ЕУ до Италија: Го сакате ли тој тунел под Алпите или не?
Европската комисија ја повика Италија што поскоро да се изјасни дали планира да го заврши железничкиот премин кон Франција, кој поминува под Алпите.
Се работи за проект кој предизвика поделба меѓу коалиционите партии во италијанската влада.
Портпаролот на Европската комисија, на конференција за новинари, рече дека објаснувањето од Рим треба да стигне следните денови, со што, оценува Ројтерс, се изврши дополнителен притисок на официјален Рим.
Италијанското движење Пет ѕвезди, долго се спротивставуваше на планот за изградба на железничката врска со Франција, односно железнички тунел под Алпите, како проект кој сметаат дека е непотребно расфрлање пари, додека коалициониот партнер на движењето, партијата Лига, силно го поддржа проектот, нарекувајќи го „итно потребна инвестиција“.
Комисијата веќе одобри повеќе од 810 милиони евра за финансирање на проектот, познат како TAV, кој би го поврзал италијанскиот град Торино со Лион во Франција.
Портпаролот на ЕК, порача дека властите во Рим ризикуваат да изгубат дел од грантовите кои Комисијата веќе ги одобри, како и дека Рим би бил присилен да врати дел од веќе потрошените пари на ЕУ ако продолжи да го одложува проектот.
„Комисијата не може да ја исклучи можноста дека можеби ќе побара од Италија да ги врати обезбедените грантови“, рече тој.
Американската агенција АП јави дека од француска страна, машина за пробивање на тунелот, долга 140 метри, секој ден напредува по околу 20 метри, додека на италијанска страна се е мирно, а градилиштето го чува обезбедување. Со проектот предвидено е тунелот да биде долг 57,5 километри.