Македонска „даночна теорија на релативност“
Анета Димовска
Осум години по смртта на Алберт Ајнштајн во 1963 година, Лео Матерсдорф, негов даночен советник во писмо за „Time magazine“ раскажува како за време на ручекот во домот на физичарот во Принстон низ насмевка Ајнштајн изјавил: „Најтешката работа на светот е да се разбере данокот на доход.“ Матерсдорф одговорил дека даноците се лесни за разбирање, потешко од данокот на доход е да се разбере Теоријата на релативноста. На ова Ајнштајн искоментирал: „Да, за вас!“
Даноците се важни. Даночните обврзници не мора да знаат детали за постапките на оданочување, но треба да чувствуваат должност и обврска со свои средства да придонесуваат во извршувањето на функциите на државата. Значи, да се подготвени да жртвуваат дел од својот доход за колективно добро.
На 1 јануари 2007 година, Македонија стана единаесетта источноевропска земја која воведе рамен персонален данок на доход и данок на добивка. Даночните стапки на персонален данок се намалија и израмнија од 15,18 и 24 отсто на 12 отсто во 2007 година, па на 10 отсто во 2008, а со иста динамика се намали и законската стапка на данокот на добивка од претходни 15 отсто. Целта беше да се поедностави даночниот систем и да се подобри инвестициската клима во земјата за домашните и странски инвеститори.
Дел од експертите тогаш сериозно беа загрижени за ефикасноста на предвидените мерки и тврдеа дека истите ќе предизвикаат негативни фискални импликации. Но, во услови на поедноставен систем и помали стапки граѓаните на Македонија без проблем дополнително „жртвуваа“ дел од својот доход за колективното добро, па уште првата година (2007) приходите од персоналниот данок се зголемија за 5,7 отсто, а приходите од данокот на добивка за 25,3 отсто. Со овастана беспредметна понатамошната дискусија за фискалните импликации.
Рамните и намалени даноци ги намалија трошоците за работна сила и за бизнисот, растеа инвестициите, растеше стапката на вработеност, се намали евазијата. Приходите од персоналниот данок на доход во континуитет растеше (69 отсто пораст, односно од 8,4 во 2006 на 14,2 милијарди денари во 2016 година). Така, реформата што пред да започне да се спроведува дел од експертите ја осудија на пропаст, од дистанца од една деценија е пример за ефикасност.
Денес, во голем дел истите експерти што тогаш се грижеа за ефикасноста, се загрижија за праведноста на вака поставениот систем. Веројатно водени од идеите од крајот на 19 век, а претставени во Манифестот на Маркс и Енгелс , предлагаат воведување на дополнителна стапка од 18 отсто на персонален данок на доход. Нејасно е како е утврдена истата, ниту над кој праг на приход ќе се применува, но извесна е намерата да се применува од 2019 година, како и нивното уверување дека ова ќе ги исправи неправдите и ќе доведе до редистрибуција на доходот.
Веќе со првите предложени мерки во Законот за персонален данок на доход приказната за праведното оданочување избледе. Се укинуваа досегашното ослободување од оданочување на приходите од сопствени земјоделски производи до 300.000 денари, а паралелно се ослободуваат од оданочување надоместоците за трошоци за сместување и превоз за лица кои се учесници или ангажирани на настани организирани од невладини организации, синдикати и лица кои не се вработени кај исплатувачот, а се ангажирани кај него.
Даночната политика е резултат на економската борба меѓу класите, партиите и статусните групи, а даночните закони се инструмент за промовирање на економските и социјални политики во државите. Така било, така и ќе биде.
Но, во нашиов случај загрижува тоа што борбата за поголемо оданочување на побогатите започна со воведување на данок на најсиромашните земјоделци (6.000 денари годишно) и со ослободување од данок на најчесто добро платените експерти. Со ова се релативизира заложбата за правично оданочување и заштита на пониските општествени слоеви, па се поставува прашањето дали воопшто креаторите на политиката имаат развиен концепт, макар и да почивал на идеологија. Веројатно не…
Во практика, прогресивно, со повисоки даночни стапки, но и со многу даночни олеснувања и ослободувања се оданочува доходот во развиените економии. За економски помалку развиените земји, кои имаат проблеми со невработеност, недостиг од инвестиции и помал административен капацитет, ниските и рамни даноци на доход, со мали даночни олеснувања и ослободувања се уште се најсоодветни. Македонија е во втората група на земји.
Најавеното прогресивно оданочување со персонален данок на доходот во Македонија може да доведе до серија нарушувања и ефекти што ќе ги поништат позитивните придобивки од маргиналното зголемување на данокот. Прво, повисоката даночна стапка може да предизвика намалување на нето платите и губење на мотивацијата за работа, зголемување на трошокот за работна сила на работодавачот, намалување на неговата конкурентност и реална загуба на работни места. Второ, ќе предизвика зголемување на даночната евазија, зголемени трошоци за администрирање на данокот и намалување на приходите во буџетот.
За македонски услови многу е важно да не се зголеми трошокот за работната сила. Така, ако за креаторите на даночната политика императив е праведноста, треба поостро да се оданочи приходот од капиталот во форма на депозити, акции, удели, недвижен имот, како и самиот имот, за сметка на приходите од трудот (платите и приходите од вршење на самостојна дејност).
Данокот на доход беше тежок за разбирање дури и за Ајнштајн, но затоа ние сме во целост подготвени принципите на неговата теорија на релативност да ги примениме во нова, автентична, македонска даночна теорија на релативноста. Така, кај нас секогаш ќе биде оправдано два едновремени настани во даночната област да не се едновремени за различни набљудувачи, ако истите се во релативно движење.Судот за оправданоста на теоријата ќе го дадат македонските даночни обврзници, на овој простор за некое време.
Авторот е поранешен државен секретар во Министерството за економија и даночен експерт