Кривична пријава за директорот на МРТ
Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување е поднесена против директорот на Македонската радио телевизија М.Ц. кој во 2016 година склучил договор со фирмата „Аналитика“ за електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на Македонија.
Освен за директорот на МРТ, кривична пријава има и за Г.С (56) кој бил застапник на фирмата „Аналитика“.
Од МВР појаснуваат дека директорот М.Ц, и покрај укажувањата од Комисијата за јавни набавки на МРТ дека треба да се прифати намалената единечна месечна цена од 87.637,50 денари што ја понудила „Аналитика“ наместо почетната единечна месечна цена од 175.000 денари, сепак склучил спогодба за јавна набавка на услуги со вкупна вредност од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ, односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ.
– М.Ц и Г.С. на 29.07.2016 година склучиле „Рамковна спогодба за јавна набавка на услуги“ со вкупна вредност на истата од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ, иако знаеле дека согласно последната постигната аукциска цена спогодбата требало да биде склучена на износ од 1.051.650 денари без пресметан ДДВ за 12 месеци или 87.637,50 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ, се вели во соопштението.
Со тоа двајцата го оштетиле буџетот на МРТ во вкупен износ од 1.237.053 денари со пресметан ДДВ, а од друга страна прибавиле противправна имотна корист за „Аналитика“ во износ од 1.048.350 денари.
Актуелниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ), Марјан Цветковски, во конкуренција од 12 пријави пред десетина дена беше реизбран на чело на јавниот сервис.
Советот на 26 јануари го распиша конкурсот за избор на нов директор, бидејќи стариот мандат на Цветковски му истекува во март.
Цветковски функцијата генерален директор ја извршува од 2012 година. За негов заменик е избран е Харун Ибраими.