветена на животната средина и како Европа го решава тој проблем, со оглед на тоа што Велес е еден од најистрауматизираните градови по тоа прашање. Поголем дел од дебатите ќе бидат посветени на земјоделството со прикажување на конкретни споредбени податоци за развојот на оваа гранка, меѓу кои и тој дека во земјите кои станале членки на профитот на земјоделците се зголемил до 70 отсто.

„Средбите со граѓаните се организираат од две причини. Првата е разговор со граѓаните во врска со придобивките од влезот во ЕУ, а втората е дека ЕУ сака да ги слушне граѓаните околу нивните потреби и проблеми што ги засегаат“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој денеска е гостин во Прилеп.

Другата страна поставена против референдумот, пак, не внимава како да се избегне опасноста од радикализација на јавната сцена. ВМРО-ДПМНЕ, освен што ги критикува штетните потези на Владата, кои, како што велат, сакаат да ги затскријат со референдумот, барем засега користи поостра реторика. Продолжува, практично, трендот на лепење етикети на политичките противници – од предавници до криминалци. Опизицискиот лидер Христијан Мицкоски, на митингот во Кичево, како што беше забележано, повеќе го спомена премиерот Зоран Заев – десет пати, отколку себеси – седум пати. Во неговиот говор доминираа критики на работата на Заев и неговите блиски соработници, нарекувајќи ги „криминалната врхушка“.

Во меѓувреме, засилена кампања, пред сè на социјалните мрежи, водат и групите што повикуваат на бојкот на референдумот. Викендов, како што беше објавено, тие објавија видео со рап-песна чиј автор е потпишан како Бизи. Во песната се употребуваат зборови како Јуда, гнида, душман, а во сценографијата, пак, има крстови, пиштоли, знамиња од Вергина. Дел од политичките набљудувачи сметаат дека реториката на одредени структури ќе се заострува како ќе се приближува референдумот, но дека тие, сепак, немаат сила да го нарушат предреферендумскиот амбиент.

Наум Котевски