Економија во слободен пад


Александар Николоски

Владата предводена од СДСМ ја зароби државата, економијата стагнира, економскиот раст е еднаков на нула, а потрошувачката кошница е највисока досега. Трошоците на граѓаните растат, нема нови работни места,нема повисока социјална помош и нема реално покачување на платите. Единствено со што СДСМ може да се пофали е донесувањето на неуставни закони, лоши економски мерки и покачување на акцизите. Ете, сега Тевдовски најавува и зголемување на даночната стапка од 18 отсто за приходи од над 1.000 евра.

Со ова зголемување на даночната стапка директно ќе се наштети на младите фриленсери, оние што заработуваат од ИТ-технологијата, а Македонија може да се пофали дека има млади што се вистински експерти во оваа област. Не е случајно зошто ИТ-технологијата е развиена во Македонија. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаше голем број мерки со кои се субвенционираа ИТ-вештините. А што направи СДСМ на ова поле? Мерката „обука на напредни ИТ-вештини“ може да се претстави како една од најуспешните владини мерки на претходната власт, а СДСМ одлучи да ја укине. И, како да не е доволно тоа што немаат никакви мерки за младите информатичари, програмери и популарните фриленсери, СДСМ одлучи и да им ги зголеми даноците.

Десет месеци откако СДСМ е на власт, слушаме дека се работи на план. СДСМ имаше 11 години да го изготви планот и час поскоро да се фати за работа. По сѐ изгледа главна одлика на оваа власт се патувањата и гозбите на сметка на граѓаните.
Според официјалните податоци, економијата бележи раст во периодот од 2013 до 2016 година. Во 2013 година растот изнесува 2,9 отсто, за 2014 растот е 3,6 отсто, а во 2015 годишниот раст на економијата достигнал дури 4 отсто. Тоа е резултат на одличните економски мерки преземени од владата предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кога во моменти на тешка политичка криза креирана од СДСМ економијата не стагнираше, туку напротив беше во подем.

Во услови кога регионот бележи раст на БДП и економијата, единствено во Македонија имаме пад на БДП, пад на градежништвото и пад на индустриското производство. Економијата во Македонија е во слободен пад.

За да биде лицемерието уште поголемо, Заев презентира инфраструктурни проекти на ВМРО-ДПМНЕ како свои. Делницата Градско – Дреново, која ја распиша оваа влада, е само дел од една фаза за која финансиите се комплетно обезбедени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Експресниот пат Градско – Прилеп е започнат уште во 2016 година. Договорот за изградба на експресниот пат Штип – Радовиш е потпишан во декември 2016 година, а сите средства се обезбедени од претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие проекти се започнати од ВМРО-ДПМНЕ и сите средства се обезбедени од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Единствен инфраструктурен проект беше неоправданото стопирање на автопатот Охрид – Кичево, автопатот Демир Капија – Смоквица и автопатот Миладиновци – Штип, кој е веќе во напредна фаза на реализација. Апсурдот е уште поголем кога автопатот Демир Капија – Смоквица, кој е завршен за време на ВМРО-ДПМНЕ, десет месеци намерно не е пуштен во употреба.

Владата на СДСМ успеа да ја задолжи државата за само 3 месеци за 566 милиони евра. Тоа е задолжување на секое семејство за 1.200 евра. Тука се поставува прашањето за што се искористени овие пари? Капитални инвестиции нема, нови патишта нема, нови училишта,нови градинки нема, нови субвенции за земјоделците нема.

Министерката Царовска, која е позната по скандалите со штитениците по домовите за деца без родители, злоупотреба на малолетници и многубројни афери, ветуваше зголемување на социјалната помош на 12.000 денари. Социјалната помош беше уште една изборна манипулација на СДСМ и нема никакво покачување веќе 10 месеци. Министерството за труд и социјална политика вети 13 нови градинки за 2017 година. Од ветените градинки завршени се само шест, од кои дел беа започнати од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ останува синоним за ветено – неостварено.