Затнато уво – знак за сериозна болест


Тегоби со слухот, вклучувајќи сѐ послаб слух, брмчење во ушите, пречувствителност на врева и впечаток дека не се слушаат исти звуци во двете уши, се некои од симптомите на сериозна болест. Доколку имате и чувство дека ушите се полни, затнати, а потоа следува напад на вртоглавица, направете испитувања за Мениерова болест.

Првпат ја опишал францускиот лекар Проспер Мениер, пред повеќе од сто години. Болеста ја означуваат голем број симптоми, сите поврзани со тегобите на внатрешното уво, место во организмот каде што се сместени сетилните органи за слух и рамнотежа.
Вртоглавицата понекогаш е придружена со мачнина, повраќање, бледило и немоќ.

Нарушувањето на внатрешното уво не поминува само од себе. Напротив, со време се влошува, а често го оневозможува нормалното функционирање, доведува до непријатност и психолошка вознемиреност.
Мениеровата болест обично се појавува кај луѓе на возраст меѓу 20 и 60 години, просечно на возраст од 40 години. Но нарушувањата може да се појават и кај четиригодишно дете и кај деведесетгодишен човек. Тегобите обично почнуваат во едното уво и кај многу болни се прошируваат и на другото уво. Понекогаш болеста поради непознати причинители се повлекува сама од себе. За жал, никој не знае кои болни ќе оздрават, а кои нема да оздрават.

Иако научниците сѐ уште дискутираат за причинителите за нарушувањето, со сигурност знаат дека тоа вклучува прекумерно количество ендолимфа, течност што го исполнува внатрешното уво или лавиринтот. Поради некои причини, внатрешното уво се полни со премногу течност, па се губи чувството за рамнотежа.

Луѓето со неправилно обликувано внатрешно уво или слепоочна коска, било вродено или како последица на повреда, се изложени на поголема опасност од развивање на Мениеровата болест. Обликот на средното уво и нивото на течноста во него може да го променат и некои други болести, вклучувајќи инфекции на средното уво, сифилис, леукоза, отосклероза (закостување на средното уво) и нарушување на имунолошкиот систем.
Бидејќи научниците сѐ уште не откриле лек за оваа болест, лекувањето е сосредоточено на намалување на симптомите и психолошките дејства на нарушувањата. Оперативното лекување се применува како крајна мерка кај болните со изразено тежок облик на болеста.