Како да не се срамите поради неинформираност


Ѓорѓи Спасов

Долго време по војната борците од НОБ, и кога немале важна политичка функција на општинско ниво, знаеле пред сите кој ќе биде идниот секретар на комитетот или претседател на општината. Со можноста да ги имаат тие информации пред сите, тие долго време по пензионирањето биле почитувани, угледни и се сметале дури за влијателни. Арно ама, се случило по некое време веќе да не ги консултираат за кадровските прашања. На некои од нив им било тешко да признаат дека веќе не се во игра. Па така, еден од нив, кој се викал Митре, измислил начин како пред народот да си ги зачува авторитетот на човек кој е дел од најинформираните и највлијателните. Кога ќе го прашале: кој ќе биде идниот секретар на комитетот или претседател на општината, тој одговарал: „Сѐ знам, ама е договорено на никого да не кажуваме“.Така Митре уште долго време живеел со аурата на човек во дослух со највлијателните и најпочитуваните во земјата за политичките прашања.

Кога во 90-тите години со Петар Гошев разговаравме за тоа како да ги вклучиме старите борци во политиката, откривме дека меѓу органите на партиите во светот постојат советодавни тела на партијата или на претседателот, во кои членуваат пред сѐ „заслужни лица“ од минатото на партијата или на земјата и на кои претседателот повеќе им укажува чест со тоа што ќе ги повикува одвреме-навреме на кафе, ќе ги информира за најновите збиднувања и ќе им даде можност да кажат што мислат тие за она што се случува во тој момент. Беше тоа една форма за јакнење на инклузивноста на партијата, но и за смалување на чувството на отфрленост кај поранешни функционери, политичари или интелектуалци кои некогаш нешто значеле во партијата и во земјата и кои сѐ уште задржале некое почитување кај некои слоеви и генерации во земјата. Беше тоа добро и за изборната поддршка на партијата.

Бидејќи промените во партиското раководство на СДСМ, но и во другите партии се одвиваа со конфликти и кавги во подоцнежниот период и со потребата од дистанцирање од старите кадри и раководства, советот на партијата или на интелектуалците, на ветераните, како форма за негување на инклузивноста, се чини дека изгуби на важност. Така, на многумина од поранешните членови на таквите совети, како и на споменатитот борец Митре, им остана можноста на прашањата за тоа дали знаат што се случува со партијата и државата, да одговараат: „Знам сѐ, ама договорено е на никого да не кажуваме“.

Но, во времиња на пресвртни промени за општеството, каква што е и оваа сегашната во Македонија, постоеја и други видови за обезбедување инклузивност и за градењето на национален консензус по клучни прашања. Уште пред да се создадат партиите, на ниво на Југославија, покрај сите постојни партиски тела и институции, кон крајот на 80-тите години во Југославија беше формирана познатата Крајгерова комисија. Во неа претседателот на таа комисија, Борис Крајгер, ги покани либералните и најнапредните економски мислители од цела Југославија, од кои голем број и не беа членови на партијата, да бидат дел од тимот кој ќе изготви идеи и препораки за реформи на економијата, но и да се балансира конзервативното крило во партијата и да се обезбеди јавна поддршка за тие препораки и реформи.

Мислам дека според моделот на таа комисија, во која членуваше Петар Гошев, веднаш по неговиот избор за претседател на новото раководство на тогаш единствената партија во Македонија СКМ- ПДП, тој ја формираше својата Комисија за реформи во Македонија. Во неа беа поканети да членуваат многу интелектуалци, но и Киро Глигоров, Димитар Димитров и многу други кои не беа членови на партијата. Основната идеја беше највлијателниот човек во земјата во тој момент да има околу себе тим, покрај претседателството на СКМ- ПДП, кој ќе го храни со идеи за реформите на политичкиот систем што беа на повидок, но и тим од индивидуални и влијателни мислители кои ќе се чувствуваат вклучени во тие важни процеси и ќе ги бранат јавно добрите идеи кои сѐ уште тешко се пробиваа во конзервативното јавно мислење. Некои од членовите на таа Комисија за реформи на Гошев подоцна станаа видни членови и министри во други партии, но во оние времиња беше задоволена потребата од инклузивност на мноштвото различни мислења за реформите што ѝ претстоеја на земјата и беше создаден тим кој се чувствуваше вклучен и кој јавно ги бранеше основните либерални идеи кои немаа фатено корени во јавноста.

Откако се формираа партиите и откако се сменија неколку влади и претседатели, стана јасно дека инклузивноста и консензусот по многу важни прашања може да се обезбедуваат на разни начин. Премиерите и претседателите формираат свои тимови од платени домашни и странски консултанти, постојат многубројни комисии на Собранието во кои се вклучуваат и надворешни експерти, а постои и развиена медиумска култура и слобода, па и многубројни невладини организации, кои му дозволуваат на секого од оние што не се директно вклучени во реформите, своите идеи за решавање на некој проблем или своето незадоволство од начинот на кој се решава тој проблем јавно да го изложи и образложи.

Сепак. Во политиката постојат периоди на големи промени кои се истовремено исполнети со политичка неизвесност. Во такви периоди можеби не се за отфрлање идеите за активирање на некои познати начини за обезбедување политичка инклузивност околу премиерот. Така и премиерот и министерот за надворешни работи ќе покажат дека го почитуваат искуството на повозрасните од нив, на лица кои биле вклучени во разговорите за разликите околу името, кои имаат искуство и влијание врз јавното мислење и кои може да бидат покорисни за дебатата ако се вклучени на некој начин во процесот и ако успешно се придобијат за премостување на важни проблеми во земјата. Познатата формула на Гошев со Комисијата за реформи во пресрет на легализирањето на политичкиот плурализам во земјата, може да помогне владата да стане поинклузивна, а многумина од оние што ги прашуваат што се случува со името, со законот за јазиците или со економијата, на пример – да престанат да повторуваат како борецот Митре: „Знам сѐ, ама договорено е со другарите ништо да не кажувам“.