Жена


Лејла Сабит

Жена на жена е најголем пријател, поддршка, утеха и надеж дека здравјето ќе ја победи болеста, среќата – несреќата, нежноста – грубоста, разговорите – табуата, едукацијата – негрижата, оптимизмот – песимизмот.

Овој месец, октомври, кога се подига свеста за борбата против ракот на дојката, кога државата тоа сме ние, кога во Македонија гледаме сѐ розово и гордо го носиме симболот – розовата панделка на нашите ревери.

Најубаво во животот е да бидеш жена, горда и успешна, остварена мајка, сопруга и работник во средина која те почитува, која на 50 години не те вика старица, која не ви префрла за паметта, изгледот, килограмите или за амбицијата. Која не ви ги брои годините, брчките, стриите и дечковците, млади и стари и не ве гледа како објект.

За да успеете, тука и во светот, цел живот треба да изгледате како девојче, да се однесувате како дама и да размислувате како тинејџерка.

Секогаш треба да сте здрава, насмеана, расположена и кога ви е тешко, да криете болка, да не се плашите, да не се жалите, да бидете достапна 24 часа, да се откажете од приватниот живот и да молчите дека заработувате помалку од мажите.

Ако сте млади, неискусни сте.

Ако сте стари, ќе ве заменат за млади.

Ако сте со постари, срам да ви е.

Ако сте со помлади, пак срам да ви е.

Ако сте немажени, нешто ви фали.

Ако сте разведени, пак нешто ви фали.

Ако сте постојано со пријателки, сигурно сте лезбијка.

Ако сте постојано со пријатели, сигурно сте ороспија.

Ако сте енергични, ко машко сте.

Ако сте нежни, нема да ве сфатат сериозно.

Ако ја скратите косата, сигурно сте болни.

Ако пуштите долга коса, види, сака да се подмлади.

Ако ослабете, нешто не е во ред со вас.

Ако се здебелите, сигурно сте трудни.

Оние што секогаш добро зборуваат за жените, не ги познаваат доволно.

Оние, пак, што зборуваат само лошо, не ги познаваат воопшто.

Тешко е со жена.

Тешко е без жена.

Уште потешко е да разбереш жена.

Најтешко е да живееш со жена.

Пробај да се разведеш од жена.

Затоа дами мои, вистинското женско пријателство нема цена, има само љубов, не нѐ дели на наши и ваши, на за и против, зашто розовото нема врска со годините, полот, стилот или верската и политичката припадност.

Има со разумот и со високата свест.

Помалку озборување, повеќе прегледи!