Затворете ги устите, се задушивме
Ерол Ризаов
Она во што сите здраворазумски луѓе се сомневаа, а на судската истрага ѝ требаа докази, почна да се одмотува во судот. Сведоштвата за злосторствата на 27 април лани излегуваат на виделина како работела подмолната организација со виенските директиви на Никола Груевски до неговите извршители и за подготовките во претседателската резиденција на Ѓорге Иванов на Водно за прогласување на вонредна состојба во земјата за да се спречи примопредавањето на власта. Обид за класичен државен удар. И додека се одмотува клопчето на злосторничкиот крвав напад на парламентот да не се дозволи негово конституирање, еден од најсрамните датуми во историјата на независна Македонија, наследникот на урнатата тиранија, Христијан Мицкоски, организира слични протести како пред упадот во Собранието лани, но овој пат со одбрана на името на државата, против загадувањето на воздухот и против сиромаштијата.
Најголемото загадување на човековата средина и најголема опасност по здравјето на луѓето во Македонија не се ќумбињата на дрва и ќумур, кои секоја година горат по една цела планина над земја и под земја. Не се тоа ни автомобилите и старите крнтии што се тркалаат по улиците како мртовечки сандаци испуштајќи отровни облаци. Не се ни фабричките оџаци кои пуштаат непречено смртоносни облаци, не се ни урбанистичките монструми на градежната мафија што ги сопреа ветровите од планините. Не се ни исчезнатите реки и бунари чии води влегоа во цевки да прават пари од струја, не се ни згаснатите извори и кладенци чии води завршуваат во супермаркетите наредени во шишиња, не се тоа ни отпадните води и канализации и сите наши бербатлаци кои убаво се гледаат како завршуваат во нашите надземни и подземни реки и езера, бисери балкански и ги поливаат нашите надалеку познати рајски градини со најубавиот зеленчук и овошја на светот, ептен здрава храна од која не се умира така брзо, туку на рати. Не се тоа ни дивите депонии кои обединети во една можат од Македонија да направат пристоен контејнер за ѓубре со најголемата септичка јама на Балканот. Не е толку страшно ни глобалното затоплување кое не може многу да влијае на нашиот човек со стекнат природен имунитет од сите овоземни отрови и гадости. Сите овие зла и отрови собрани заедно не се ни приближно опасни како устите кои произведуваат неизмерни количества лаги кои го парализираат човечкиот мозок речиси безболно и не му дозволуваат да мисли. Лагите ја задушуваат Македонија како ниту едно загадување. Обидите да се спречи Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО се најголемото загадување на човековата околина и најопасно труење за здравјето на луѓето. Тие се причина и за неподносливата сиромаштија предизвикана од еднодецениски грабеж. Протестите што ги организира ВМРО-ДПМНЕ имаат единствена цел да се спасат организаторите на обидот за државен удар на 27 април лани бидејќи сведоштвата покажуваат кон Никола Груевски и Ѓорге Иванов.
Тие што не згаснаа ниту еден извор на отрови, а отворија стотици нови, тие што делеа дозволи на шумската мафија заедно со гласачки ливчиња да ги пустоши планините, тие што изградија не само монструми од зградетини, туку ги запреа и ветровите и го затскрија сонцето, ги преградија и реките и ги испразнија езерата, сè што фатија исушија, извалкаа и испокрадоа, изедоа… сега да нè повикуваат да протестираме против загадувањето, односно против загадувачите кои ги зеле нивните места и кои не успеале за две години да ги затворат нивните гасни комори кои 11 години од Македонија направија концентрационен логор. Намесникот на царот во бегство, учен човек кој магистрирал во Германија, докторирал во Италија, вели годишно во Македонија умираат од загаден воздух 1.300 луѓе. Пресметал уважениот Христијан Мицкоски дека за неполни две години умреле 2.600 граѓани кои не биле отпорни на отровите што ги испушта новата власт. Обдукцијата покажала дека сите што починале овие две години од загаден воздух биле патриоти и членови на неговата партија бидејќи претходно живееле повеќе од една деценија на чист воздух и го изгубиле имунитетот.
Во нивната ера на владеење и на контрола на воздухот луѓето не умирале од загаден воздух, туку само од офтика. За една деценија брз развој каков што не памети ни нашиот народ, ни светот од с’клет и од таксират да не се загрози преголемата среќа и убавина од домашните предавници и странски непријатели, умреле, исчезнале без трага и глас и избегале околу половина милион луѓе од земјата светски првак во реформи и благопријатен амбиент која кумовите што специјализирале на Сицилија и во Калабрија ја нарекоа со чудесно име – бизнис-клима. Таа, дење сахарска, а ноќе сибирска клима ја опустоши земјата до просјачки стап. Милијарди и милијарди евра, поточно нешто над 20 милијарди евра, легални пари од државната каса, пари на граѓаните, се поарчија по волјата и милоста на царот кој сега живее како азилант во дворецот на неговиот колега во Будимпешта. Толку за легално собраните и потрошените пари со декрети на еден човек. Која е таа моќ да потрошиш над 20 милијарди евра за една деценија на најсиромашните граѓани на Европа, тоа не може да го пресмета ни физичарот престолонаследник.
Така добивме тиран кој дели плати, пензии, лекови, дава станови, гради палати, споменици, музеи и гаражи, панорамски тркала и карусели, жални врби, антички кораби и галии во Вардар, а со негов благослов се назначуваа кнезови и владици. Тоа е за легално изарченото. А, она што уште не се дознало, што е сместено во пештерата на Али Баба и неговите 40 разбојници, тоа што е земено и ограбено за џабалак, тоа допрва ќе биде големата бомба чиј бавногоречки фитиљ уште не ја предизвикал атомската експлозија.
И сега неговиот намесник и кандидат за принуден управник и за реставрација на царштината повикува да протестираме против сиромаштијата која стопати е побрза од брзината со која се збогатија арамиите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Протестите и маршевите на Христијан Мицкоски не се ништо друго туку народни игри за враќање на тиранијата. Затоа праведниот судски епилог за организацијата и организаторите на државниот удар лани, на 27 април, е најзначајната работа во пострежимскиот период на Македонија.