Мерцедесот сепак ќе оди на аукција
Симболот на нетранспарентното трошење на нерационалните расходи што ги правеше поранешната влада „мерцедесот“ по вчерашната одлука на Владата, ќе оди на јавна лицитација со почетна цена од 230.000 евра, информираше денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Аукцијата, како што појасни, ќе се врши по електронски пат.
Во однос на спроведување на високите гости кои доаѓаат во Македонија, Бошњаковски рече дека тие ќе се обезбедуваат како и досега, со највисоки безбедносни стандарди и оти нема да има никаква разлика по продажбата на „мерцедесот“.
Возилото беше набавено во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, и како што беше објавено во „бомбите“, за него биле платени околу 600 илјади евра.
За набавката на „мерцедесот“, СЈО отвори предмет „Тенк“ за кој се води постапка пред Кривичниот суд. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.