Инспекција ги проверува постапките за сите 44 деца во домовите (Фото)


Јавното обвинителство вчера конечно се „разбуди“, а МТСП прати социјална инспекција откако невладина организација пред некој ден соопшти дека 13-годишно девојче абортирало како штитеник на ЈУ „25 мај“, а „Независен весник“ дојде до информација дека има уште трудни малолетнички во домовите во кои се сместени како штитенички на државата. Инспектори тргнаа да ги проверуваат и домовите и центрите за социјална заштита. Ќе се утврдува како се водени постапките за секое дете поединечно, за сите 44 деца што во моментов се сместени во ЈУ „25 Мај“ и во „Ранка Милановиќ“.

Седумнаесетгодишната бремена штитеничка од „Ранка Милановиќ“ најдоцна во август ќе го роди бебето, по што ќе продолжи да живее со своето сегашно момче, исто така штитеник на домот, и со нејзиниот татко кој ќе се грижи за нив. Двајцата малолетници веќе неколку години биле во врска и не сакаат абортус, кој поради раната бременост сѐ уште е во безбедна зона. По проценка на стручните лица дека е ресоцијализирана, таа била вратена кај родителите. Кога ќе го роди детето, ќе биде полнолетна.

Ова девојче одлучило да не ја прекинува бременоста и во моментот е кај нејзиниот татко, кој се согласил да води грижа за неа и за бебето. И таа кажала дека не станува збор за силување или злоупотребување, но не сакала да каже од кого забременила“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Во овој случај нема сексуално злоупотребување, исто како што немало ниту во вториот случај кога забремени петнаесетгодишна девојка од истиот дом. И таа била во љубовна врска со нејзин врсник од Заводот, но поради годините одлучиле да абортира и тоа било направено пред неколку дена на скопска гинекологија.

Ова е епилогот по веста на „Независен весник“ дека уште две малолетнички, покрај силуваното 13-годишно девојче кое абортираше минатата недела, забремениле додека се згрижени во државни институции.

Розовите бараки на домот „25 Мај“ во населбата Бутел вчера како да се претопија во сивилото на дождливиот ден. По оставката на директорот Стевчо Соколовски, назначен е привремен – Даниел Алексовски, кој вчера ја лоцираше состојбата што ја наследи. Всушност, двата дома: „25 Мај“ во Бутел и „Ранка Милановиќ“ во Маџари се под иста капа, имаат иста управа, иако се оддалечени десетина километри. Во првиот има 26 деца (само четири девојчиња) на возраст од 10 до 16 години, а во вториот 18, на возраст од 11 до 18 години. Пред вратите ни се смешкаат две момчиња, се местат за фотографирање, иако ни подвикнуваат да не ги сликаме. Влегуваме внатре, секако со дозвола од надлежните, иако чуварска служба воопшто и не забележавме. По ходниците е топло, но со мирис на застоено. Видовме малолетни деца кои пушат цигари внатре во ходникот. Од излупениот малтер и вецињата се гледа дека на домот му треба реновирање. Првиот кат е машки, вториот е женски. На секој од нив има занимална, соба за настава, по три спални и тоалети.

Децата се мешаат само во ходниците и надвор“, дофрлаат вработените.

Недостигот од кадар го потврдуваат и во домот, но уверуваат дека сите што се вработени работат со огромна љубов и посветеност. За децата има обезбедени активности во текот на речиси целиот ден, па дури и за викенди. Воспитувачите се делат на три смени, дежурни има во секое време во ноќта. Навечер се затвораат четирите врати, а чувари внимаваат никој да не излезе. Мерките засилени, а сепак секој втор-трет ден се случува некој од нив да побегне.

За секое излегување надвор, мораат да имаат дозвола од нас, а доколку излезат по своја волја, веднаш пријавуваме во полиција. Треба да се знае дека ова е институција од отворен вид и не е затвор, па не само што би било бадијала, туку и би предизвикало контраефект доколку ги затвориме во собите. Од друга страна, тие деца кога доаѓаат кај нас веќе го имаат научено ‘школото на улицата’, најголемиот дел од нив се од Скопје, некои имаат родители, па тешко е да ги задржиш“, објаснуваат вработените.

Од Министерството за труд и социјална политика признаваат дека системот на социјална заштита, особено кога станува збор за деца во специфичен ризик, е разрушен. Тврдат дека за неколку месеци ќе почне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови. Оваа реформа, според нив, ќе овозможи индивидуален пристап кон секое дете, подобра грижа и намалување на ризикот од вакви несакани настани.

По критиките за непостапување по информациите за злоупотребувања во домовите, конечно се огласи и Основното јавно обвинителство, од каде што велат дека информациите што можат да се споделат во моментов се само оние што нема да ја повредат тајноста на постапката, имајќи предвид дека станува збор за заштита на детето како оштетено или сведок. По писмени известувања од МВР, оформени се предмети по кои се постапува, односно се проверуваат наводите во пријавата и за организацијата, и за работењето во установата.

Повикани се и се врши сослушување на повеќе лица кои можат да придонесат кон утврдување на фактите и за кривичната одговорност. Во врска со последните информации што се однесуваат на поголем број штитеници од установата, Обвинителството достави писмено барање до Министерството за труд и социјална политика со цел прибирање потребни податоци. Отворен е предмет по поднесена кривична пријава од страна на родителите на девојчето, против лица вработени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, а за сторени кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата од Кривичниот законик“, соопшти ОЈО.

Оттаму велат дека се работи и на пријава против 18-годишно момче од Велес, осомничено дека ја силувало штитеничката од домот.

Ве известуваме дека сериозно и со големо внимание се следат случувањата поврзани со штитениците од воспитно-поправните установи и целосно се придржуваме во напорите за институционално решавање на проблемот во насока за идно превентивно дејствување и спречување на девијантните појави, особено оние во кои се децата како жртви. Јавното обвинителство од аспект на своите законски надлежности ги презема потребните дејствија сите инволвирани што евентуално сториле кривично дело да бидат доведени пред лицето на правдата“, тврдат од Обвинителството.

Јавен обвинител е Е.Н, претходниот старател е Ј.Д 

Е.Н. е јавниот обвинител кој требало да постапува по приватната кривична пријава во случајот со малолетното злоупотребувано девојче од ЈУ „25 Мај“. Во времето кога се случувало делото, старател бил социјален работник со иницијали Ј.Д.

Кривичната пријава до Јавното обвинителство ја поднеле биолошките родители, преку адвокат, на 1 август минатата година, и тоа против старателот и против домот „25 Мај“. По шест месеци од поднесувањето на кривичната пријава, немаше одговор за некакви преземени дејствија од страна на Обвинителството. ОЈО се огласи дури вчера, под притисок на јавноста.

Претходно, на 8 мај минатата година, било поднесено барање до Центарот за социјална работа да се поведе дисциплинска или судска постапка за несовесно, неодговорно и непрофесионално работење на поставениот старател на детето и на Домот за деца без родители „25 Мај“. Две недели подоцна, од Центарот за социјална работа одговориле дека не постои неправилно постапување од страна на поставениот старател и од страна на одговорните лица во Домот за деца без родители „25 Мај“, Бутел – Скопје. Имено, лицето што одговорило и одлучило на вака поднесеното барање до ЦСР е лично старателот на детето, социјален работник при Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје.

Горан Адамовски

Сунчица Стојановска-Зоксимовска