Емил Димитриев: И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ згрешија за името


Новата Оперативно-техничка агенција солидно се оформува, но потребен е нов систем на надзор и контрола. Собранието мора да обезбеди „глува соба“ каде што со сигурност нема да се прислушува. Во периодов од прогласување на независноста до денес, малку интелектуалци го зачуваа својот интегритет, а Гордана Силјановска-Давкова е една од нив. За овие, како и за други прашања поврзани со безбедноста на земјата, за актуелниот политички момент во ВМРО-ДПМНЕ и во земјава, разговаравме со Емил Димитриев, актуелен пратеник и човекот што го наследи Никола Груевски на премиерската функција.
Вие сте претседател на Собраниската комисија за следење на комуникациите. Во јавноста излегувате со критички забелешки околу начинот на функционирање на Оперативно-техничката агенција, па најавивте и дека по претседателските избори, ќе поднесете предлог-закон во кој суштински и детално ќе го дефинирате надзорот на безбедносните служби и новата ОТА. Кои се сегашните недостатоци и како планирате да ги надминете?
-Не се работи за критика за работењето на Оперативно-техничката агенција. Напротив, од извршениот надзор, од извештаите за работа на ОТА, од досегашната комуникација и увид во нивното работење, сметам дека оваа нова институција сосема солидно се оформува и ја извршува својата законска надлежност. Мојата главна цел досега беше да се анимира јавноста, особено институциите за улогата и значењето на надзорот над службите за безбедност. Наследив очајна ситуација од аспект како законски е регулирана оваа област, од аспект на проблематичниот модел за надзор над две собраниски комисии, без техничка и експертска поддршка која е неопходна за работа на комисиите. Во Македонија надзорот на службите е многу општо дефиниран во неколку закони, затоа сметам дека е неопходно донесување на нов, единствен т.е. посебен закон за надзор, според примерот на земјите членки на ЕУ и НАТО, во кој ќе биде ревидиран моделот што моментално го имаме и ќе бидат детално прецизирани постапките за надзор, со што ќе се намали просторот за интерпретација на законот помеѓу тие што контролираат и контролираните. Со еден збор, да изградиме еден сосема нов систем за надзор и контрола, согласно со новите предизвици и компаративни искуства.
Рековте дека е потребно да се направи и т.н. „глува соба“ во Собранието, која ќе чини половина милион евра со цел комисијата што работи со доверливи информации да добие посебна заштита, односно да не можат да протекуваат информации и да не можат да бидат слушани. Значи ли тоа дека досега се прислушувало и во Собранието?
-Тоа е стандард и начин на работа во ЕУ и НАТО во областите што бараат заштита на податоци и информации и нешто без кое и ние нема да можеме да функционираме како аспирант, а уште помалку како членка на овие меѓународни организации. Во ера на брз техничко-технолошки развој и зголемена активност на службите за безбедност, императив е да се внимава на безбедноста на информациите што ги дискутираме, пишуваме и архивираме. Тие простории имаат специјална заштита од можноста да слуша што се дискутира внатре, постои посебна процедура на користење документи со класифицирана содржина, како и услови и стандарди за нивно архивирање и чување. Генералниот секретар на Собранието беше информиран и запознаен со оваа потреба од страна на Женевскиот институт ДЦАФ. Веќе се работи на архитектонско решение на овие простории, исто така и на обезбедување донација која ќе помогне во нивната градба. Не можам да потврдам дека досега се прислушувало во Собранието, констатирам дека не постојат соодветни услови за работа кои ги објаснив претходно.
Бевте претседател на Владата кога Никола Груевски, согласно со договорот од Пржино, мораше да се повлече од премиерската функција. Имавте ли претстава што се случува во Управата за безбедност и контраразузнавање?
-За Македонија и поконкретно за нас, членовите на тогашната Влада, тоа беше ново искуство, бидејќи се работеше за прва влада во земјата од тој формат, со мешан состав од четирите најголеми партии, со посебни механизми на функционирање со т.н. врзани потписи што само по себе доволно објаснува за комплексноста на работењето. Периодот на функционирање на Владата која ја предводев ја опфаќаше најголемата политичка криза од формирањето на државата дотогаш, вклучувајќи ја кризата во 2001 година. Да се потсетиме дека во тој период успешно се справивме и со најголемата мигрантска и безбедносна криза што некогаш ја погодила нашата земја, во истиот период се случија поплавите со човечки жртви и големи непланирани финансиски трошоци за санација на штетите од поплавите, се случија две одлагања на парламентарните избори и работевме на подготовка и одржување на изборите. Речиси половина година функциониравме без конституиран парламент, што е огромен хендикеп за една влада. Во овие околности добивав редовни извештаи за работењето на службата кои беа прилично општи, а по проценка на раководството имаше ретки случаи дополнително усно да бидам информиран. Од службата барав да бидам информиран за сето она што го налага позицијата што ја извршувам. Одговорноста дали сум бил соодветно информиран е на тогашното раководство на службата. Со оглед на релативно краткото време на функционирање на тогашната Влада и нејзините приоритети во тој период, мојот увид во работењето на службата главно зависеше од информациите што ги добивав.


Сега сте пратеник во Собранието, но не сте на функција во ВМРО-ДПМНЕ. Како ги оценувате политиките што ги води новото раководство и негативните коментари што доаѓаат од дел од поранешните функционери на партијата?
-Факт е дека периодот на раководење на партијата од страна на новото раководство е исклучително комплициран, како за партијата така и за земјата. Дури и историски гледано, секој пат кога Македонија била исправена пред големи предизвици, тоа имало силни импликации врз состојбите во ВМРО. И тогаш и сега, доаѓаат до израз различните гледања и убедувања како да се постапи во интерес на татковината. Разликите произлегуваат од фактот дека ВМРО отсекогаш во себе интегрирало луѓе со различни размислувања, погледи, дури и различни идеологии, но главно нешто што нè поврзува е Македонија. Различните гледања на состојбите не треба да се отфрлаат, напротив, треба да се разговара за нив, бидејќи силата на ВМРО-ДПМНЕ е во единството.
Сметате ли дека партијата требаше поинаку да се постави по неколку важни политички прашања, пред сè, околу договорот за името и референдумот?
-Ако сите бевме свесни дека периодот на решавање на спорот со Грција, кој ни беше оставен како земја, е при крај и дека поради крупни геостратешки политики нема да се толерира ова прашање да биде сè уште отворено, мораше да бидеме помудри, да ги надминеме нашите „детски“ болести на плурализмот и демократијата. Интересот на меѓународната заедница за конечно решавање на овој спор требаше да го свртиме во наша корист, а не на наша штета. Повторно дојдоа до израз нашето неединство и отсуство на државна стратегија за решавање на националните приоритети. Во преговорите се влезе премногу несериозно, да не речам незрело и во една таква ситуација правеа грешки и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тврдам дека сè ќе беше поинаку ако се креираше широка платформа која ќе ги вклучеше најголемите политички партии во преговорите, со што и изгледите за постигнување на подобра варијанта на договор ќе беа поизвесни. Улогата што ја играше СДСМ, по секоја цена да се постигне договор и по цена на националните интереси, беше јасен сигнал за другата страна во преговорите. Позицијата, пак, на ВМРО-ДПМНЕ на проблемот да гледа како на нешто туѓо, а со тоа го остави СДСМ да прави што сака, доведе до ситуација да добиеме лоша варијанта на договор. За мене особено беше проблематичен принципот „име за севкупна употреба“, нешто што има негативен импакт на нашиот идентитет. Тоа беше причината да не ги поддржам уставните измени, ризикувајќи да бидам разбран погрешно, иако претходно во мојата кариера, како заменик министер за одбрана, како пратеник и претседател на Влада, се имам вложено во напорите за наше НАТО-интегрирање. Ако процесот се менаџираше со домашна заедничка стратегија, убеден сум дека освен што ќе имавме подобар договор, неговото вградување во политичкиот систем ќе беше достоинствено, а ќе имавме и негова полесна имплементација. Тој нов договор ќе помогнеше да ја стекнеме довербата од нашиот јужен сосед и по одреден период да ги повратиме и тие позиции што ќе бидат наш влог во договорот. Овој дел бара многу поширок простор за одговор. За жал, имам чувство дека потфрливме генерално како општество.
Учествувавте на Конвенцијата во Струга каде што за кандидат за претседател на државата беше избрана професорката Гордана Силјановска-Давкова. Сметате ли дека го направивте најдобриот избор и како ги проценувате нејзините шанси на изборите на 21 април и на 5 мај?
-Во периодов од прогласување на независноста до денес, малку интелектуалци го зачувале својот интегритет независно од тоа кој е на власт. Давкова е една од тие интелектуалци, која ја сака Македонија и се залага за правда, два критериума во ова време сосема доволни да добие поддршка. Интересна е дилемата, како гласачкото тело кое е позиционирано центар-десно од идеолошки аспект и секогаш е побројно од левицата, не испрофилира не едно туку повеќе квалитетни решенија за претседател на државата. Нешто што само ми ја потврдува лошата состојба во опозицијата, која во последните две-три години изобилува со неосновани меѓусебни пресметки и дисквалификации. Да не заборавиме, ВМРО-ДПМНЕ во минатото ѝ даде на Македонија одличен претседател, член на партијата, но со висока државничка свест – зборувам за покојниот Борис Трајковски.


Мандатот на актуелната влада завршува за година и половина. Дојдоа со големи очекувања, но голем дел и од нејзините приврзаници се разочарани. Каква оценка му давате на тимот на Зоран Заев?
-Оваа Влада е типичен пример како во желбата да биде соборена претходната влада, без да биде подготвена од програмски и човечки аспект, дојде на власт со нереални и неиздржани ветувања, поради што разочарува многу побргу од вообичаеното. Состојбата во економијата е катастрофална, безбедноста влошена како никогаш досега, здравството и образованието се во слободен пад, земјоделството и градежништвото го допреа дното. Сè полоши се извештаите за состојбата со корупцијата и криминалот. Како никогаш досега, сите сили се насочени комплетно да се уништи опозицијата и да се владее самостојно.
И покрај критиките и забелешките за лошото работење на владиниот тим, сепак, можете ли со сигурност да кажете дека доаѓа времето на ВМРО-ДПМНЕ и дека Христијан Мицкоски ќе биде следниот премиер на државата?
-Секако дека времето на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа, но треба да се извлече поука од сегашната ситуација. Фокусот треба да се стави на изработка на квалитетна детална реформска програма, екипирање со најпрогресивните сили од човечки аспект, држење цврсто до изворните принципи за членство во ЕУ и НАТО, за силен економски развој, подобар стандард, образование, здравство и друго.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски