Кому да му каже „не“ Мицкоски?


Александра М. Митевска

Донекаде се разбирливи премислувањата, одолговлекувањата и тактизирањата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски околу (не)учеството на претстојниот референдум. Изборот меѓу останување дома на 30 септември или меѓу „да“ или „не“ на референдумското прашање е само навидум едноставна работа. Посебно за новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој дојде на партискиот врв во мошне деликатни околност за сегашната опозиција. Во време кога оваа владејачка постава ги броеше своите први месеци на „Илинденска“, по децениското неприкосновено владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а во Кривичниот суд во Скопје еден по еден се приведуваа тогаш само осомничените за настаните на 27 април.
Во моменти кога се наѕираше комплетна демонтажа на претходната матрица на владеење, Никола Груевски, едноставно, беше приморан да отстапи од партискиот врв, како што претходно беше приморан да замине од „Илинденска“. Тогаш, несомнено, Мицкоски беше изборот на Груевски за негов наследник во белиот дворец. Но, очекувањата на поранешниот премиер дека новиот партиски лидер ќе продолжи по стариот курс, очигледно, не се совпаднаа со очекувањата на голем дел од јавноста која сè уште се надева дека новата опозиција ќе сврти и нов лист. А, тоа има шанса да го направи веќе во наредните денови – пред стартот на референдумската кампања.
Од оваа временска дистанца од повеќе од осум месеци од валандовскиот конгрес, неодминлив е впечатокот дека тогашниот избор на Груевски го става сега пред уште потежок избор актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски сега е практично пред одлука дали, како опозиционер, да им каже „не“ на старите популистички манири на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ што го практикуваа неговите претходници, а кои до максимум го искомплицираа проблемот со името и ги одвлечкаа во слепа улица евроатлантските перспективи на државата. Другата опција е да му каже „не“ на актуелниот премиер и негов главен противник во политичкиот ринг Зоран Заев, кому, пак, клучен аргумент во афирмацијата на договорот со Грција му е деблокадата на интеграциските процеси на земјава. Но таа варијанта само на прв поглед изгледа полесна за опозицискиот лидер.
Професорот Мицкоски, со веќе не толку скромно политичко искуство што го акумулираше во последниот период, веројатно, е свесен дека неговото евентуално „не“ за учество на референдумот нема да значи само негација на Заев. Евентуалната апстиненција на опозицијата би добила многу пошироки размери, а за политичките последици засега може само да се нагаѓа.
Тоа, како прво, би значело вртење грб на можноста за полноправно членство на земјава во НАТО и за почнување преговори со ЕУ, како референции што се запишани како стратегиски цели на државата уште од освојувањето на независноста – на еден друг референдум за кој сега сите зборуваат со пиетет, за разлика од тие времиња кога имаше многу скептици за идејата за осамостојување. Од тој аспект, за ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ може да биде ризична и одлука да се гласа „против“ на референдумот, ако се оди по таа логика дека отфрлањето на договорот со Грција автоматски ќе значи „не“ и за членство на Македонија во евроатлантските организации. Можеби и затоа Мицковски инсистираше ЕУ и НАТО да не фигурираат во референдумското прашање – за да има простор да ја амортизира одговорноста за евентуалниот бојкот и да биде на чисто на што се противи.
Мицкоски, можеби, е свесен дека најисплатлива варијанта е да повика на гласање „за“ на 30 септември – меѓу другото и затоа што во таков случај одговорноста за постигнувањето на договорот со Грција и натаму не е негова. Но тогаш тој ќе треба да се соочи со сите оние сегашни и поранешни партиски функционери на кои им кажал „не“, а кои веќе извесно време на големо тераат лични кампањи за бојкот.
Затоа сега лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е во незгодна позиција. Затоа вози во круг додека опозицијата го притиска да го каже својот став за референдумот, а високи странски дипломати секојдневно пристигнуваат во земјава да го поздрават договорот со Грција како влезница за земјава во „бриселското друштво“. Дури и сите анкети што излегоа деновиве укажуваат на тоа дека е можно да се постигне цензусот од над 50 проценти излезеност и да натежнат гласовите „за“. Тие проценти секако не им одат во прилог на заговорниците на бојкотот.
Затоа, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно, ќе продолжи да вози во круг уште извесно време. Може дури и да ја „преспие“ референдумската кампања. Ама, во последниот септемвриски ден секако ќе се види кој за што се залагал.