Има ли разлика меѓу Иванов и Силјановска?


Може да се најдат многу допирни точки меѓу актуелниот претседател Ѓорге Иванов (59), кој веќе се подготвува да се отсели од резиденцијата на Водно и Гордана Силјановска-Давкова (66), која претендира да се всели таму кон средината на мај, доколку победи на изборите чиј втор круг е закажан за 5 мај.
И на двајцата им се припишуваат врски со фондацијата на Џорџ Сорос и со владејачките гарнитури на СДСМ во минатото, како што и двајцата доаѓаат од истиот универзитетски кампус, поточно од Правниот факултет во Скопје. Иванов предава политичка теорија и политичка филозофија, а Давкова уставно право и политички системи.
На сличен начинот дојдоа и до претседателската кандидатура од ВМРО-ДПМНЕ. Како што во 2009 година Иванов стана наеднаш фаворит откако доби поддршка од голем број универзитетски професори и академици, така и Силјановска беше промовирана како посакуван кандидат од група интелектуалци, во обид да ја потврди својата партиска неутралност. Со таа разлика што Иванов ја имаше среќата и во двата наврата да биде кандидат на партија што до пред две години владееше неприкосновено, додека позицијата на Силјановска е понеудобна бидејќи оди на избори како кандидат на најголемата опозициска партија која со месеци наназад се соочува со тивко фракционерство во своите редови.
Во изминатите десет години, колку што ја извршува формално највисоката државна функција, Иванов не само што не ја докажа партиската неутралност, како позиција од која стартуваше, туку отиде во друга крајност. Тој се промовира како најверен следбеник на политиките на Никола Груевски, за сега да се најде на сосема иста линија и со новиот партиски лидер, но опозиционер – Христијан Мицкоски. Неодамнешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Струга покажа дека и Силјановска идеално се вклопува во истата таа „димензија“, со таа разлика што во изминатиот период не беше на политички позиции од кои би можела и во пракса да ги спроведе своите стојалишта. Како што, на пример, го правеа тоа Иванов и Мицковски со опструкциите за донесување на Законот за јазиците, а потоа и за спроведување на Преспанскиот договор. Од тој аспект, нејзината прва прошетка како претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ – низ охридската чаршија и во друштво на Иванов и на Мицкоски, не само што не е случајна, туку може да биде и показател дека Силјановска би ги продолжила политиките на досегашниот шеф на државата. Во тој контекст се и нејзините најави дека Преспанскиот договор не е затворено прашање, односно дека таа би иницирала негова ревизија ако влезе во претседателската резиденција.
– Тоа што сум денеска тука го покажува реформскиот и демократски капацитет на ВМРО-ДПМНЕ да отвори порта на еден натпартиски кандидат. Во 2001 година ни се вкрстија патиштата со ВМРО-ДПМНЕ, потоа во Струга во 2004 година, потоа за Преспанскиот договор и на крај за Законот за јазици – рече Силјановска во својот говор пред делегатите на ВМРО-ДПМНЕ во Струга.
Коментирајќи ја оваа изјава, универзитетската професорка Мирјана Малеска забележа на Фејсбук дека евентуалната ревизија на која било од точките што ги наведува Силјановска води кон меѓуетнички судир и меѓународна изолација. – Според сопствена изјава, патиштата на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ се вкрстиле во четири случаи: 2001(Охридски договор); 2004 (општинските граници произлезени од договорот); Преспански договор и Закон за јазиците. Ревизија на секое од овие решенија води во меѓуетнички судир, со можни трагични последици, судир со ЕУ и САД и меѓународна изолација, непријателство со соседите. Белки не се толку луди“, забележува Малеска.
Професорката Мирјана Најчевска, пак, коментира дека Силјановска како кандидат за претседател има две добри карактеристики – тоа што е жена и тоа што е повозрасна. И тука, вели, запира доброто.
– Она што е најстрашно кај неа како кандидат е тоа што не нуди ништо ново.
Стара реторика, стари цели, минати идеи, веќе видени и чуени и доживеани активности. Едноставно достоен претставник на партијата која е свртена кон минатото и чиј највисок дострел е лошо препишување од оние кои знаат – оценува Најчевска.
Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицковски, всушност, избра сличен профил на кандидат за претседател како и претходното партиско раководство предводено од Груевски. Разликата е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ првпат оди на избори со жена кандидат за претседателка или со „мајка на нацијата“, како што ја нарекува Мицковски. Со тоа Силјановска е и прва кандидатка од двете најголеми партии кои вообичаено се борат за претседателската функција, иако прва жена во претседателската трка, всушност, беше професорката Мируше Хоџа – во 2009 година, како адут на ДПА.

Зборуваше за „заевизам“, па му се налути на Заев

На конвенцијата во Струга, Силјановска силно ја критикуваше актуелната владејачка постава зборувајќи за „заевизам“, а без никаков критички осврт на претходната гарнитура на власт на чело со Груевски. Освен тоа, ставовите што ги изнесе за повеќе прашања, пред сè за договорот од Преспа, се дијаметрално спротивни на политиките на актуелната влада. И покрај тоа, Силјановска искажа подготвеност да биде заеднички кандидат, доколку, како што рече, нејзиниот профил му одговара на СДСМ. Но, откако премиерот Зоран Заев одговори дека таа не е прифатлива како кандидат за СДСМ, затоа што е надвор од актуелниот концепт на живот и надеж, Силјановска возврати рафално, дури и барајќи политичка одговорност за тешката автобуска несреќа кај Ласкарци.
– На навредите и етикетите кон мене им се придружи и премиерот. И морам да кажам дека се согласувам со него дека сум надвор од неговиот концепт за животот. Јас сум надвор од неговиот концепт во кој работа има само за децата на неговите министри и функционери. Надвор сум од неговиот концепт за живот во кој тендери има само за неговите соработници, пријатели, роднини и партиски другари. Не сакам да бидам дел од концептот во кој живеењето значи од Фондот за ПИОМ да исчезнат 19 милиони и никој да не одговара. Да, јас сум надвор од моралните норми во кои во сообраќајка загинаа 15 луѓе, а никој не презема политичка одговорност за трагедијата – одговори Силјановска. Александра М. Митевска