Во лер или во прва во 2018?
Петар Арсовски
Очигледно е дека 2018 ќе биде исклучително важна година за евроатлантските интеграции на Македонија, па со тоа, најверојатно, и пресудна година за спорот за името со Грција. Веќе подолго време новата енергија околу овој процес, и во Македонија и во Грција, е една од главните теми на медиумите и на аналитичарите во регионот, и тоа на начин кој имплицира дека постои некаков координиран напор да се омекне јавноста во двете земји по ова прашање. Спорот, како главна пречка за евроатлантските интеграции на Македонија, па со тоа и за стабилизација на целиот регион, секако е предмет на голем интерес и притисок од страна на меѓународната заедница. Се поставува прашањето дали можеме во 2018 година да „ставиме во прва“, или ќе продолжиме да возиме „во лер“ во овој важен проект. Да ги погледнеме малку позициите на Грција во моментов. Таа во 2008 година го искористи правото на вето и го запре членството на Македонија во НАТО. Како резултат на тоа, квалитетот на домашната политика, добрососедските односи, европските перспективи на регионот, па ако сакате и брзата стабилизација на Западен Балкан, отидоа по ѓаволите. Грција, и покрај своите најдобри напори, не успеа да се спаси од вината за ваквиот развој на настаните и за последователното зголемено влијание на Русија во регионот. Ако претходната политичка гарнитура кај нашиот јужен сосед беше подготвена на таква позиција заради сопствениот имиџ или долгорочна стратегија, сегашната влада на Ципрас нема таков луксуз. Затоа, мислам дека во 2018 година ќе ја имаме најдобрата клима за решение на овој комплициран спор на која можеме да се надеваме во наредните неколку децении. Такви сигнали во моментов и доаѓаат од Грција, дури и од десниот политички блок, колку што тоа може да се очекува имајќи ја предвид хистеријата што владее по ова прашање кај двете земји. Со други зборови, Грција ќе направи се за да го поправи имиџот на лошото момче кое ја кочи геостратегијата на нивните западни сојузници, значи нема бегање од автентичен ангажман околу спорот. Кај нас ситуацијата е слична, па дури и поочигледна. Новата власт направи се за да покаже дека е подготвена за решение, па дури и повеќе одошто тоа го налага добриот вкус. Мислам дека позицијата што ја рекламираме по ова прашање „завршена работа за 5 дена“ не е во наш најдобар интерес, дури и ако е точна, во што сериозно се сомневам. Оддаваме впечаток дека лесно ќе дојдеме и ќе имплементираме решение, што создава два ефекта: прво, прави спонтана инфлација на грчките барање, особено во опсегот на идентитетот, второ, остава впечаток дека ние сме вистинскиот таргет за притисок од страна на меѓународната заедница, како помека страна. Но, тоа е завршена работа, и сега, откако толку ги подигнавме очекувањата, исто така нема бегање од проектот. Паралелно на тоа, обновениот интерес на меѓународната заедница за брза интеграција на Балканот во евроатлантските структури, која е евидентна дури и кај најголемите претходни евроскептици, е третиот елемент кој без малку гарантира дека во 2018 година ова прашање ќе биде сериозно на агендата и во Македонија и во Грција, и тоа во првата половина на годината. Оттаму, релативно е лесно да се сублимира дека ќе има сериозен притисок и напор овој мегапроект да се затвори што побрзо.
Кои се можните компликации? Прво, и покрај најдобрите сигнали, ние суштински влегуваме во гамбит со Грција околу овој спор. Не знаеме дали има реална политичка волја за имплементација, или други политички приоритети ќе направат овој проблем повторно да мора да се прескокне. Второ, не знаеме дали и ако постои волја во Грција има доволно политички капитал и капацитет какво било решение реално да се спроведе. Имајќи предвид колку е политизирано ова прашање на домашните сцени и во Грција и во Македонија, неизбежно е сите политичари кои ќе застанат зад кое било решение да бидат прогласени за предавници барем од дел од населението и политичките актери. Тоа се должи на постепената радикализација на спорот која е резултат од долгото прокрастинирање: на пример, Македонија сега да ја прифати целосната грчка позиција (сложено име за севкупна употреба), политичарот што ќе се врати со тоа решение во Грција секако нема да биде победник, зашто во меѓувреме генерации радикали на ова прашање направија кариери. Истото важи и за Македонија: радикалните политички ставови кај дел од политичките актери и граѓаните ќе направат кој било политичар што ќе застане за компромис уредно и веднаш да биде хистерично исвиркан, а неговата политичка позиција да биде сериозно нарушена. Референдумот е уште една дополнителна компликација за Македонија: прво, тој реално беше поддржан од сите политички актери како неопходен предуслов за конечно решение, и оној што ќе се повлече од тоа ќе се соочи со јавна критика. Таквиот референдум е невозможен без политички договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, зашто неопходната излезеност (околу 900,000) е возможна само доколку двете најголеми македонски партии ги повикаат своите поддржувачи да гласаат, што изгледа како утопија во моментов. На крајот, дури и да претпоставиме дека овие две партии ќе се договорот да ескивираат референдум за поголема контрола на исходот и за брзината неопходна за решението – тоа никако не гарантира дека еден или повеќе од другите актери на сцената нема да изнудат референдум кој дополнително ќе го искомплицира и закочи процесот. Проектот дополнително се комплицира поради неопходноста во овој циклус да се затвори севкупното решение: да не се лажеме, ниту Грција би поддржала ниту ние смееме да се играме со половични решенија – тие се криза во најава. Имајќи го сето тоа предвид, со оглед на притисокот и проблемите со плебисцитарниот модел, најверојатниот исход е дека во наредниот период ќе имаме некаков договор околу сите прашања, но на ниво на политички елити во Грција и Македонија – дали во вид на нова времена спогодба или конвенција под покровителство на ОН, сеедно. Потоа политичките актери и во Македонија и во Грција ќе мораат таквото решение да го направат недвосмислено обврзувачко во најкус можен рок, а евентуалните референдуми во двете земји ќе останат домашна грижа и нема да можат да влијаат на договорените контури. Таквото решение е можеби доволно да се откочат евроатлантските процеси за Македонија, со некаква одложена целосна имплементација на решението додека се ефектуира членството во НАТО и додека почнат преговорите со ЕУ. На крајот, за нас најголем проблем би бил доколку по вака подигнати очекувања не успееме да направиме пробив до јуни 2018 година. Второ, такво разочарување, ако се земе превид ефектот од нашето „бацување врата“ во 2008 година, постои реална шанса да го уништи македонското општество: политичките елити ќе станат декадентни и радикални, граѓаните ќе се откажат, а поделбите дома ќе не внесат во егзистенцијална криза. Тоа е проклетството на фактот што Македонија е како автомобил на нагорнина оставен во лер: „турирај“ ти однатре колку сакаш, но ако некој однадвор не те бутне нагоре, оставен сам на себе, ти неминовно се лизгаш надолу.
Петар Арсовски – авторот е аналитичар и комуниколог