И „Титаник“ влезе на голема врата


Александра М. Митевска

Додека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и повеќемина од неговите некогаш најверни соработници ги отвораа вчера еден по еден новите врати во Кривичниот суд – едно од барокните зданија подигнати во нивно време, неколку стотици метри подалеку, во партискиот „бел дворец“, кружокот околу Христијан Мицкоски коваше стратегија за враќање на голема врата во парламентот. Станува збор за истата широка порта низ која, пред безмалку една година, толпа демонстранти, главно поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, мазно се пробија во законодавниот дом, во обид да го спречат изборот на новиот спикер. Тоа што пратениците што тогаш ги отворија собраниските врати последните месеци многу почесто влегуваат низ судските порти не го спречи Мицкоски да ја прогласи актуелната Влада за криминална и неспособна или за доволно зрела да помине низ тест на доверба.

Прашање на часови беше кога ВМРО-ДПМНЕ, соочена со силен дипломатски притисок за вклучување во реформскиот процес, ќе донесе одлука за прекинување на бојкотот. Само што лебдеше неизвесноста која ќе биде аргументацијата со која опозицијата ќе го оправда враќањето во парламентот, а тоа да не биде сфатено како враќање на мала врата. Аргументот се појави во форма на интерпелација, со што Мицкоски навлезе во своевидна колизија откако призна дека се усогласени со СДСМ повеќето реформски закони и дека притоа биле прифатени голем број од сугестиите на опозицијата.

Неспорно е правото на која било партија да покрене прашање за доверба на Владата, независно од очекувањата дека конкретната иницијатива ќе заврши неуспешно, иако парламентарното мнозинство моментно не е толку стабилно. Сепак, тајмингот што го избра ВМРО-ДПМНЕ за тестирање на кабинетот на Зоран Заев е далеку од политички коректен. За тоа доволно зборува фактот дека гласањето за (не)доверба стана наеднаш поприоритетно од донесувањето на системските закони само неколку седмици пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Во периодот на нараснати надежи за добивање чиста (а не условена) препорака за почеток на преговори, неумесно е да се отвора расправа во парламентот за наводна неспособност на извршната власт. Како што е исто така иронично да составуваш обвиненија за криминогеност на политичките противници во денови кога во новиот Кривичен суд влегува „Титаник“ – еден од клучните случаи (за изборни нерегуларности) што произлегоа од „бомбите“ на поранешната опозиција.

По неколкумесечни договарања со владејачката гарнитура околу реформските закони, кои почнаа од самото негово стапнување на лидерската функција, од Мицковски се очекуваше да покаже повеќе чувство за тоа дека десет месеци владеење на СДСМ не се ништо во споредба со 10 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Како и за тоа дека повеќе од три месеци негово раководење со ВМРО-ДПМНЕ не се ништо во споредба со 14 години лидерство на Груевски.

Мицковски, како прв опозиционер, има право да се обидува да ја делегитимира власта. Но, притоа треба да направи политичка проценка кога е вистинскиот момент за преземање такви операции, а тоа да не е на штета на имиџот на државата. Од тој аспект, можеше ВМРО-ДПМНЕ да ја почека барем годишницата од формирањето на актуелната влада, откако ќе поминеа поставените рокови за сите горливи прашања, како што се планот 3-6-9, преговорите за името, извештајот на ЕК, самитот на НАТО.

Во овој момент, пак, наместо да ги одолговлекува реформските закони тестирајќи ја довербата во Владата, попродуктивно за Мицкоски би било да поработи на враќање на довербата на гласачите во неговата партија, која е силно разнишана уште откако почна отворањето на аферите од типот на „Титаник“. И пред да тргне да ја урива Владата, Мицкоски би можел да ѝ признае на јавноста дека реформите во кои ВМРО-ДПМНЕ е принудена да учествува, всушност, се преземаат поради крупните слабости во системот создавани во време на претходната постава на „Илинденска“, а констатирани од експертскиот тим на ЕК. Да се реформираа уште тогаш правосудството и безбедносните служби, наместо да се партизираа, можеби ќе немаше потреба ниту Прибе да пишува извештај за Македонија.