Кампањата за референдумот нема да чини повеќе од 400.000 евра


Кампањата за референдумот ќе чини најмногу 400.000 евра, а резултатите од него ќе бидат гаранција дека подоцна во парламентот ќе биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство за да се ратификува договорот со Грција, порача премиерот Зоран Заев. Тој повтори дека парите од буџетот наменети за кампања нема да им бидат дадени на рака на пратениците, туку ќе им бидат платени рекламите. Остави можност за состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи секогаш има потреба од средба меѓу претседателот на Владата и првиот човек на најголемата опозициска партија.
„СДСМ засега нема проекција колку пари ќе потроши за кампањата за референдумот, но сите пари што ќе бидат потрошени од буџетот за таа намена единствено и исклучиво ќе бидат за закуп на медиумски простор. И тука би сакал да расчистам една нејаснотија: тоа не се пари што ќе се делат по пратеници. Тие средства ќе бидат распределени во согласност со тоа кој е ‘за’, а кој ‘против’ референдумот, согласно изјаснувањето на самите пратеници“, изјави премиерот вчера во Крива Паланка, каде што присуствуваше на чествувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.
Тој најави дека неговата партија ќе се обиде да влезе во коалиција со повеќе политички партии, и оттука ќе зависи и буџетот на коалицијата со која ќе настапат пред граѓаните.
„Но не верувам дека ќе бидат потребни повеќе од 300-400 илјади евра бидејќи самиот референдум не е како парламентарните избори и не бара многу трошоци за кампања. Нашите намери се референдумот да мине во што попријатна и попривлечна атмосфера за граѓаните, поразлична од какви било други изборни процеси. И затоа верувам дека граѓаните во таква пријатна атмосфера ќе излезат и ќе гласаат ‘за’“, уверен е Заев.
На прашањето дали е законски партиите да повикуваат на бојкот на референдумот, Заев појасни дека сака во државата секој да може да си го каже својот став, но дека Македонија ретко добива ваква шанса да влезе во европското семејство.
„Ние мораме да ја искористиме историската шанса бидејќи не е лесно по 27 години да се постигне таков чувствителен договор со Грција, кој ни ги отвори вратите кон ЕУ, кон подобри перспективи, економски просперитет, задржување на младите во државата, зачувување на територијалната целост на ова парче земја, оставено од нашите татковци и дедовци. И затоа јас верувам дека граѓаните со гласањето ‘за’ ќе ги обезбедат потребните две третини пратенички гласови за продолжување на формално-правните процедури во парламентот“, објасни премиерот.
Додека тој беше во Крива Паланка, Мицкоски беше во Берово. Денеска неговите сопартијци треба да го известат претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека се откажуваат од парите што требаше да ги добијат за кампањата за референдумот. На тој начин се очекува да му искажат поддршка на лидерот, кој ваквата одлука ја донесе без воопшто да се консултира со нив. Мицкоски рече би било убаво кога парите за кампања би се потрошиле за паметни инвестиции, како на пример во училишта, економијата, земјоделството…
„ВМРО-ДПМНЕ со сопствени сили и средства, наоѓајќи поддршка во народот, кој е столбот и вистинскиот извор на власт и легитимитет во оваа земја, ќе учествува во кампањата и ќе биде против овој договор. Во моментот кога ќе го дефинираме конечниот став во однос на самиот чин на гласање, учество референдумот, истиот ќе биде соопштен на граѓаните“, објави Мицкоски повторно ставајќи до знаење дека партијата сè уште нема донесено став за учество на референдумското изјаснување. Нагласи дека не му е јасно како Заев ќе успее да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот кога во моментов, заедно со албанската опозиција, располагаат со 72 пратеници.
Математиката е проста: Доколку успее референдумот – ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да го послуша гласот на граѓаните и да гласа за уставните измени, а доколку не – тогаш владејачката коалиција ќе мора да посегне во дворот на опозицијата. Засега, најнеизвесно е како ќе се постават социјалистите, имајќи предвид дека двајца од тројцата нивни пратеници имаат работа со СЈО: Љупчо Димовски директно, а Слободанка Авировиќ преку нејзиниот син. Од пратеничката група на СПМ вчера не сакаа да одговорат каков ќе биде нивниот став околу кампањата. Тие, всушност, немаат своја посебна пратеничка група, туку се дел од коалицијата „За Македонија заедно“ што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, па затоа и немаат право посебно да побараат пари за водење кампања. Тоа, сепак, не го спречи Антонио Милошоски да го стори тоа барајќи да му бидат доделени финансиски средства за водење кампања за „бојкот“.
Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, која исто така е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, се изјасни дека нема да учествуваат во активностите поврзани со „референдумските играрии“, а кампањата ќе ја водат на сопствен трошок.
„Вчудовиден сум од фактот дека за таа намена владата додели финансиски средства на Собранието со што на подмолен начин, не само што ги вовлече пратениците во процесот што нетранспарентно го водеше, туку и го фрли врелиот костен во рацете на оние кои не учествуваа во ниту еден сегмент од креирањето на потпишаниот договор со Грција. Предлагам Собранието да ги врати парите на Владата и да ѝ го препушти процесот што самата го започна, самата и да го заврши, а со тоа и да понесе одговорноста за сè што (не)сработила“, јасен е Стоилковиќ.
Единствениот пратеник на ГРОМ (партија што се изјасни дека ќе бојкотира), Панче Минов, смета дека пратениците треба да водат кампања со која ќе ги поттикнат граѓаните слободно да оценат дали ќе излезат и дали ќе се изјаснат на референдумот. Сите останати политички групи во парламентот веќе испратија допис до Џафери, со кој го информираат дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30 септември и дека се изјаснуваат „за“ референдумското прашање.
Горан Адамовски