Злосторство и казна
Ерол Ризаов
Драматични вести во низа се во центарот на вниманието на јавноста. Уапсени се пратеници, високи полициски началници и јавни личности во врска со истрага за настаните што се случија на 27 април во Собранието на Македонија. Другата вест, ден пред тоа е дека сопственик на менувачница пред вперени пиштоли на вооружени ограбувачи пресуди на самото место со смртна казна на двајцата ограбувачи. Сега треба да докаже на суд дека немал друг избор, туку во самоодбрана ја земал правдата во свои раце.
Во другиот случај, судот, односно обвинителот во судска постапка треба да докаже дека осомничените, одговорни луѓе во полицијата и пратеници смислено не сакале да ја заштитат светоста на највискиот законодавен дом, а биле должни тоа да го направат со што на 27 април ги доведоа во опасност животите на повеќе луѓе и уставниот поредок на државата. Покрената е постапка која треба да расветли дали полицискиот врв не преземал соодветни мерки предвидени со закон за зачувување на безбедноста на парламентот, а со тоа и на државата и колку во тоа учествувале пратеници на ВМРО ДПМНЕ и други високи функционери и јавни личности.
Високи се тензиите во земјата по апсењето на повеќе пратеници и на Митко Чавков со неколку соработници, до неодамна на високи позиции во полицијата. Ако малку се прочепка подлабоко ќе излезе дека работата не е баш така црно бела и дека има многу повеќе виновници и соучесници во злосторствата и дека многу поголем е списокот за казни. Кога не е заштитен граѓанинот и приватниот имот, кога мафијата работи непречено не може да биде заштитен ни парламентот, особено ако надвиснала опасноста за промена на власта по веродостојни избори. Упадот во парламентот ги имаше сите одлики на терор да се спречи преземањето на власта од парламентарното мнозинство. За тоа имаше јавни повици на политичари народот да не седи дома во папучи. Сите ги видовме снимките од отварањето на вратите на парламентот од страна на пратеници и премногу е тазе за да ја заборавиме ужасната слика од стравичното насилие пред очите на индиферентната полиција која не интервенираше соодветно на законот. Сето тоа јасно покажува оти сомнежите дека се работи за обид за уривање на уставниот поредок и загрозувањето на животот на повеќе луѓе не бил емотивна патриотска реакција, туку осмислена акција на една друга политичка мафија, многу поопасна од класичната. Кога тие што треба да го бранат поредокот го уриваат е вистинскиот и најголем виновник за она што се случи на 27 април. Тоа мора да се расчисти во чиста и непристрасна судска постапка ако сакаме да владее правото и да се сочува уставниот поредок.
Во главниот град на државата и во речиси цела земја не постои менувачница која не е ограбувана повеќе пати. Заштитата на приватниот имот и на луѓето што работат во менувачниците досега бил загрозен безмалку секојдневно. И газдата на менувачницата во Кисела Вода бил повеќепати ограбуван, а според некои вести и бил ранет при поранешен вооружен грабеж на неговата менувачница. Кога нема правда од тие што се задолжени да го бранат граѓанинот и да го штитат нивниот имот, тогаш правдата се зема во свои раце, што е ужасна порака за стабилноста на земјата и сигурноста на населението.
Ако се копне уште малку подлабоко брзо ќе се открие дека од Сарај до Кисела Вода има најмалку стотина коцкарници и јавни продажни места со богат избор од дроги по пристапни цени. Во неефикасноста на државата и на повеќе институции на системот во борбата против ова зло, се кријат добар дел од причините за големиот број грабежи и дрски разбојништва. Последниве години, зафатени со пропаганди во борбата за власт, во време на процват на корупцијата и организираниот криминал, не` одминуваат тешките социјални драми од трагедиите предизвикани од легално дозволенио комар во коцкарниците и од речиси непречената продажба на дроги. Стануваме бесчуствителни на алармантно загрижувачки состојби кои дури не влегоа посериозно во предизборните партиски програми, ни со лажни ветувања. Проституцијата со малолетници е третото зло кое е составен дел на комарот и на дрогата, позната криминална палета комплетно контролирана од класичната мафија.
Во судската непристрасна и професионална разврска на двата случаи кои се во центарот на внимание на јавноста на повидок е враќање на довербата во судството и во владеење на правото. Во спротивно, ако ова е уште една политичка парада за замајување на јавноста, набргу ќе уследи нова хаварија со многу потешки последици.