Една година на Трамп


Љупчо Поповски

Изгледа како невозможен потфат да се објасни првата година на администрацијата на Доналд Трамп. Има илјадници примери од неговото претседателствување – за луѓето што си заминуваат и доаѓаат во Белата куќа како да е железничка станица, за илјадниците „твитови“ преку кои тој, всушност, ја води својата политика, преку алиенирањето на сојузниците од Европа, преку потопувањето на блискоисточниот мировен процес, преку законот за новите даноци со кој најбогатите ги направи уште побогати, преку дистанцирањето на целиот муслимански свет, преку понижувањето на Обединетите нации, преку играта на закани со севернокорејскиот диктатор… Нема крај.

Затоа, да ги земеме само последните настани. Во серијата иритирачки „твитови“ Трамп го обвини долгогодишниот сојузник Пакистан дека не прави доволно во борбата против терористите: „САД глупаво му дадоа на Пакистан 33 милијарди долари помош во последните 15 години, а тие не ни дадоа ништо друго освен лаги и измами, третирајќи ги нашите водачи како будали“, напиша Трамп најавувајќи суспендирање на помошта. Тоа предизвика гнев во нуклеарниот Пакистан терајќи го да размислува за поцврст сојуз со Кина. Или, пак, објавата дека САД ќе го намалат годишниот придонес за ОН за 285 милиони долари, само поради тоа што Генералното собрание со огромно мнозинство во необврзувачка декларација ја осуди одлуката за преместувањето на американската амбасада во Ерусалим. Или заканата дека САД ќе ја укинат целата помош за Палестинците од неколку стотици милиони долари годишно затоа што не се согласуваат со одлуката на Трамп околу амбасадата и не сакаат да ги продолжат мировните преговори по вакви еднострани одлуки.

Американските медиуми ја покриваат работата на оваа администрација 24/7 и, наспроти ангажирањето цели тимови новинари, не можат да постигнат да објаснат сѐ што се случува на дворот на кралот Доналд. Експлозивната книга што во петокот се појави во продажба „Оган и бес: Внатре во Белата куќа на Трамп“ на авторот Мајкл Вулф го подигна степенот за тревога на највисок степен. Вулф цела година седеше во Белата куќа со дозвола на Трамп за да гледа како функционира таа и сега, кога делови од неа беа објавени во јавноста, дојде гневот како од времињата на дворовите на средновековните монарси. Правниот тим на Трамп покрена постапка да се запре издавањето на книгата, чиј почеток на продажбата беше најавен за вторникот, па издавачот реши таа да се појави во книжарниците неколку дена порано. Книгата се распродава стравотно брзо и е број 1 на листата на бестселери на „Амазон“.Трамп е свесен дека ништо не може да го соголи неговото владеење како оваа книга пишувана однатре.

Вулф во колумна за „Холивуд рипортер“ од минатата недела насловена како „Мојата година во лудата Бела куќа на Трамп“ накусо објаснува како функционира оваа администрација.

„Западното крило (каде што се донесуваат сите одлуки н.з.) е конфигурирано на таков начин што е многу пробивно – сите минуваат. Асистентите – млади жени во Трампова униформа од куси здолништа, високи чизми, долга и лабава коса, како и новите ѕвезди на шоуто, Стив Банон, Рејнс Прибус, Шон Спајсер… група амбициозни мажи и жени кои стигнале до врвот на власта само затоа што Доналд Трамп е претседател.

Над оваа ситуација надвладува Трамп: таинствен, провокатор и деструктивец. Како да се справиш и согласиш со него кога се движи меѓу задоволството што е Овалната канцеларија и длабоката, детска фрустрација зашто не може да го има тоа што го сака? Тоа е еден фокусиран човек на сопствените потреби за инстант-задоволување, било да е тоа хамбургер, сегмент на ’Фокс и пријателите‘ или фотоможности. ’Сакам победа, сакам победа. Каде е мојата победа?‘ нагласуваше регуларно. Тој, според зборовите на речиси сите членови на неговиот персонал, е ’како мало дете‘”.

Трамп не чита, едвај има трпение да го погледне насловот. Во книгата Вулф пишува колку може да биде непријатен: омилениот спорт на Трамп бил како да ги измами сопругите на пријателите да спијат со него. Тој е чуден, особено во спалната соба: имал судир со тајната служба поради инсистирањето да се заклучи во неговите одаи (Меланија спие посебно) и да се инсталираат два екстра телевизора за да може да гледа вести на три кабелски канали одеднаш. Не сака послугата да му се меша во спалната и сам си го мести креветот. Ќерката Иванка сака да се кандидира за претседател и приватно им се потсмева на политиките на нејзиниот татко. Во книгата се дава и одговор за бесот кај Трамп уште од првиот ден кога везе во Белата куќа – протекувањето на информациите. Вулф пишува дека Трамп уживал во телефонските разговори со неговите пријатели милијардери изнесувајќи детали од настаните во Белата куќа. Неговите милијардери не чувствуваат обврска за доверливост, па деталите протекуваа во јавноста.

Пред неколку дена во интервју за Ен-би-си, Вулф им додаде дополнителен оган на овие тврдења: „Ќе ви кажам еден опис што го дава секој, што е заеднички за сите. Сите велат: ’Тој е како дете‘, а тоа значи дека има потреба од итно задоволување“.

Објаснувањата на умните луѓе за она што се случува во Америка се вознемирувачки. Џозеф Штиглиц, нобеловец по економија, вели: „Историски, фигурата на Трамп се појавува како фигура од фашистички вид. Тој е запрен од нашите институции и секој ден овие институции работат ние да се чувствуваме ослободени. Не знаеме каде се границите и не знаеме колку далеку тој ќе ги притисне тие граници. Неколку работи се највознемирувачки – нападот врз печатот и нападот врз темелите на знаењето што оди подалеку од печатот. Ние никогаш не сме имале претседател кој лаже ден за ден и не чувствува одговорност за тоа. Тој не е способен да биде претседател. Тој нема разбирање за прашањата, за политичкиот процес. Тој сака да прави само еднократни договори. Ние соработуваме со земји низ целиот свет. Тие сакаат да знаат дали вашиот збор е добар. Зборот на Трамп не е добар“. Ова се тешки зборови, што потешки не можат да бидат.

„Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“ објавија вознемирувачки приказни за приватното однесување на претседателот на кои американската јавност не се обѕрна премногу затоа што веќе не се знае што уште може да ја изненади. За светот е поважно што изминатава година остана со вакуум во глобалното лидерство. Америка се откажа од својата улога на предводник на демократијата и се обидува да се затвори во себе гледајќи виновници секаде наоколу. Една од најголемите опасности за светскиот поредок е кога Америка ќе престане да ги слуша другите што мислат и ќе ја истакнува својата ароганција со неверојатната воена моќ. Имавме еден таков пример кога во 2003 година администрацијата на Џорџ Буш не сакаше да ги слушне другите мислења во Советот за безбедност пред да тргне во напад на Ирак. Таа беспричинска војна предизвика глобални последици. И Трамп како да се подготвува за сличен пат со најавите за можна војна со Северна Кореја.

Со најниска поддршка во јавноста за еден американски претседател, Доналд Трамп како да тргнал по патот на Ричард Никсон, особено по истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за мешањето на Русија во претседателските избори. Никсон го смени специјалниот обвинител за аферата „Вотергејт“, Арчибалд Кокс, но не успеа да го спречи сопствениот пад. Америка, а и светот, се во очекување на ноемвриските меѓуизбори за да видат каков ќе биде политичкиот распоред на моќта во Конгресот и дали демократите ќе стигнат до мнозинство. Патот кон импичмент тогаш ќе биде подотворен, иако не е сигурен. А дотогаш не се знае уште колку епизоди ќе поминат од случувањата на дворот на кралот Доналд, кои ќе ги доведат американските институции до самиот раб.