2018
Лејла Сабит
Тивко, со петарди или со огномет, влезе во нашите домови и ни посака нови 365 дена здравје, среќа, надежи, радости, желби, искушенија и предизвици.
Ја пречекавме дотерани или во пижами, со топол чај или со жесток пијалак, сами или во друштво, со познати или непознати, со звуците на турбофолк или на ретро-музика.
Во кревет, на нозе, седнати или качени на маса, пијани или трезни, расположени или тажни.
Како ќе изгледа новата 2018 година?
Дали ќе биде дама, ороспија, ангел, ѓавол или светица?
Какви подароци ни носи?
Мали, големи, скапи, евтини или симболични?
Раскошно завиткани или едноставни?
Со повод или без причина?
Од срце, од внимание, заради грижа на совест или колку да се каже?
Ќе нѐ израдува, ќе нѐ изненади, ќе нѐ навреди или ќе нѐ расплаче?
Никој наводно, не сака, ама сите се надеваат или очекуваат.
На подарокот не му се гледа во очи, ама самиот подарок гледа во очи.
Амбалажата може да ве восхити, ама содржината може да ве разочара.
Големото да биде мало, а малото големо.
Ништо не е како што изгледа ниту во животот.
За некој подарокот е предмет, а за некој животот е подарок.
Внимавајте што ќе посакате во новата година, може да ви се оствари!