Македонците се новите Евреи


Ерол Ризаов

Ќе го изгубиме ли патот во сопствениот двор. Можно ли е на очиглед на сиот свет на една педа напатена балканска земја да изградиме лавиринт во кој ќе се вртиме во круг до исчезнување, како што се природните закони за секоја самоизолација. Еден ден тие што не сакаат да бидат оградени ќе ја урнат и оградата, ама и шталата. Уште кој треба да дојде да ни го покаже патот кон иднината и прогресот, кој го знаеме и здушно тврдиме дека сите имаме иста цел: европеизација на Македонија. Секојдневното укажување на светските државници и нивната поддршка на тој пат може да биде и навредливо ако навистина не ја земеме предвид трагиката на овој народ низ вековите дека му е поблиска и поприфатлива определбата да биде страдалник и жртва отколку победник.

И додека ми се вртеа во глава имињата на познати авторитети на кои може да им поверуваат нашите проповедници на светските заговорници против библиската земја одговорот стаса директно од познатиот и уважен македонски поет Ефтим Клетников. Писателот вели Македонците се новите Евреи. Потстанав од место. Брзо се штипнав да не сонувам… Не е сон, на јаве е. Клетников во живо зборува како Мојсеј пред Евреите. Европа и светот се фашистите кои сакаат да го уништат македонскиот народ. Геноцидот на идентитетот кој се подготвува врз Македонците бил пострашен од физичкиот геноцид… Го слушам човекот, кој веројатно го има и во учебниците и го учат децата, и не ми се верува. Зборува како да ги чита стариот и новиот завет во црква, а не на телевизија. Навидум спокојно, но воздишките и паузите меѓу тешките зборови ја кажуваат неговата голема загриженост за опасноста дека Македонците ќе исчезнат ако го прифатат Договорот со Грција, што е многу пострашно од судбината на Евреите, бидејќи, ете, тие и ден денес опстојуваат и тоа добро, бидејќи си го сочувале идентитетот. Нив фашистите не можеле да им го земат идентитетот пред да ги задушат во гасни комори, а нас ќе ни го земат оти имаме домашни предавници, поточно оти власта во спрега со НАТО и ЕУ ни е најголемиот непријател.

Ме вџаши таа месијанска телевизиска улога на Клетников додека не го слушнав преданието како свети Павле лутал по светот додека не стасал во Македонија. Еден глас кога стасал на некое парче земја, не запамтив чиј и каде, му кажал оди понатаму. Павле тргнал понатаму. Одел, одел… кога му се јавил лично Господ и му рекол оди уште понатаму. Одел, одел… кога на крај му се јавил Македонецот и му рекол: оди во Македонија. И така свети Павле стасал во Македонија. Не во Грција, не во Србија, не во Бугарија, туку право во Македонија. Така пишувало во оригиналното издание на Библијата која Клетников ја прочитал, но потоа непријателите ја фалсификувале и место Македонецот напишале дека на свети Павле му се јавил човекот од Македонија…

Разбрав што е работата со човекот на екранот и го изгасив телевизорот. Ова беше премногу тажно и за мене, иако одамна сум отрпнат на разни претсказанија и страданија на кои ќе бидеме изложени пред страшниот суд ако останеме на 30 септември 2018 точно во 19 часот без идентитет, да не знаеме кој сме и што сме.

Ова е предупредувањето за страшниот суд ако скршнеме од патот на Господ и на свети Павле, според новото евангелие по Клетников. Другите просветленија на народот македонски доаѓаат од универзитетски просветители, академици и потписници на петиции кои правно и научно кажуваат колку е штетен договорот со Грција и колкава е неправдата што му ја прават западниот свет и домашните предавници на македонскиот народ. Не, не исто. Едното е господова и библиска клетва до неверниците, а другото световна и научна. Така црквата и науката по различни патишта доаѓаат до ист резултат во Македонија, што е уште едно големо чудо и потврда дека голема опасност се надвиснала над Македонија. Готово е со македонскиот народ ако го прифати договорот со Грција, велат загрижени научници за идентитетот.

За голема среќа решението е многу лесно. Треба само да се отфрли договорот со Грција, а патем автоматски и со Бугарија. И остануваме свои на своето, било антички, било македонски Македонци. Уставот тоа го гарантира.

А, како и кога ќе влеземе во Европа, тоа веќе за нив не е научно, туку политичко прашање. За такви ситни детали нивната наука, прво и правда не расправа. Кога на 1 октомври ќе се разбудиме со истиот идентитет како и пред Христа и по Христа, професорите кои ни ги учат децата и народот да опстојат на правдата и правото, сиромаштијата и заостанатоста ќе бидат горди на своето грандиозно достигнување. Ако резултатите од нивната мисија бидат урнати пред една друга историска закономерност да се оди напред и во прогрес, во Европа каде што и е местото на Македонија, заедно со целиот Балкан, тие веднаш ќе се повлечат зад своите институции, лаги и титули и ќе ги пуштат нивните жртви да прогласат фалсификат. Нивните научни достигнувања за изгубениот идентитет ќе се проверат на најдобар начин низ одржливоста на договорите со соседите и со членството во ЕУ и во НАТО. Тогаш сите ќе бидат за Европа, како и сега. Затоа тие немаат одговор на едно обично банално прашање како да се стигне до целта без отстапки и компромис. Дефинитивно, овие луѓе го изгубиле патот во својот двор.