„Титаник“ одложен за 27 февруари


Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство се одложува за 27 февруари поради здравствени проблеми на обвинетиот Ендмонд Темелко.

Судијата Осман Шабани рече дека со писмен поднесок од 12 февруари 2019 година бил информиран дека Ендмонд Темелко е спречен да присуствува на денешната расправа поради нарушена здравствена состојба.

Бранителот на Темелко кажа дека обвинетиот е хоспитализиран и е на болничко лекување во Струга.

Во судница не беа спроведени од домашен притвор и обвинетите Мунир Пепиќ и Миле Јанакиески.

Обвинетиот Илија Димовски го извести судот дека од 13 до 21 овој месец нема да може да присуствува на рочишта бидејќи како шеф на делегација на Собранието ќе присуствува на Парламентарно собрание на НАТО.

Обвинителката Лиле Стефановска реагираше дека обвинетиот Димовски ги знае своите рочишта како обвинет и во иднина би требало да внимава на службените патувања кои ќе ги прифаќа со оглед дека ова е второ вакво барање.

– Сметам дека доколку во иднина службените патувања ги става на прв план ќе го сметаме како обид за одложување на рочиштата, изјави Стефановска.

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.