За јазикот се работи


Насер Селмани

Еден од најголемите пропусти на новата власт е несноаѓањето во организирање сериозна јавна дебата за најбитните реформи од кои зависи демократијата и благосостојбата на граѓаните. И тогаш кога имаше дебата за некое прашање, беше про форма, колку да се помине редот. Во најлош случај, како што беше дебатата за медиумските реформи, да се протуркат нетипични решенија во демократски земји.
Очекувано, и законот за јазиците помина без дебата, со што во јавноста се создаде впечаток дека владата крие нешто, како да сака да го шверцува. Најмалку СДСМ требаше да дозволи носењето на законот да се претстави како нешто изнудено од пратениците Албанци во Собрание и од меѓународниот фактор.
Ваквата искривена слика во јавноста за законот го надополни неодговорното однесување на ДУИ, кое неговото усвојување го претстави како своја најголема победа. Во суштина, овој закон покажува колкави дилетанти се тие во политиката. Не беа кадарни да издејствуваат една уставна одредба за употребата на албанскиот јазик, која требаше да се затвори во 2016 година, и го развлекоа законот 11 години.
Дека владата ја зафркна работата околу начинот на донесување на законот за јазиците е јасно како бел ден, но уште потажно е што таквата лоша перцепција во јавноста за законот ја урнисаа ставовите на некои професори и академици.
Нивните настапи не помогнаа да ја разбереме приказната околу законот за јазиците, туку внесоа уште поголема забуна, страв и омраза. Нетипично за академски граѓани.
Свесно предизвикаа непотребна нервоза и го вратија на сцена лажниот патриотизам од времето на режимот на Груевски, кој опасноста од албанската наезда грчевито ја користеше по секоја цена да ја задржи власта.
Невешто, нивниот политички став за законот за јазиците се обидоа да ни го продадат како експертско мислење. Ниеден од нив не е експерт по уставно право.
Клучното прашање што требаше да се разјасни беше дали законот е во согласност со Уставот и најдобрите европски практики, за каде што Македонија декларативно стреми да припаѓа?
Такви аргументи, за жал, не слушнавме. Се зборуваше за сѐ и сешто, само не за амандманот 5 од Уставот на Македонија, кој го регулира прашањето за употреба на јазиците. Го игнорираа него затоа што таму има јасни и недвосмислени формулации, кои потврдуваат дека усвоениот закон е во рамките на Уставот.
Пример, вториот став од овој амандман вели дека друг службен јазик во Македонија освен македонскиот може да биде оној што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението. Појасно здравје!
Уште поважно е да се разјасни дилемата околу уставноста на законот е ставот пет од овој амандман, кој вели: „Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик може да се користи во согласност со закон“. Органи на државна власт, за неупатените се сите органи на централната власт, од претседателот, влада, министерствата, како и сите агенции и заводи.
Исполнети се двата уставни предуслови за да може да се користи друг службен јазик освен македонскиот. Има јазик што го зборуваат 20 отсто од населението и има усвоен закон, кој ја регулира неговата употреба во органите на државната власт. Не знам зошто, покрај овие јасни уставни одредби, некој со сила се обидува да се прави недоветен!
Во отсуство на сериозни аргументи за да го спорат законот, професорките посегнаа по чувствата на обичните луѓе доведувајќи ги во заблуда дека нешто страшно се случува. Ваквите политички, да не речам политикански аргументи, ги покриваа преку создавање општа хистерија во јавноста.
Најнелогичен аргумент пртотив законот за јазиците е тврдењето дека тој го загрозувал македонскиот јазик. Што е многу, многу е. Според оваа чудна логика, значи дека ако јас јадам јаболко, професорките треба да ги болат забите. Не сум јас крив што уживаам во вкусот на јаболкото, туку некој треба да ги провери забите на стоматолог!
Другиот, исто така неиздржан аргумент, кој има елементи на говор на омраза против Албанците, е дека овој закон го фаворизирал албанскиот јазик. Зарем албанскиот е виновен што на национално ниво само Албанците се над 20 отсто?! Што треба да направиме според вас, за да не биде албанскиот единствен службен јазик покрај македонскиот? Имате вие решение? Немате!
Еве, јас ќе ви понудам најмалку три можни решенија. Првото решение е да побарате да се промени Уставот, каде што процентот од 20 отсто, кој е услов друг јазик различен од македонскиот да се употреби како службен, да се намали на три отсто. Со тоа ќе помогнете албанскиот да не биде единствен службен јазик освен македонскиот, туку таков статус да имаат уште најмалку два јазика, ромскиот и турскиот.
Второто решение, со цел албанскиот да не биде единствен по македонскиот како службен, е да увеземе некои 300 до 400 илјади Турци или Роми со цел нивните јазици да бидат исто така службени јазици.
Трето, најрадикално решение, е да го намалиме бројот на Албанците за сто илјади со цел нивниот процент да падне под 20 отсто од вкупното население и така ќе се оствари вашиот сон, албанскиот да не биде службен. Разбирате колку несериозни ставови застапувате?!
За среќа, во Македонија нема само луѓе што глумат експерти по уставно право, туку има и рационални луѓе. Меѓу нив се вбројуваат и моите почитувани колеги кои напишаа најаргументирани и најрационални анализи за законот за јазиците.
Една моја ценета колешка пред некој ден напиша убава анализа во која проблемот со законот за јазиците не го лоцираше во Уставот, туку во нашите глави, во отсутството на меѓусебна доверба. Точна дијагоза!
За недовербата меѓу Македонците и Албанците сите ние сме помалку виновни, но најодговорни се политичките актери. Партиите на Албанците, сакајќи да ги сокријат кукавичлукот и некомпетентноста да се занимаваат со политика, остварувањето на правата на Албанците го претставуваат како своја победа на сметка на Македонците.
И мене, да бев етнички Македонец, би ме фруструирало таквото детинесто однесување на албанските партии. Зошто? Затоа што не можам да трпам некој што се однесува како разгалено дете, кое постојано бара некоја нова играчка, а кога треба да се преземе одговорност за водењето на државата, едноставно крева раменици и вели, јас не знам! Освен за албански јазик и албанското знаме, тие луѓе не знаат за ништо друго да зборуваат! Жива брука се!
Затоа, Албанците од Македонија мора да се разбудат и да придонесат во создавањето на една посериозна политичка елита, која ќе биде подемократска, поевропска и покомпетентна. Со тоа ќе покажеме одговорност кон себе, кон нашите сограѓани Македонци и на крај кон заедничката држава.
Пратеникот Бранко Манојловски во една пригода во Собранието на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им кажа дека го спорат албанскиот затоа што ги мразат Албанците! Тоа тврдење крие голема вистина околу расправата за законот за јазиците!
На крај, сакам да кажам дека како македонски граѓанин можам да прифатам Албанците да не бидат дел од извршната власт затоа што, какви сѐ Албанци станаа министри и директори, ми се повраќа од идејата за политичко претставување на Албанците во Владата.
Можам да прифатам, но не по секоја цена, 20 отсто од вработените во администрацијата да бидат Албанци, затоа што добар дел од тие партиски војници на албанските партии не заслужуваат место таму.
Но, како човек, две работи не можам да прифатам. Македонија да не биде слободна, демократска и европска земја и некој да ми го спори моето право службено да го користам мојот мајчин јазик! Тој што го оспорува албанскиот, ме оспорува и мене како Насер.