Марковска: Криењето на Мицкоски е непримерно и потценувачки


ВМРО-ДПМНЕ во вака деликатен момент не смее да остане надвор од политичките случувања. Недозволиво и крајно неодговорно е политичка структура со таков габарит да нема свое мислење во однос на самиот историски чин на гласање на референдумот, го објаснува поводот на писмото кое до јавноста го упатија основачите на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Љупчо Георгиевски и Гојко Јаковлески, а зад кое застанаа бивши високи партиски членови и функционери, членот на првиот парламентарен состав Ѓулистана Марковска.

Иако тие ги повикаа граѓаните на 30 септември да гласаат „за“, Марковска нагласува дека главната поента на референдумското изјаснување е тоа да биде што помасовно, за конечно, како што вели, да дојде до израз и размислувањето на оние што се против договорот.

„Доколку таквиот став биде доминантен при плебисцитарното изјаснување, тогаш тоа повлекува други консеквенции, нови избори… евентуален пад на Владата… Мое мислење е дека ВМРО-ДПМНЕ требаше цврсто да застане зад сеопфатен референдум, облигаторен, бидејќи тоа е највисокиот демократски механизам со активна партиципација на граѓаните при носењето важни државни одлуки“, вели Марковска.

Според последните информации од ВМРО-ДПМНЕ,  утре треба да се одржи состанок на извршниот комитет на партијата на кој би требало да се утврди конечната позиција околу референдумот. Со конечен став, наводно, не била удостоена ниту канцеларката Ангела Меркел, која во саботата имаше 20-минутна средба со лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Ваквото поведение, за Марковска, е надвор од секаква политичка логика. „Непримерно и потценувачки е да се криете зад датуми за објава, консултации. Многу одамна требаше да биде познат партискиот став, а потоа граѓаните кои имаат суверенитет ќе одлучат по сопствено убедување“, вели Марковска.

Таа беше дел од реформаторското крило во ВМРО-ДПМНЕ, кое по крајот на ерата на долгогодишниот лидер Никола Груевски и доаѓањето на Мицкоски на чело на партијата се залагаше, меѓу другото, и за нов демократски партиски статут. Не беше заинтересирана за партиска функција, па за разлика од некои нејзини колеги остана на дистанца од телата и од органите на партијата кои учествуваат во креирањето на партиската политика.

„За жал, со новиот статут практично се легализира централизацијата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега ќе биде полошо од времето на Груевски. Наместо предлозите за членови на партиските тела да излегуваат од месните комитети, односно од базата, сега за тоа ќе решава претседателот. Она што фрапира е одредбата дека избраниот функционер ќе си поднесе оставка или, пак, ќе биде разрешен ако искаже мислење поинакво од партиското. Ова значи дека пратениците и официјално стануваат гласачка машина. Зошто тогаш има пратенички листи на избори“, прашува Марковска.

Покрај Марковска, Георгиевски, Јаковлески меѓу потписниците на писмото до јавноста се и Димитар Димитров, Љубе Бошковски, Горан Рафајловски, Љупчо Балковски…За нив договорите со Бугарија и со Грција значат промоција на земјата во рамноправна сосетка и членка на НАТО и ЕУ, со регионално и меѓународно признаен македонски идентитет и јазик. „Тие значат поврзано национално и регионално помирување, безбеден и отворен простор за инвестиции, за соработка и комуникации. Со тие договори, Македонија од предмет на манипулација, од монета за поткусурување, се издигнува во промотор на врвни европски вредности. Меѓународни експерти и политичари ги истакнуваат како пример за решавање на спорови меѓу држави“, стои во писмото на основачите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, учеството и чинот на изјаснување по прашањето „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот со Грција“ на претстојниот референдум е директно и природно продолжение на првиот референдум од 8 септември 1991 година.

„Со тоа се довршува конечното меѓународно етаблирање на нашата татковина“, велат основачите на најголемата опозициска партија во Македонија. Тие наведуваат дека се свесни за историската важност за прифаќање на договорот со Грција посебно, како што велат, во овие моменти кога сме крстопатот. Потенцираат дека сонот на нашата земја, уште од првото утро на независна Македонија, е зачленување во ЕУ и НАТО.

Наум Котевски