Живот во минус


Гордана Попсимонова

Наскоро ќе бидат 10 години откако сум редовен професор, 20 години откако докторирав и 30 години откако се вработив. Како што би рекол чичко Панта – се’ тече, се’ се менува, така и низ овие години се менуваше земјата во која се родив, името на улицата на која живеев, училиштето во кое учев, кафулињата во кои излегував и се сменија катрљон работи во она што се нарекува секојдневен живот. Се промени и мојата финансиска моќ, мојот платежен потенцијал и со еден збор – паричникот ми стана тенок. Во најголем дел, со ретки минорни исклучоци, тоа беше живот во котинуиран минус. И тоа трае.

Првата плата како помлад асистент ја земав во кеш. Југословенски динари. Не ме прашувајте колкава беше платата. Се сеќавам дека само што се симнав од кај благајничката, ме начека аквитизитерот на книги и целата плата, до последен динар, му ја дадов нему. Знаеше човекот да го погоди моментот. Го купив Толкин и неговата „Дружина на прстените“  (во онаа цврста кутија со мапата) и уште дузина научно-фантастични книги. Ете, толкава била платата. Потоа? Е, потоа позајмував од мама. Таа, пак, брзо сфати дека не ѝ се исплатува да ми го покрива минусот и ме промажи набрзинка, штафетски да му ја предаде таа улога на стопанинот.

Следел краток период, за кој понекогаш се сомневам дека воопшто постоел, таканареченото „време на Анте Марковиќ“. Употребувам минато свршено време затоа што не бев присутна во Југославија кога протекле „медот и млекото“. И пивото, се разбира.  Секогаш ги терам директните сведоци да ми раскажуваат како било тоа од 50 марки плата – утредента да добиеш 1.000 марки. Многу убава бајка. Која мене не ме спречи, во земјата во која бев на последипломски студии, да си го терам минусот. Образованието е скапо, а стипендијата не стасуваше за сапунче.

И така, отидната од Југославија, се вратив во Македонија. Во меѓувреме, падна Берлинскиот Ѕид, го утепаа Чаушеску (и госпожата), а шестте факели изгаснаа. Кој милум, кој силум. Додека Македонија ги собираше децата од боиштата, се испечатија некакви бонови кои требаа да бидат времена замена за локалната валута. Јас бев на породилно боледување, веројатно поштарот ги носел дома. Не се сеќавам колкав беше износот и што можеше да се купи со тоа, ама се сеќавам колку безвредно ги чувствував на допир. И дека баш и немаше што да се купи, тамам и да имаше купувало.

Чекови! Време на галопирачка девалвација. Време во кое моите колеги ги пласираа чековите по помалите градчиња кога одевме по терен низ Македонија, па тука нешто многу се заработуваше во одложената реализација. Глупава и тапава, каква што сум си, ќе ги испукав сите чекови во првите десет дена и понизно и богобојажливо ќе си отидев во банка со редишта од по стотина луѓе. Без жолта линија пред џамчето со дупче пред кое мора да се поклоните, што се вика „шалтер“. Сигурно и понекој од вас го има јадено срамот од шалтерската тетка која во грлен „ц мол“ сосема прецизно и доволно гласно ја информира љубопитната публиката околу вас – „не може чекови, во минус сте толку и толку пари“!

Конечно, влеговме во ерата на безготовинско плаќање. Ни поделија картички, со можност за користење на средствата до две тогашни плати дозволен минус.  Така и остана. Ако јас во моментов имам право да влезам во минус на 42 илјади денари, тоа значи дека тогашната плата ми била 21 илјада. Веќе некој месец потоа, кога отидов во банка да платам некои сметки (сега веќе со прецизно исцртана жолта дискрециска линија и љубезни банкари) ме пресекоа со информацијата – госпоѓо, жал ми е, вие го имате искористено дозволениот минус.

И, така, до ден денешен. Не е тешко да се пресмета дека сегашната плата за редовен професор, која сé подоцна стасува на мојата сметка од Министерството за финасии, од цели 34.730,00 денари, не може да ми го покрие минусот. Не е тешко да се претпостави колкумина во оваа државичка констатно се соочуваат со црвеното салдо.