Мал отчет на Владата пред Нова година


Ѓорѓи Спасовски

За помалку од седум месеци, откако е формирана новата влада, во Македонија се сменија многу работи:
Прво. Македонија се отвори кон светот и кон соседите. За Македонија денес во светот се говори како за земја која има реформски ориентирана влада, која заслужува меѓународна поддршка за членство во НАТО и во ЕУ и за лидери кои со својата политика и говор го менуваат политичкиот амбиент на Балканот. Македонија од формирањето на владата до денес го смени својот лик од проблематичната земја на Балканот во добар пример на земја која може да даде можност за откочување на процесот на проширувањето на ЕУ и на НАТО со нови членки, а со тоа и трајно да се стабилизира регионот. И тоа не е малку.
Второ. Граѓанскиот концепт на СДСМ и на Заев за Македонија, како едно општество на рамноправни граѓани, кој го имплементира и Владата, доведува до решавање на нерешени прашања од сферата на меѓуетничките односи без предрасуди и со голема храброст. А со тоа се јакне внатрешната стабилност и социјалната кохезија.
Трето. Судството во Македонија ја зема правдата во свои раце. Можеби бавно се одвиваат судските реформи, но им се суди на лицата кои сториле криминал, се надминува политиката на неказнивост која постоеше долго во Македонија и се отстрануваат сомневањата дека никој за ништо нема да одговара.
Четврто. Денес малкумина веруваат дека некој ќе си дозволи нелегално да ги прислушува граѓаните и во тек се промени кои ќе гарантираат дека тоа веќе нема да се случува.

Петто. Во сите сфери од општеството се запрени непродуктивните трошења за изградба на споменици, панорамски тркала, барокни фасади и за пропагандни филмски проекти. Ставен е ред во исплатата на субвенциите за земјоделството, направена е ревизија и изготвен план за завршување на автопатиштата и на другите инфраструктурни проекти во земјата.
Шесто. Веќе и не забележуваме дека исчезна пропагандата од медиумите низ која се ширеше омраза кон неистомислениците. Ја нема пропагандата која, на дневна основа, измислуваше надворешни и внатрешни непријатели, која нѐ делеше на патриоти и предавници и која можеше да испогани секого во секое време без било каква причина. Ни се чини нормално што сегашната влада не троши милиони евра за корумпирање на медиумите и своја пропаганда, и што постои слобода на медиумите.
Седмо. Македонија доби нова локална власт, формирана првпат со помош на предизборни меѓуетнички коалиции, која нуди не само повисока меѓуетничка соработка и стабилност во општините, туку и повисок степен на транспарентност, отчетност и спречување на корупција.
Осмо. Македонија ги избегна масовните отпуштања од работа и политичкиот реваншизам по промената на власта што беше одлика на поразениот режим, Владата успева да кохабитира со претседателот Иванов, а прави напори и опозицијата да биде вклучена во реформските процеси.
Деветто. Укинато се екстерните испити заради кои се протестираше, запрени се проблематичните реформи во високото образование со кои се укинуваше автономијата на универзитетот, укинати се дисперзираните студии, се работи врз подобрување на квалитетот на образовните програми, учебници и институции.
И десетто. Се зголеми најниската плата на 12 илјади денари, се реши проблемот на стечајците, се наоѓа решение за проблемите на ранливите категории граѓани, зголемени се платите во армијата и во низа други области, а просечната плата е зголемена за 4.7 отсто, што е најголемо зголемување во последните 7 години.
И секако, дека сето тоа не е доволно. Не е доволно ниту тоа што по една јавна критика на важен државен орган како ДИК, сите негови членови си поднесоа оставки, што беше незамисливо пред промените на власта.
Во Македонија по 11 години режим се создадоа големи очекувања и се дадоа големи ветувања. Но, тоа и не треба да биде причина за толку брзи разочарувања.
Критиката на власта денес се смета за конструктивен придонес кон демократијата и критичарите се добредојдени а не прогонувани и дискредитирани. Јасно е дека има многу незадоволни граѓани од кадровските решенија за некои позиции во власта и од бавноста во исправањето на некои неправди.
Но има и поединци кои сосема неосновано тврдат дека баш ништо не е направено. Затоа Заев требало малку да заборави на надворешната политика и да им се посветел на домашните проблеми. Да се врател во земјата и да видел што му се случува бидејќи веќе работите тргнале во погрешна насока.
За жал, Откако на Владата ѝ беше препорачано „повеќе работа а помалку ПР“, како да заборави дека е должна да ги предочува систематски фактите за својата работа и дека мора да биде способна во демократска дебата да се одбрани од неоснованите критики кои го формираат јавното мислење за неа.
Службата за односите со јавноста на Владата не смее да се сведе на министерство за отчетност и транспарентност бидејќи тоа е работа на секое министерство, а не на некое посебно. Таа служба треба да ги менаџира, на високо професионално ниво, односите на Владата со клучните јавности дома и во странство. Да ги менаџира односите со медиумите. Да се занимава со кризен менаџмент и со брендот на Владата. Таа не е пропагандист на Владата, кој има за задача да ја разубавува сликата за неа во јавноста, ниту некакво министерство на вистината кое име задача да соопштува, регулира и контролира, туку мора да биде високопрофесионален сервис, кој, врз основа на систематско следење на реакциите од јавноста, истражувања, анализи и научно проверени факти, сугерира промени на политиките, однесувањето и комуницирањето на Владата и на владините функционери во согласност со дадените изборни ветувања и во согласност со предвидливите очекувања. Таа е докторот што решава проблеми. И мора да биде способна за точна дијагноза, но и за препишување терапија. Секако, под услов пациентот да почувствувал дека тоа му треба и дека сака да се менува.