Крв и мед


Звонко Давидовиќ

Долго време размислував за што да пишувам во мојата прва колумна, седев и мислев со часови и тогаш идејата дојде сама по себе слушајќи ги и едните и другите, позицијата и опозицијата кои едни те исти работи или фалат или кудат, зависно од тоа каде се наоѓаат во во општеството. Си помислив прав Балкан, права земја на мед и крв  (игра на турски зборови, бал –мед и кан –крв), земја на убавина и омраза, земја на сончогледи и кусогледи. Само кај нас на Балканот постојат пет годишни времиња, пролет, лето, есен, зима и војна, а без оглед на годишното време секогаш е време на будали. Секогаш одново будалите врескаат, величаат и салутираат на уште поголема будала, која во недостиг на ум и аргументи ѕвецка со оружје и се заканува со војна. И секогаш без исклучок прстот се вперува во странците кои се криви за се, па дури и за војна, ама ние секогаш меѓу себе војуваме и гинеме, а странците тогаш ги викаме да не смират. Војните и омразата овде никогаш не завршуваат и никогаш не решаваат ниту едно прашање туку секогаш одново воведуваат нови теми и проблеми што треба некоја нова војна да ги разреши. И кога не сме во војна ние војуваме, бидејќи тогаш им се закануваме на оние кои не мислат како нас, тогаш пљукаме едни по други и докажуваме кој е постар и поголем народ, кој кого во минатото предал, кој е патриот а кој предавник.  Кога не сме во војна ние секако не сме ни во мир бидејќи такво годишно време не познаваме. Ние тоа време го користиме за да ги навредуваме другите, да им докажуваме како се помалку луѓе од нас и како правата и слободите што ние ги уживаме  на нив не им требаат и не ги заслужуваат.Овде на Балканот твоето право зависи од тоа на кој народ или на која партија и припаѓаш. Овде секогаш некој некому нешто треба да дозволи бидејќи не се сите ни пред господ ни пред законот еднакви. Кај нас на Балканот ни власта не се избира со избори и гласање туку со измама и пари, и дури кога опозицијата ќе ги добие изборите тоа не е гаранција дека ќе ја превземе власта бидејќи секогаш има будали што го толкуваат Уставот и законот како ќе им се ќефне и како им чини. А, тогаш почнуваат народните игри и танци и воените тапани и зурли, протести и контра протести, толкувања и контра толкувања и само тогаш претседателот има што да каже и само тогаш гледаме дека е жив.

Ние дури и времето го делиме и мериме по војните и секогаш на внуците им раскажуваме како биле пред војната и како е сега по војната. Најинтересни ни се приказните за одамна починатите јунацит кои обично и не ги почитуваме и речиси не знаеме ништо за нив, но секогаш се сеќаваме на нив кога ќе ни требаат за реклама или за политички поени. Градиме споменици не за да не потсетуваат на нашето минато туку за да ги нервираме соседите или за да ги украдеме парите. И најинтересно е што нашите херои кои загинале во војната или востание за нашата светла иднина се речиси секогаш ликвидирани од својот сонародник, брат, роднина бидејќи сме ти ние еден суициден народ навикнат сам себеси да си пресуди.

Сите надвор од Балканот имаат четири годишни времиња и не знаат дека воопшто постоиме.