Заев се врати дома


 

Ѓорѓи Спасов

Заев конечно се врати дома. Се врати на бел коњ. Се врати со завршена работа. Се врати со постигнат историски договор. Се врати со отворен пат за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ. Уште еднаш победи неговиот извонреден оптимизам. Во тешката битка што ја водеше за решавање на деценискиот спор околу името со Грција тој стекна нови пријатели за Македонија, нови симпатии и се стекна со углед на државник од голем формат.

За разлика од калкулантското однесување на претходниците на Заев и Ципрас, кои кокетираа со национализмот во своите општества, македонскиот и грчкиот премиер демонстрираа сосема друг вид политичко однесување. Преземајќи го ризикот за своето политичко опстојување, преку остро конфронтирање со опозициските сили во своите земји тие се согласија да разговараат отворено и чесно во врска со стравовите на своите народи. Заев покажа целосно разбирање за тоа дека името на нашата земја треба да се разликува од името на регионот Македонија и дека придавката македонски што ја употребуваме за нашиот јазик и националност нема да се однесува на хеленскиот период од грчката историја и култура, а Грција покажа разбирање за тоа дека не може да се избрише името Македонија од името на нашата држава и дека со потребното објаснување имаме право нашата националност и јазик да ги нарекуваме македонски.

Голем број луѓе во светот, кои со децении наназад ги гледаа протестите на запалените националистички глави во двете земји, не веруваа дека е можно двајцата храбри премиери да исчекорат понапред од веќе познатата матрица на политичкото однесување на Балканот. Но, тоа се случи и се постигна договор меѓу Грција и Македонија

Оттука, професорот Едвард Џозеф со право пишува во американското списание за надворешна политика „Форин полиси“ дека премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас, заслужуваат да бидат номинирани за Нобеловата награда за мир за постигнатиот договор. Тој смета дека договорот создава модел за справување со идентитетските судири кои водат до конфликт, не само на Балканот, туку глобално, како и дека носи зголемена доверба во Европската Унија и целосниот западен проект на Балканот. За антагонистите низ светот заглавени во идентитетски спорови, оценува Џозеф, договорот помеѓу Македонија и Грција, доколку ги преживее политичките предизвици, претставува модел.

Угледниот весник „Вашингтон пост“, кој ги нарекува Заев и Ципрас миротворци, вели: „Во периодот што претстои потребна е поддршка за миротворците од Македонија и Грција од страна на креаторите на меѓународната политика, бидејќи договорот зависи од неговата ратификација во грчкиот парламент и негово одобрување на референдум во Македонија. Доколку овој долгоочекуван компромис стане жртва на национализмот и политичкиот комформизам, ќе настапи тажен ден за дипломатијата, и тоа ќе биде изгубена шанса за што двете земји многу бргу ќе зажалат“.

И Заев и Ципрас сега ги очекува голема битка за нивниот успех во светот да стане успех и пред нивните домашни јавности.

Со анкета објавена во неделникот „Прото тема“ во Грција на ден пред потпишувањето на договорот, Ципрас е опоменат дека речиси седум од десет Грци, или 68,3 отсто од Грците, се противат на постигнатиот договор со Македонија, 73,2 отсто не се согласуваат во името на нашата земја да стои зборот Македонија и дека 49 отсто од оние што гласале за СИРИЗА на претходните избори се против постигнатиот договор. Но Ципрас имаше мнозинство во парламентот кое му дозволи да го потпише договорот и до изборите во септември идната година веќе нема други обврски околу ратификација на договорот.

Меѓу противниците на договорот Заев ги има претседателот на државата, Ѓорге Иванов, опозицијата, голем дел од македонската дијаспора и голем број од оние граѓани што гласаа за промени на последните избори, но кои се фрустрирани од „уцената на која беше изложена Македонија од страна на Грција“. За разлика до Ципрас, Заев има преземено обврска договорот итно да се ратификува во Собранието на Македонија, па да се изгласа уште еднаш законот за ратификација ако не го потпише претседателот и веќе на есен договорот да биде прифатен на референдум по што треба да биде променет Уставот со двотретинско мнозинство во Собранието.

Македонија по ратификацијата на договорот во Собранието и без потписот на Иванов може да добие датум од ЕУ за започнување на преговори за членство во ЕУ и покана за членство во НАТО. Дали отстранувањето на тие две големи пречки за членство во НАТО и во ЕУ ќе бидат доволни за одоброволување на домашната јавност останува да се види.

Клучната алатка што ја користеше досега македонската опозиција е позната како политичка опструкција на сите потези на новата влада. Треба да се очекува дека тоа ќе продолжи преку користење на Комисијата за надворешна политика со злоупотреби на собраниската процедура и со сите можни видови попречување на работата на Собранието кои веќе ги гледавме досега. Од друга страна, Иванов кому мандатот му завршува во април идната година, и покрај поддршката на договорот од страна на Русија, ќе работи на својата руска агенда за попречување на Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ дури и со понатамошно грубо кршење на Уставот, користењето на т.н. „џебно вето“, па и со поттикнувањето на внатрешен конфликт во земјата. Оттука, битката на Заев за „освојување на срцата и умот“ на граѓаните за поддршка на овој договор на референдум и за промена на Уставот нема да биде ниту лесна ниту извесна.

Заев и Ципрас во своите земји од денес влегуваат реално во процесот познат како „менаџирање на согласноста“. Во тој процес ќе ја имаат наспроти себе митологизирана свест на голем број граѓани за нивното славно потекло, националистичките ставови и стравови, неподготвеноста на човекот да ги менува своите погрешни ставови, дури и кога е соочен со цврсти аргументи за нивната погрешност, и со клучниот отпор на оние што прашуваат. „А што добивам јас лично од тоа?“

Комесарот Јоханес Хан веќе се понуди да помогне во убедувањето на домашната јавност во Македонија за корисноста на договорот. ЕУ и НАТО со своите одлуки, исто така, ќе треба да го дадат својот придонес. Но на крајот ќе мора сите да научиме дека во мали земји каква што е Македонија и внатрешната политика мора да биде добиена со инструментите на надворешната политика. А тоа значи со преговарање, договарање, правењето меѓусебни отстапки и постигнувањето болни компромиси, по кои меѓународната јавност ќе може да заклучи дека Македонија политички созреала и излегла од тунелот во кој беше долги години заглавена.