Канцеларијата на Дедо Мраз е во Финска


 

ФИНСКА – Сте се прашале ли некогаш што прави Дедо Мраз откако ќе заврши со делење пакетчиња на Божик? Па, како и секој друг вреден возрасен човек, се враќа во канцеларија.

Селото на Дедо Мраз во Рованиеми, Финска, е местото каде што се наоѓа канцеларијата на Дедо Мраз што го игра актер полиглот. Тој секој ден се сретнува со илјадници обожаватели и го шири празничното расположение.

Селото Рованиеми било речиси целосно срушено во Втората светска војна, според информациите објавени на официјалната веб-страница на градот.

Во 1950 година тогашната прва дама на САД го посетила градот за да провери како се одвива обновувањето.

Пред да пристигне првата дама во Рованиеми, градските власти изградиле дрвена колиба на неколку километри северно од градот, баш на арктичкиот круг. Оваа колиба ден-денес стои во селото на Дедо Мраз.

Дедо Мраз влегува во приказната неколку децении подоцна: легендата вели дека оригиналниот дом на Дедо Мраз е на скришно, зафрлено место во Финска и за него знаат само неколкумина избрани луѓе. Затоа во 1985 година „Дедо Мраз“ заедно со локалните власти одлучиле да отворат канцеларија за врски баш во колибата во Рованиеми.

Планот бил Дедо Мраз да ги пречекува децата дојдени во посета и да се развие туризмот во областа. Наскоро селото било отворено за работа и од 2010 година конечно официјално е родното место на Дедо Мраз.

Главната атракција, секако, е средбата со Дедо Мраз: околу 300.000 посетители годишно доаѓаат во Рованиеми.

Секое дете што ќе стигне до таму може да добие доказ за магичната средба. Во селото се продаваат сертификати што докажуваат дека навистина се сретнале со Дедо Мраз.

За дополнителна сума од 8 долари може да си гарантираат место на листата на добри деца, со тоа што ќе го купат Сертификатот на Дедо Мраз за добрина.