Има ли вработувања во образованието по распишување на изборите?


Државниот просветен инспекторат, во рамки на меѓуинституционална соработка со Државна комисија за спречување на корупцијата, започнува со прибирање податоци од основните и средните училишта, како и од државните високообразовните установи. Податоците од образовните институции ќе се прибираат, посочуваат од Државниот просветен инспекторат за „Независен весник“, со цел да се изврши проверка дали имало вработувања од денот на распишување на изборите, односно од осми февруари 2019 година па досега.

Проверката ќе опфати дали имало нови вработувања на определено и на неопределено време во училиштата или во високообразовните установи,

вработувања за итни и неодложни работи, прераспоредување вработени од едно на друго работно место и дали биле започнати постапки за вработување и ставени во мирување од денот на распишување на изборите. Доколку се утврдат прекршувања на Изборниот законик, од Инспекторатот подвлекуваат дека Државната изборна комисија ќе преземе понатамошни постапки.

„Податоците во зададен образец треба да бидат целосни и прецизни и за нив ќе се изврши дополнителен инспекциски надзор од страна на Државен просветен инспекторат. По завршување на надзорот, кој ќе ги опфати сите основни и средни училишта, како и државните високообразовни установи, наодите ќе бидат доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата, која ќе преземе понатамошни постапки доколку се утврдат прекршувања на Изборниот законик“, велат од Државниот просветен инспекторат.

Од Инспекторатот не откриваат зошто со Државната комисија за спречување на корупција се решиле на ваков потег, да се „чешлаат“ училиштата и факултетите. Дали имаат дојава дека имало вработувања во училиштата или на факултетите, не откриваат, само укажуваат дека ќе се изврши надзор.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер