И Заев зачуден од бројот на комисиите за директори


Возможна ли е деполитизација на раководните позиции во јавниот сектор кога во седумчлената комисија за избор на членови на комисијата за висока раководна служба ќе доминираат партиите со четири члена – по двајца пратеници од власта и од опозицијата? Која е сигурноста дека тие нема да фаворизираат свој кандидат за директор или секретар?

Се овозможува ли со регулативата јасно разграничување или се создава конфузија на релација Влада – Собрание во однос на оценката за резултатите и одговорност на раководителите? Значи ли новата реформа вовед во елиминирање на управните одбори во разни институции и претпријатија, со оглед на тоа што директорите ќе можат во целост да носат општи акти? Треба ли опфатот на законот да биде поширок и во него да влезат и регулаторните тела?

Ова се само дел од дилемите што ги отворија претставниците од невладиниот сектор на првата јавна расправа за нацрт верзијата на новиот закон за висока раководна служба, кој, според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, поставува јасни стандарди и критериуми, како и полна транспарентност при изборот и при разрешувањето на раководителите на институциите.

Според Манчевски, законот ќе биде болен само за политичарите, а Владата е цврсто решена да ги спроведе реформите во јавниот сектор без оглед на цената. Се обезбедува, посочи, баланс при изборот на професионални и компетентни кадри кои од друга страна ќе се обврзат дека ќе ја спроведуваат политиката на одредена влада во областа во која ќе дејствуваат.

„Да не негуваме илузии дека од она што претходно беше злоупотребен систем, каде што сè беше политизирано, сега целосно треба да ја оттргнеме политиката од високата раководна служба. Раководителите на институциите мора да ја спроведуваат програмата на одредена влада која е на власт и тоа треба да биде еден од основните постулати за нивно функционирање, инаку ја губиме смислата зошто да одиме на избори, зошто да се избираат Влада и пратеници. Еве, да речеме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше директор на ЕЛЕМ. Стручно лице од својата област. Но политиките во делот на енергетиката сосема ни се разликуваат. Нивната беше базирана на увоз на електрична енергија, нашата на зголемување на производството од обновливи извори“, рече Манчевски.

На ова реагираше Малинка Ристова од Институтот за европски политики, која смета дека законот не дава силни аргументи дека ќе се направи некаква пресвртница во јавниот сектор.

„И досега се колневме во сите закони дека ќе доведат до деполитизација, а сега слушаме од министерот дека и овој закон не значи дека политиката целосно ќе се оттргне од раководната служба“, рече Ристова.

Предлог-законот е изработен во соработка со СИГМА и ЕУ. Со помош на СИГМА беше формирана и Агенцијата за администрација која е надлежна да го организира и спроведе полагањето на испитот на кандидатите кои се пријавиле на огласите за вработување на државни службеници во органите на државната служба.

„Сега се формира комисија за ВРС, а не се гледа некаква меѓусебна комплементарност. Не така одамна зборуваа за една општа рамка, а сега се оди на фрагментираност, што ме зачудува“, вели Ристова. Таа смета дека законот ќе создаде конфузна ситуација меѓу Собранието и Владата.

„Ако Собранието треба да поднесе интерпелација, против кого ќе ја поднесе? Против претседателот на комисијата ако нешто не е во ред, бидејќи за спроведување на законот се одговорни и таа и МИОА. Можеби сум конзервативна, но мешаме баби и жаби“, смета Ристова. Манчевски признава дека има мешање меѓу Владата и Собранието, но, како што рече, треба да се растресе системот.

Ристова предлага, наместо за закон, да се размисли за зголемување на учеството на јавноста во изборот на раководителите и да се зајакне надзорната улога на Собранието.

Неда Малеска од Центарот за управување со промени, пак, смета дека законот е еден од клучните чекори за враќање на довербата на граѓаните во институциите. Предложениот начин на избор е премин од дискреционен кон отворен пристап на избор со кој ќе се превенира именувањето некомпетентни кадри. Конечно, како што рече, законот создава обврска, не само службениците туку и раководителите да бидат оценувани во остварување на резултатите.

„Досега целиот процес на следење на учиникот се темелеше на оценка на административните службеници, а никогаш не се бараше одговорност од раководителите на институциите. За мене ова е силна политичка порака дека конечно клучните раководители и директорите ќе бидат предмет на засилено следење од страна на надлежните министерства и Владата“, рече Малеска. Нивната работа, како што рече Манчевски, ќе ја следи и комисијата за ВРС и таа на крајот ќе пресече.

Кандидат за директор и секретар може да биде секој што ги исполнува високите критериуми. Тие ќе се пријавуваат на јавен оглас, а ќе се избираат од нова комисија, чии членови ќе имаат статус на избрани лица со мандат од шест години и со плата од три просечни во земјава, или нешто над 77 илјади денари. Нив, пак, по примерот на антикорупционерите, ќе ги избира посебна комисија во која ќе членуваат и по двајца пратеници од власта и опозицијата, како и членови од стопанските комори, ЗЕЛС и Интеруниверзитетската конференција. Комисијата за ВРС ќе треба да формира одбори за селекција на кандидати кои ќе се состојат, исто така, од пет члена назначени од претседателот на комисијата за ВРС, од кои двајца членови од комисијата за ВРС, двајца членови кои се експерти во областа на институцијата, кои ги предлага претпоставениот функционер и еден член од базата на експерти за управување со човечки ресурси која ќе треба да се формира. На крајот листата со тројцата највисоко рангирани кандидати оди на масата на претпоставениот функционер. Тој ќе избира меѓу нив, за што веќе имаше забелешки од експертската јавност. Комплексна спрега, забележаа на дебатата новинарите.

„Да бидам искрен, кога му го презентирав законот на премиерот рече „зошто ни се потребни олку комисии?“ Целта е да се добие што потранспарентна процедура од која ќе излезат најдобрите кандидати. Јавноста ќе биде, всушност, најголемиот контролен механизам. Таа ќе ги види биографиите на кандидатите и нивните планови за работа“, вели Манчевски, кој не ја отфрли можноста за укинување на управните одбори кои, според одредени проценки, цицаат од буџетот сосе надзорните одбори меѓу два и три милиони евра. Различни мислења околу нивната потреба има и внатре во политичките субјекти, но и меѓу невладиниот сектор.

Тој тврди дека, за брзо време откако ќе биде донесен новиот закон ќе се примени врз речиси сите раководители, вклучително и тие што се избрани за време на неговиот мандат. Но, државниот секретар во МИОА, Јахи Јахија, има поинакво толкување.

„Препораките се да не брзаме со законското решение за да бидеме сигурни дека правилно ќе се имплементира. Се разгледува опцијата сегашните раководители да останат на своите позиции до крајот на мандатот, а потоа сите ослободени места да се пополнуваат според новиот закон“, вели Јахија.

Планот е по забелешките и предлозите на експертите и граѓанскиот сектор законот да влезе во собраниска процедура на крајот на мај или почетокот на јуни. Текстот треба да опфати одредби од 130 закони со кои сега се регулира изборот на директорите.

Наум Котевски