Малата слика
Петар Арсовски
Најголемиот дел од анализите што се фокусираат на проблемот со името можат да се поделат условно во две категории. Едните, кои велат готова е работата, и едните кои велат нема шанси. Мислам дека постојат неколку логички грешки што се врзуваат за двата пристапа.
Првата грешка е дека тежината на ситуацијата, горливоста на проблемот и мрачните алтернативи некако влијаат на разрешницата. Точно е дека доколку не се разреши овој децениски проблем Македонија и регионот ќе се придвижат во драматично погрешна и полоша насока. Но тој факт никако не ја зголемува веројатноста за добро решение за името. Втората грешка е да се претпостави дека поради фактот што, како што велат официјалните информации, сме разрешиле 80 отсто од точките на несогласување, дека останатите 20 отсто ќе одат брзо. И тоа е исто така погрешна аналогија. Прво, последните 20 отсто од решението може да изискуваат 80 отсто од напорот, и меѓусебната поврзаност на решенијата може да ја потврди дипломатската парадигма дека додека не е договорено сѐ, како да не е договорено ништо. Оттаму, не треба да се претерува со оптимизмот.
Од друга страна, оние кои велат дека од решението нема ништо, забораваат дека јавноста во Македонија е релативно уморна од проблемот и релативно подготвена за компромиси, а дека јавноста во Грција (со исклучок на северниот дел од земјата) е релативно неинформирана и само површно заинтересирана, па така, доколку постои политичка волја, има простор за пробив.
И така, додека течат геостратегиските преместувања, остануваат домашните прашања. Првото е, дали ќе опстои коалицијата СДСМ ДУИ ако има посериозни проблеми во донесувањето на законот за јазици. Јас мислам дека ќе биде многу тешко во овој момент да се растури таа приказна, особено што кај поголемиот дел од јавноста најголем виновник за таквиот распад би излегол ДУИ. Заев засега изгледа фер: ги покажува сите знаци дека е подготвен да го протурка овој закон кој излегува од политичката потреба на неговиот коалициски партнер, но проблемот во моментот е неподобната политичка динамика. Притоа, обидот кој СДСМ го направи за консензус со ВМРО-ДПМНЕ реално прави јавноста да е убедена дека Заев направил сѐ што можел по тоа прашање, и загрозувањето на коалицијата секако би било протолкувано како политичка разгаленост на ДУИ, и можеби дури и од нивните сопствени гласачи кои сѐ уште сметаат дека е поважно да се реши проблемот со името (каде што Заев е најмногу и фокусиран) одошто да се донесе законот за јазици.
Втората дилема е дали Заев испорачува доволно за да ја задржи својата политичка позиција и капитал, имајќи предвид дека долгото политичко лимбо промптно ги активира амбициите на партиите за ново парламентарно мнозинство или предвремени избори. Јас мислам дека Заев е сѐ уште во добра позиција, барем релативно. Односно, да бидам попрецизен: Заев се соочува со разочарување и полоша политичка ситуација отколку пред локалните избори, но ВМРО-ДПМНЕ е во уште полоша ситуација, со разнишана партиска база, со дел од членството кое е под напад на структури подесно одошто новото партиско раководство, со нарушен имиџ, неконсолидирано раководство и незавршено ребрендирање. Оттаму, не верувам дека на Заев може да му се случат некои поголеми политички изненадувања во блиска иднина. Напротив, мислам дека ситуацијата, барем од авторитарно политички карактер, му е под контрола. Неговиот најголем проблем се неговите сопствени поддржувачи, кои, за волја на вистината, не се задоволни од брзината на имплементацијата на промените, но на крај на памет не им паѓа да гласаат за друга опција, ако дојде стани-падни.
Затоа, во моментов, најпроблематични во политичка смисла се тврдењата дека се уште е активна врската помеѓу политиката и подземјето, дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да создаде мрежа на доушници и саботери во рамки на институциите, како и дека странски сили се активирани посериозно во обид да ја спречат разрешницата за името и пробивот кон евроатлантските интеграции.
Тоа е она кое на вистински начин треба да не загрижува, бидејќи покажува дека сме повторно во фокусот на некакви прекршувања помеѓу Вашингтон и Москва, што за нас е секако проблематична вест, имајќи предвид дека по сѐ изгледа интересот на Москва за регионот е посилен. Прашање е дали интересот на САД ќе се разбуди доволно брзо и на доволно високо ниво, за да може да интервенира во овој „фотофиниш“.
Домашните турбуленции и превирања се, во суштинска смисла, нормални. Треба да очекуваме дека систем кој бил потиснат на погрешен начин во текот на последната деценија нема да се смени преку ноќ, а дека претходните корумпирани и клиентелистички структури и тоа како ќе даваат отпор кон промените. Ова не треба да не загрижува премногу, зашто тој отпор, сѐ додека постои, значи дека работите се движат во вистински правец. Јас би се загрижил кога опозицијата ќе се стиши, што би значело дека нема напредок. Тогаш би имало вистинска опасност дека, гледајќи го големиот пејзаж, може да нѐ зезне малата слика.