Иднината не е судбина


Ерол Ризаов

„Страв, беспомошност, сомневање? За такво нешто, и покрај ризиците, нема причина иако во државата сѐ уште нема уредни политички односи… Сѐ поголем број граѓани вртат со главите, но мора ли да бидат загрижени? Не, нема причина за страв. Не треба сѐ што е неочекувано да влева страв… државата дејствува според правилата предвидени во Уставот за вакви ситуации. Живееме во време кое постојано нѐ конфронтира со неочекуваното. Тоа нѐ прави несигурни… И во оваа актуелна состојба во која се наоѓаме се гледа светло на крајот од тунелот. Иднината не е судбина. Можеме да ја надминеме беспомошноста и отуѓувањето ако заеднички направиме нешто, ако не гледаме каде и колку се другите одговорни, туку ако препознаеме каде е нашата одговорност“.
Ова се само неколку истргнати реченици од говорот на претседателот на Република Германија, Франк Валтер Штанмајер, во своето божиќно обраќање до граѓаните. Се разбира, сосема намерно ги извлеков речениците кои, иако се работи за најмоќната, најбогатата и најразвиената европска држава со високи дострели во стандардот, демократијата и владеење на правото, се препознатливи и за сиромашната и до вчера заробената Македонија и воопшто за сите народи и земји во светот. Голем број тешкотии, проблеми и страхувања од неизвесност постојат кај сите жители на планетата. Поентата е во тоа како се обраќа еден претседател на држава кон граѓаните. Кои се главните заложби во говор на државник, претседател на сите граѓани, кој соопштува универзални општочовечки пораки, што е клучна карактеристика на обраќање на државници. Тоа е говор кој им влева храброст на граѓаните, ја продлабочува довербата во институциите на системот, ги зголемува и самодовербата и надежта, но упатува и на тоа одговорноста да се бара и кај себе. Пораката дека иднината ја правиме сами и дека не треба да чекаме со скрстени раце што ќе ни донесе судбината – е обврска на секој човек, на сите одговорни политичари, интелектуални и деловни елити и јавни личности, особено на тие што се избрани да носат тешки и значајни одлуки од кои зависи иднината на земјите, но и на целиот свет.
И уште една особено важна порака, не само за граѓаните и политичките водачи на Германија, дури можеби повеќе за нас во Македонија, е дека може да се надмине беспомошноста ако не гледаме каде и колку другите се одговорни за нашата зла судбина, односно, за нашите неуспеси и промашувања, за бедата и сиромаштијата во која живеат над 25 отсто од граѓаните на Македонија доведени на работ на гладување и очај, туку ако ја препознаеме нашата одговорност зошто сме таму кај што сме. Повеќевековната тешка заблуда дека за сѐ што ни се случува лошо други се криви, нашите лоши комшии и големите сили, домашните предавници и непријатели, направи големи штети во свеста на илјадници луѓе кои долго време, предолго ги прифаќаат оправдувањата зошто сме на европското и светското дно, како завера против Македонија наместо како неспособност да се води државата во правилна насока. Време е граѓаните на Македонија да бараат енергично решенија наместо оправдувања, храбри одлуки, наместо лаги. Постојаното прогласување на други за виновници нѐ донесе во тешка ситуација.
Првпат по една цела деценија стоење во место и во многу сегменти назадување Македонија се наоѓа во поволна положба да направи историски исчекор во Новата 2018 година. Тоа е историската шанса која треба да се зграпчи цврсто од сите релевантни политички партии, институции со силна поддршка од секој граѓанин на државата. На овие тези требаше да се држи и нашиот претседател на државата во своето обраќање во парламентот. Се разбира, ниту Македонија е Германија ниту, пак, Ѓорге Иванов е Франк Валтер Штанмајер. Ама нашиот универзитетски професор кој сѐ уште се одѕива на титулата претседател, остана доследен на својата кариеристичка, а не идеолошка партиска определба, да биде претседател само на граѓаните што гласаат за партијата што го кандидирала на изборите.
И еве кои пораки ни ги испрати претседателот Иванов. Нови делби и омрази. Подготвеност да ги исправи со нови аболиции и помилувања судските неправди, како што ги нарече истрагите и судските процеси за неговите сопартијци. Со тоа недвосмислено претседателот Иванов ги оправда крвавите настани од 27 април, во стилот насилството е неприфатливо, ама обидот со брутален напад на парламентот и врз пратениците и силеџиското спречување мнозинството да ја преземе власта е пресметка со политичките противници. А, што можеше друго да каже претседателот кога и тој лично учествуваше во кршењето на Уставот и попречувањето на мнозинството да го конституира Собранието и да избере Влада. Овој пат претседателот избра да потпалува и меѓуетнички огнови. Откако призна јавно дека зголемувањето на употребата на јазиците на другите народи во Македонија не го загрозува македонскиот јазик, додаде прв дека тоа ја загрозува унитарноста на државата. Така му кажеле на претседателот познати експерти, универзитетски професори и академици. Штета што не им ги кажа имињата на неговите консултанти, оти ќе беше работата номен и хомен, името е човекот, па по имињата и ќе разберевме каде овие учени луѓе препознаа дека, ако во една земја се зборуваат и се во употреба повеќе јазици, со тоа е загрозена унитарноста и територијалниот интегритет на државата. Точно, територијалниот интегритет на Македонија може да биде загрозен и е загрозен од вакви претседатели кои предизвикуваат етнички пожари. Докажано е повеќе пати дека тоа е најголемата опасност за распаѓање и поделба на државата. Ете, затоа иднината не е судбина ниту, пак, е судбина Ѓорге Иванов десет години да биде претседател на Македонија. Треба да си замине како последниот бастион на груевизмот кој сѐ уште се толерира. Неговото заминување, како и на неговиот ментор, се добра иднина.