И во Атина марш на срамот


Ерол Ризаов

Со митинзите во Атина и во Солун сѐ што беше разумно во последниот обид да се најде решение меѓу Грција и Македонија е донесено под знак прашалник. Грчките десничарски партии и грчката црква, кои се идејните водачи на протестите против основните цивилизациски и општочовечки права на самоопределување на народите, во центарот на Атина, докажаа дека не биле само тие 50.000 од митингот во Солун, туку стотици и стотитици илјади лесно потпаливи жешки глави кои го окупираа главниот град на лажната лулка на европската демократија и го покажаа пред светот грдото лице на популизмот во олимписката метропола. Жална, многу жална е пораката од Атина до светот, до соседите, до Брисел, до ОН и до сите оние што сакаат и вложуваат со децении напори да се реши неправедно наметнатиот спор кон Република Македонија.

Организаторите на овој марш откако насетија дека по демократските промени во Македонија можно е да се дојде брзо до решение, одлучија на овој начин да ѝ ги врзат рацете на грчката влада и на грчкиот премиер и на сите разумни луѓе во двете земји кои се подготвени за компромис, да се крене 27-годишната блокада и да се овозможи Република Македонија и нејзините два милиони жители да станат дел од Европа и членка на НАТО и на ЕУ. Грчките националисти ги избербатија и олимписките знамиња. Велат ја спасуваат грчка Македонија. А, кој тоа им ја зема Македонија, било грчка, било северна Грција, или Елада, или уште како ли ја викаат дома и во светот. Никој. Ама баш никој не им бара ниту еден милиметар од нивната територија, од нивната земја, никој не им бара ниту еден член, ниту еден збор, ниту една запирка да менуваат од својот устав ниту, пак, некој им бара да воведат нов правопис како да се пишува на грчки, на англиски и на француски, и на свахили, и на јазикот на преостанатите жители во бразилските џунгли името на грчка Македонија. Никој ништо не бара од Грците, од грчката држава, нешто да променат кај себе. Ама баш ништо никој на светот не бара од Грција или, не дај боже, некому да му дојде на ум да побара нешто што таа го бара од својот прв сосед.

Од Грција се бара само разбирање и елементарна човештина и култура да го остави на мир својот сосед, да си ја зачува својата држава и да го смести својот народ таму кај што припаѓа и географски, и културно, и политички, притоа да изразува подготвеност да ги ослободи од сите фобии граѓаните на Грција кои не ги препознаваат манипулациите на своите политичари во битките за власт, и за голема жал на грчката црква, иако истоветно ортодоксна и православна со македонската. Република Македонија така се вика 74 години, исто толку години има своја држава, свои граници, признати и почитувани од сите соседи, вкључувајќи ја и Грција, има свои влади и премиери 74 години, има свое Собрание 74 години, има свој Устав, има потпишано илјадници меѓудржавни договори за период од 74 години, има своја армија, полиција 74 години има сѐ што треба да има една современа парламентарна држава цели 74 години. Република Македонија 74 години го има истото име, и кога беше составен дел на Југославија како федерална, или народна или социјалистичка Република Македонија. Тоа никој нигде не го оспорил. Македонија е држава членка на ОН 27 години и е 12 години кандидат за членство во НАТО и во ЕУ. Република Македонија е призната со уставното име од 137 држави меѓу кои најголемите светски велесили и сите поранешни републики сега независни држави кои беа во состав на Југославија. Досега, најмалку пет години Република Македонија ќе беше редовна членка на НАТО и на ЕУ, ако не беше грчкиот ултиматум против меѓународното право на самоопределување, ако не беше срамниот протекционизам на ЕУ кон своето галениче Грција, ако не беше индиферентноста на Америка, но рака на срце и неспособноста на македонските политичари низ целиот транзициски период, а најмногу поради катастрофалните грешки на претходната македонска влада во потрага по пославно минато, со изградба на споменици на антички јунаци со трошење на парите на најсиромашниот народ во Европа за инает на Грците, а на своја огромна и ненадоместлива штета.

По овие митинзи и во Солун и во Атина, се вративме 25 години наназад со истото прашање – дали е можно да се најде решение за овој проблем кое би било прифатливо за двете страни? Всушност, големите протести во Атина и во Солун ја имаат и таа намера, покрај домашната опомена на Владата, да ја предупредат и Европа и Америка да внимаваат овие големи грчки заштитници што прават и да не дозволат Република Македонија да стане сојузник на Западот по никоја цена. Иако сите тврдат дека решението е многу тешко и дека проблемот е нерешлив, со децении историските искуства покажуваат дека при ваквите наметнати меѓудржавни спорови, било да се работи меѓу членки на ЕУ и кандидати за членство, било во други случаи кои се од интерес на Брисел, на Америка и на ОН решението може да биде многу едноставно и брзо изводливо со прифатлив компромис. Во случајот со Република Македонија, доколку членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ временски се условат и по кој истечен датум важи пресудата на Судот на правдата во Хаг за прием на Македонија во нив со името ПЈР Македонија, многу бргу ќе стапи на сцена грчкиот прагматизам по што за кратко време ќе се најде прифатливо решение и за разграничување на географскиот поим Македонија, и за отстранување на опасноста од иредентизам и на она што значи запазување на национален идентитет, јазик, општочовечки прва и на достоинството на граѓаните на двете земји. Факторот време е големата неправда што ѝ се нанесува само на Македонија однадвор, за жал, и од внатре, во овој спор. Изедначувањето на преговарачките позиции на Грција и на Македонија со временско ограничување го решава праведно проблемот. Тоа е работа која треба да зависи од владите во Вашингтон, Скопје и во Атина, од Брисел и од ОН, а не од популистички митинзи, колку и да се големи и агресивни.