За млаката пролет


Петар Арсовски

Дојде пролет и, како впрочем редовно во последните неколку години, навидум се разбуди и македонската политичка сцена. Кафеаните почнаа да се полнат на денски кафиња, метежот во градот се зголеми, па и партиските седишта се разбуричкаа со најави за „жешка пролет“. Не знам која по ред е оваа најава за жешка пролет, но реалните показатели сепак се на страната на тоа дека, во најдобра рака, треба да очекуваме благо „смлачување“, но не и вжештување на политичката сцена. Мислам дека напротив, нѐ очекува период на стабилизација на постојните процеси, а не на драматични или тектонски поместувања.

Прво, мислам дека прогнозите за неизбежната криза и разочарување од власта се пренагласени. Во овој период треба да се очекува некаква нормална пазарна корекција после првичната еуфорија од победата против Груевски, во која очекувам рејтингот на власта да се намали, како што јавноста се адаптира на новата политичка реалност и ги консолидира позициите помеѓу високите очекувања, и во смисла на потези и во смисла на динамика, со реалниот капацитет, компликации и можности за политички пробив, но тоа не е сигнал за пресврт. Напротив, иако е нормално да спласнува оптимизмот и безрезервната доверба во СДСМ, тој процес е транзиторен и осцилаторен. Како што еуфоријата беше премногу нагласена, сега разочарувањето е премногу истакнато. Пазарот во текот на наредниот период повторно ќе се коригира, како власта ќе реагира на првите критики, и ќе се позиционира со нова стратегија, и како што ќе се појавуваат првите резултати од потезите на Владата. Оттаму, прерано е да се очекува дека СДСМ веднаш ќе падне во криза.

Паралелно, и ВМРО ДПМНЕ е далеку од нов голем наплив на рејтинг. Иако првите пораки од партијата се конфузни и понекогаш контрадикторни, сепак, вкупно земено, и покрај обидите за блицкриг-драмолетки, и таму ситуацијата ќе наклонува кон стабилизација на постојната позиција. Ситуацијата внатре во партијата не е созреана за да можат да направат крупен и тектонски пробив со рејтингот, и затоа сметам дека најавите за масовни протести на пролет нема да го имаат резултатот на кој ВМРО-ДПМНЕ се надева. Имено, мислам дека опозицијата не може да се надева на крупни поместувања во однос на СДСМ сѐ додека не се завршат процесите на „пролетно чистење“ и дисконтинуитет од претходните политики. Таму има повеќе проблематични оски кои мораат да се усогласат пред да можат повторно да излезат на политичкиот пазар со нов имиџ и нова шанса. Прво, треба да се консолидираат и да најдат сопственото место оние што на сегашниот лидер му беа конкуренција на конгресот. Иако постојат повеќе варијанти како тоа се решава, од изолација до внесување назад во партијата, а не знаеме во кој правец тој процес ќе оди, сепак, без заклучница нема да има внатрешно единство. Понатаму, втората оска која мора да се разреши е ова кокетирање помеѓу русоносталгичарите и новите „јапи-западњаци“. И таму партијата мора да направи јасна стратегија и агенда пред да се надева на пробив. Третата оска е неизбежното враќање кон учество во политичкиот дискурс – тука веќе има некакви најави за стабилизација, учество во парламентот, поддршка на реформските закони и слично, и интерпелацијата е само политички фолклор, обид да се сокрие вистинскиот потег на прифаќање на реалноста. На крајот, важни се и исходите од судските процеси против претходните моќници во ВМРО-ДПМНЕ – таа разрешница реално ќе создаде катарза и ќе го ослободи сегашното раководство од потребата за палијативна нега на едно цело крило во партијата. Но, вкупно, сепак мислам дека во наредниот период и опозицијата ќе мора да се занимава со себеси, и прерано е да се очекува дека набрзо ќе станат реална закана за власта.

Оттаму и најавите за брзи предвремени избори не се реални бидејќи нема суштински тектонски поместувања на позициите кои би значеле пресврт: ниту Заев ниту Мицкоски немаат изгледи за големи разлики во резултатот; дополнително, меѓународната заедница ќе се противи на избори пред разрешница на оваа фаза од процесот на преговори за името и реформите, така што и на тоа поле не треба да се очекува ништо драматично. Паралелно на тоа, ниту процесот за името не верувам дека ќе има некакво тектонско поместување во овој период, зашто првата фаза на лесни и брзи симболични пробиви заврши, се сретнавме, се гушнавме, но сега треба да преговараме, а тоа е потешкиот дел од работата. Што значи дека како што ќе се отвораат прогресивно се потешките прашања, така процесот ќе се забавува, се додека не созрее до фаза зрела за меѓународна интервенција, но тоа не верувам дека може да се случи во наредните 3-4 месеци. Значи, и на тоа поле не треба да се очекува премногу.

Паралелно, и дома расчистувањето со духовите од минатото, симболично претставени преку судските процеси за случаите од претходниот период, ќе се устоличат во една континуирана, но далеку од драматична динамика. Иако работите во овој дел можеби се движат во најсигурен правилен правец, сепак ниту брзината ниту тежината на пресудите нема да бидат сензационални, и нема да остават премногу простор за вжештување на атмосферата. И другите реформи дома исто така ќе се пробиваат низ минско поле, што административно, што финансиско, што политичко, а тоа, заедно со бавното градење на капацитетите на новата власт, ќе значи минимални напредоци во наредниот период.

Единствена реална тектонска промена во првата половина од 2018 година би била добивањето датум за преговори. Тој, како што стојат работите, повеќе би се должел на добра надворешна политика и недостаток на друга агенда на меѓународната заедница одошто на успешни домашни реформи. Оттаму, и датумот за преговори, ако го добиеме, ќе биде најмалку условен со некакви дополнителни чекори, што во најдобра рака ќе значи половична победа. Значи, и на запад ништо ново.

Конечно, сметам дека и критичката јавност полека ќе ги коригира очекувањата и ќе се вкотви за долги политички процеси, па и притисокот кон елитите ќе се намали, така што поверојатно е да се одвива поголема драма околу тоа кај ќе се оди на одмор одошто што ќе се случува со државата во овој период. Јас лично се мислам за Хрватска, да „мало освежимо аурицу“.