Милошевиќ и Туѓман се враќаат


Љупчо Поповски

Во еден драматичен балкански круг со креда двете држави, кои беа моторот за крвавите војни при распадот на Југославија, се вратија онаму каде што изгледа најдобро се чувствуваат – во 1990-тите години. Во нивната националистичка сага, во нивните митови, во нивното неразбирање на Европа, во нивната исклучивост, во нивната балканска крчма. На прв поглед директните поводи за она што се случува во Србија и Хрватска се двете пресуди во Хаг – доживотниот затвор за Ратко Младиќ и 111-те години за шестемина од „Херцег-Босна“ (и спектакуларното самоубиство на Слободан Праљак), но настаните се одвиваат уште од пред тоа. Во Србија оваа „носталгија“ за деведесеттите почна откако Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ ја презедоа власта и го контролираат општеството, а во Хрватска со доаѓањето на Андреј Пленковиќ на чело на владата и повторното избувнување на неконтролираните националистичките пориви во ХДЗ.

Неодамна „Њујорк тајмс“ објави еден одличен текст под наслов: „Српскиот бренд за помирување: Прегрнување на старите воени злосторници“. Тој наслов ја објаснува целата суштина на она што се случува во Србија оваа година. Како што Трибуналот во Хаг се ближеше кон последните месеци од својата работа, така обвинувањата за неговата работа во Белград и Загреб растеа со геометриска прогресија. Една од главните цели на Трибуналот за поранешна Југославија беше да го поттикне помирувањето на Балканот и да го обезбеди казнувањето на оние што извршиле најтешки злоупотреби на човековите права и учествувале во злосторства против човештвото. Во Србија има чувство дека Хаг им пресудува само на српските политичари и генерали (притоа отфрлајќи секаква вина за колежите во Босна и војните во Хрватска), додека во Загреб мислат дека на „хероите од татковинската војна“ никој нема право да им суди за нивниот патриотизам, па макар направиле и злосторства.
Притаеното враќањето кон националистичките времиња од 1990-тите во Србија почна уште со устоличувањето на Александар Вучиќ за неприкосновен лидер на земјата по раскинот со Воислав Шешељ. Вучиќ сака да се заборават неговите денови кога беше министер за информирање во владата на Милошевиќ за време на бомбардирањето на НАТО во 1999. Тоа не беше осамено враќање, туку Вучиќ загосподари со политичката сцена во триумвират со Томислав Николиќ и Ивица Дачиќ. Во Србија сега се случува вистинско стампедо на враќање на кадрите на Милошевиќ во државните структури и во високите ешалони на Социјалистичката партија на Дачиќ.

Надвор од реакциите по пресудата на Ратко Младиќ, која Вучиќ ја оцени како „неправедна“, но сепак повика српскиот народ да гледа во иднината „и да не рони солзи за минатото“, еден настан посебно го одбележа отвореното кокетирање со времињата на Милошевиќ. Генералот Владимир Лазаревиќ, најодговорен за етничкото чистење во Косово, сега се претставува како херој од највисок ранг. Лазаревиќ беше осуден на 14 години затвор во Хаг за злосторства против човештвото, но одлежа две третини од казната и беше ослободен во 2015 година. Кога доаѓаше на аеродромот во Белград му беше приреден дочек како што им прилега на „херои“: двајца министри, шефот на српската војска и други високи функционери. Лазаревиќ беше претставен како човек кој го отслужил долгот кон татковината, па макар тоа било и во затвор за злосторства против човештвото. Во октомври Лазаревиќ беше повикан во Воената академија да им одржи предавање на питомците насловено „Хероизмот и хуманоста на српските војници во нивната одбрана против НАТО-агресијата“. Министерот за одбрана, Александар Вулин (некогаш близок соработник на Мирјана Марковиќ во ЈУЛ), претставувајќи го Лазаревиќ, изјави дека нацијата треба да се гордее со ветераните како него и го опиша генералот како најхрабриот од храбрите.
Во Брисел не можеа да им веруваат на очите. Од кабинетот на високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, изјавија дека Србија мора да ги почитува европските стандарди, а не да поставува за предавач на Воената академија човек осуден за воени злосторства. Српската премиерка Ана Брнабиќ се обиде да ја минимизира ваквата реакција оценувајќи дека предавањето на генералот Лазаревиќ не е ништо посебно ако се земело предвид сѐ што се случува во регионот. „Разбирам што рекоа, но ова е само капка во морето“, потсетувајќи на ослободителната пресуда на босанскиот офицер Насер Ориќ и како што рече „Лазаревиќ доброволно замина во Хаг, ја доби пресудата, ја одлежа казната и денес е слободен човек“. Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, беше лаконски брутален пишувајќи на српски јазик на Твитер: „За жал, месеците работа да се подобри сликата за Србија во САД може да се поткопаат само со една изјава“.

Случајот на Владимир Лазаевиќ не е осамен. Тој е еден од тројцата српски воени злосторници кои се искачија на политичките скалила тестирајќи ја довербата на ЕУ со тврдењата на Вучиќ дека Србија сака да ги прифати вредностите на западната демократија. Вториот висок случај е Никола Шаиновиќ, близок соработник на Милошевиќ и поранешен премиер на Србија и вицепремиер на СР Југославија. Тој во 2003 година му се предаде на Трибуналот во Хаг и беше осуден на 22 години затвор за систематска кампања на терор и насилство против албанското цивилно население. Подоцна казната му беше намалена на 18 години, а од затвор излезе во август 2015 година. Само десет дена подоцна беше именуван за член на главниот одбор на Социјалистичката партија. Неодамна, политички напредуваше – беше поставен за член на претседателството на партијата. Додека активистите за човекови права и независните аналитичари предупредуваат дека Србија си игра со оган, шефот на СПС и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, одговара: „Шаиновиќ тоа го заслужи бидејќи достојно ја бранеше Србија во Хаг“.
Третиот, поранешниот армиски офицер Веселин Шљиванчанин, кој во Хаг беше осуден на 10 години затвор поради одговорноста за смртта на повеќе од 200 хрватски заробеници на свинската фарма во Овчара кај Вуковар во 1991 година, сега е регуларен посетител на настаните што ги организира Српската напредна партија на Вучиќ.
Во стампедото на кадрите од времето на Милошевиќ на сцената се врати и поранешниот генерален директор на РТС кога таа ги поттикнуваше граѓаните на војна, Милорад Вучелиќ. Тој е именуван за вршител на должноста главен и одговорен уредник на „Вечерње новости“. Поранешниот функционер на ЈУЛ, Милован Боиќ, кој беше министер за здравство за време на Милошевиќ, сега е именуван за директор за Институтот за кардиоваскуларни болести на Дедиње. Премиерката Брнабиќ летоска го постави Горан Триван (едно од истакнатите лица на СПС за време на Милошевиќ) за министер за заштита на човековата околина.

На воените злосторници сега им се придава улога што треба да се следи, не само во Белград туку и во Загреб. Пресудата за шестемина од „Херцег-Босна“ и самоубиството на Слободан Праљак предизвикаа таква националистичка лавина во Хрватска што на неа се качи и премиерот Андреј Пленковиќ изјавувајќи дека пресудата била неправедна. По острите реакции од Европа (медиумите пишуваа дека тој е единствениот премиер во ЕУ кој поддржува злосторници), требаше да се повлекува и да соопшти дека владата ја почитува пресудата на Хашкиот суд.

Но тоа изгледаше само како тактичко повлекување пред европскиот гнев. На комеморацијата за Слободан Праљак во големата сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб осудените воени злосторници беа славени како херои. На комеморацијата беа и двајца сегашни министри – за одбрана и за бранителите. Градскиот превоз бесплатно ги носеше луѓето на комеморацијата. Зборовите што беа кажани речиси да ги надминуваа сите историски личности. Синот на Фрањо Туѓман, Мирослав, кој е и пратеник, го исплука Хашкиот суд и Праљак го нарече „човечиште на кого никој не му рамен“. Судењето во Хаг го оцени како „театар на апсурдот“ и „изрежирана претстава“. Некогашниот Туѓманов министер за одбрана, Павао Милјавац, зборуваше дека Праљак бил генерал кој ја бранел татковината и бил пример до последниот момент на својот живот. Познатиот актер, Звонко Витез, го нарече Праљак „хрватски маченик“.

На комеморацијата забележително беа отсутни тројцата славни генерали од војната, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, иако лежеа заедно со Праљак во Хаг. Целиот настан потсетуваше на почетокот на ХДЗ во 1990 година во истата сала „Лисински“. Дури и многу исти лица беа во салата како и тогаш. Поранешниот новинар и пратеник Ненад Стазиќ вели дека оваа комеморација покажала оти Хрватска кон Татковинската војна почнала да се однесува како кон Библија поради диктатот на власта. Дека не треба да се доведува во прашање ни карактерот на војната, ни злосторствата што ги направија хрватските војници, ни моралните прашања. „За да можете мирно да живеете денес во Хрватска, без сомнение морате да бидете Хрват, но и тоа не ви е доволно, морате да бидете и бранител и член на ХДЗ“.