Изгубеното време е наш најголем пораз


Ерол Ризаов

Нема победа во преговорите со Грција. Ниту, пак, некогаш можело да има некаков триумфален исход против Елините кои пет века се во сојуз со светот и неговата околина. За жал, за голема жал, никогаш не откривме дека победата не е во одбраната на името и идентитетот, како што поразот не е во географските додавки, придавки, именки… туку во потрошеното време, поточно во нашите потрошени животи во мизерија. Одбраната на името и идентитетот беа во изградбата на современа и демократска просперитетна држава на задоволни и среќни граѓани, треба да се признае јасно и гласно не успеавме. Нема никакви изгледи дека и во иднина можеме сами да успееме.

Во ова време на повеќедецениска продолжена транзиција и беззаконие, во време на башибозук, бранејќи го идентитетот на бедата и заостанатоста, некои си изградија нов идентитет на угледни граѓани на светот полни со пари како танкери со нафта. Можат да се укотват во секоја марина, со кое знаме сакаат и да бидат ерга омнес чисти Македонци, Американци, Кинези, Руси, Грци, Евреи, Абороџини… или кој било идентитет што ќе си го изберат тој ден. Ние цело време сме бранеле еден идентитет, а тие си изградиле на наша сметка друг идентитет. Сега истите тие ни викаат – чувајте го достоинството, гордоста, јазикот… Идете бре у п.м. кога веќе не сте во „Идризово“. Достоинство и гордост кај ограбените и осиромашените до гола кожа има само во приказните.

Зошто времето е најскапо. Многу едноставно, оти тоа што денес или утре ќе го прифатиме сме можеле да го прифатиме и пред десет или дваесет години, и на денешната скромна прослава на десетгодишнината од членството на „Нова“, „Северна“ или „Горна Македонија“ во НАТО и пет години од членството во ЕУ да го искажеме лицемерно незадоволството, како што сите прават во ЕУ, затоа што сѐ уште просечната плата од 1.000 евра ни е најмала во Унијата и затоа што уште не е запрена миграцијата на младите учени луѓе во западноевропските држави, што не сме можеле македонскиот Меси да го задржиме во Шкендија, а Ајнштајн од Дебар Маало да го заштитиме да не го сменат од шеф во „Тинекс“, па навреден си заминал во Силиконската Долина.

Ах, да, за малку ќе заборавев, ќе ја критикувавме ЕУ жестоко затоа што Вардар сѐ уште не е пловен до Солун и до Дунав и што целосната гасификација на земјата не е завршена, а има уште пет недовршени пречистителни станици и колектори, три недоизградени депонии, уште две брани и централи, 10 села без водоводи и канализации, а и возовите во Македонија не одат побргу од 140 километри на саат.

Значи, нема ништо од тоа за 27 години самостојност. Ни јаре ни паре. Толку сме можеле сами да изградиме и да украдеме за три децении и наши и туѓи пари. Просекот на платата ни е помалку од 400 евра, а по три децении уште полемизираме дали се можни 500 еврулиња за да нема гладни. Младите и натаму си заминуваат како река без враќање. Три четвртини од Македонија нема канализација, сите се задушуваме во ѓубре, а кога два дена врне се давиме во поплави. Ако, пак, три дена грее сонце, почнува големата суша, нема канали за наводнување и одводнување, а тие што ги има се затнати од нашата пречувствителност на хигиена, па ги фрлиме непотребните работи од дома во најблиската река или канал.

Нашите реки и натаму течат каде што сакаат бидејќи коритата никој не ги исчистил од осамостојувањето до денес, оти никој не се меша во независноста на надојдените води и на целиот слив на Вардар и на Црни Дрим, кои со милениуми бадијала истекуваат во два морски слива. По толку столетија од античка Македонија до денес сега за првпат еден политичар надојдува како Аксиос матен во пролет, може сѐ да поплави амбициозниот лидер – река ако не се регулира.

Корупцијата, нормално, и натаму цвета, многу успешно бидејќи сѐ помалку случаи се откриваат и се гонат судски. Тука сме подобри и од Скандинавија, тие имаат повеќе откриени случаи на корупција отколку ние, а се најмалку корумпирани во светот. Чуден некој аршин имаат овие во Европа. Ние сме имале само два откриени случаи на корупција годишно и ниту еден осуден, а тие по десет и повеќе и пак тие се прваци по чесност. Абдали, не знаат што е мито, а што е бакшиш. За бакшиш како знак на внимание не се одговара кај нас, а тие за слична работа ги праќаат луѓето во затвор. Организираниот криминал кај нас се легализира целосно и тој се одвива строго според законот и затоа нема веќе криминал бидејќи нема ни мафија. Тоа се сега чесни луѓе кои од црквата си ги откупија гревовите. Некогаш големите криминалци, сега најгласно бараат владеење на правото, плаќаат редовно даноци и им пречи нелојалната конкуренција во нивниот легален бизнис.

Тие што се со нов граѓански идентитет, признаен ширум светот, велат веднаш да ги прекинеме преговорите со Грција, оти и онака нема да влеземе во ЕУ и во НАТО. Не даваат Французите и Холанѓаните. Нѐ подучуваат да не брзаме. Зошто толку сме запнале наеднаш. Времето си е време и нека си тече, и онака никој не може да го запре. Значи, да почекаме уште едно 25 до 30 години и тогаш да прифатиме едно од двете понудени имиња приопштени од наследникот на Нимиц. „Горна“, „Северна“ или „Нова“ Македонија. За идентитетот никој нема да спомне ни збор. А јазикот ќе биде ист, со тоа што за романот како Трајче Караѓоз се престори во Алаксандар Македонски, напишан на чист македонски јазик, ќе биде доделена Нобеловата награда за литература 2055 година, точно на мојот 105. роденден и на 152-годишнината од Илинденското востание.

Е, па драги мои затоа изгубеното време е најголемиот наш пораз. Останавме сираци на Балканот. Ако треба да чекаме и да се караме до 2056 година, 65 години по прогласување на независноста на Македонија за да го избереме истото име и презиме, тогаш, дајте уште денес да се викаме „Република Нова Македонија“, во тоа име се содржани сите наши илиндени, сите наши порази и победи. „Нова Македонија“, нова држава, се најчесто употребуваните зборови на заседанието на АСНОМ и по него. Не случајно со одлука на АСНОМ е основан првиот дневен весник на македонски јазик во првата држава – „Нова Македонија“.