И жени од Македонија се борат во Сирија


Седуммина македонски државјани, кои се бореле на воените жаришта во Сирија и Ирак, се вратени во Македонија, но таму останаа уште активни борци, меѓу кои има и жени.
Вкупниот број лица од нашата земја што се појавиле на боиштата во Сирија како активни борци, повратници, загинати, жени или само како обиди за заминување, изнесува 156. Повратници се 83, а од нив на слобода се 57 лица. Во затвор во Турција има три лица, а во македонските затвори 23 кои беа осудени во „Ќелија 1“ и во „Ќелија 2“.
Сепак, според проценките на безбедносните служби, ситуација во нашата држава е мирна и нема терористички закани. Можностите од такво загрозување постојат како и секаде, но во земјава во моментов нема никакви индикатори за таква закана, смируваат безбедносните служби во земјава.
Македонија е прва во Европа каде што се префрлени терористи од Сирија, иако во Сирија имало заробени џихадисти и од Германија и од Франција. Извори од безбедносните служби тврдат дека тоа е најбезбедниот чекор за земјата бидејќи станува збор за контролиран процес.
Според безбедносни извори, службите во Македонија процениле дека земјата има капацитет и може да се справи со овој товар бидејќи не станува збор за голем број џихадисти, како што е случајот со некои други европски земји кои одбиваат да прифатат репатријација поради фактот што бројот на нивни државјани кои се бореле на жариштата во Сирија и Ирак и сега се заробени, е троцифрен.
Седумтемина кои беа донесени на скопскиот аеродром им се добро познати на македонските органи и сите биле ученици на оџата Реџеп Мемиши од џамијата Тутунсуз во Скопје, кој е веќе осуден на седум години затвор. За сите нив била распишана потерница и им е одредени притвор.
Еден од нив во Македонија ќе одговара за терористичка организација, а другите шест за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Според неофицијалните информации, најголемиот број од овие луѓе се од Скопскиот Регион, но ги има и од Прилепско, Тетовско, Гостиварско.
На боиштата за „Исламската држава“ досега во изминатите неколку години загинале 35 македонски државјани. Бројот на учесници на боиштата од 2014 година се намалил рапидно со измените во Кривичниот законик со кој се предвидува затворски казни за учество во војска.
На глобално ниво, исто така, нема решение за злоупотребата на жените што се сметаат за соучесници и поддршка на борците на страната на „Исламската држава“, но и за децата што се изложени на ужасна војна и се злоупотребуваат за остварување на криминални цели.
„Злоупотребата на жените и децата со вклучување во војните е посебен проблем. На владините структури им е јасно дека терористите ги користат за добивање на своите цели. За овој проблем нема решение. Според меѓународното право за ова треба да одговараат оние што ги злоупотребуваат децата бидејќи тие не се полнолетни и не можат да се санкционираат. Децата во овој случај се жртви“, вели безбедносниот експерт Благоја Маркоски.
Борбените дејствија меѓу владините сили во Сирија и таканаречените бунтовници, според Марковски, создаваат тензии не само во тој дел од земјата, туку и во Југоисточна Европа, па и во Македонија.
„Претежно граѓани од овие земји под влијание на идеологијата на ИСИС, но и за пари се приклучуваат во борбените дејствија на страната на бунтовниците“, вели Марковски. (Ф.Ф.С.)