Еден поткопан мост ја отсече Македонија
Сања Наумовска
По затворањето на мостот на Црна Река, Македонија е целосно железнички отсечена. Речиси во исто време се укина единствениот меѓународен воз кој минуваше низ нашата земја, Солун – Скопје – Белград и се прекина сообраќајот по Коридорот 10 и уште еднаш се докажа колку земјава е инфраструктурно ранлива.
Србија и Грција одлучија дека е економски неисплатливо да бидат железнички поврзани, па го укинаа возот што ги спојуваше Солун и Белград. Македонија не ја прашаа, бидејќи е само транзитна зона. Не вродија со плод ниту заложбите на министерот Горан Сугарески за да ги натера да се премислат. Линијата до пролет нема да ја има, а ние со воз нема да одиме ниту кон север ниту кон југ.
Минатиот викенд се поткопа еден од бетонските столбови на железничкиот мост на Црна Река кај Градско и ја прекина линијата Велес – Гевгелија. Патничките и товарните возови нема да сообраќаат ниту по македонскиот дел од Коридор 10, сè додека не се најде решение за стабилноста на мостот. Или, пак, додека не се изгради нов. Без разлика дали решение ќе се бара во првата или во втората опција, штетата ќе биде голема. И за железничките претпријатија и за компаниите чиешто производство директно зависи од комуникацијата со пристаништето во Солун.
Еден ден без транспорт на стока Македонски железници – Транспорт ги чини речиси 30.000 евра. Ако прекинот потрае уште дваесетина дена, колку што е најавено дека ќе треба за првична реконструкција на поткопаниот столб, загубата на претпријатието ќе биде над половина милион евра.
Компаниите што зависат од увозните суровини губат можеби и уште повеќе, ако ги вкалкулираме дополнителните трошоци кои ќе треба да ги имаат заради изнаоѓање нови рути за транспорт, а можеби и поради доцнењето на испораките на нивните производи.
И тука, повторно, по којзнае кој пат, доаѓаме до констатацијата дека земјата ни е целосно инфраструктурно инфериорна. Очигледно е дека сме значајна транзитна точка, крстопат на Балканот, врска меѓу Истокот и Западот, врска на Грција и Солунското пристаниште со Европа, а како да не сме свесни за шансите и можностите кои можеме да ги искористиме. Ни недостасуваат квалитетни автопати, ни недостасува алтернативна пруга, до пред некоја година и аеродромот ни беше со димензии на штала. И додека соседните земји активно инвестираат во инфраструктура, ние си замислуваме дека којзнае колку сме сработиле, а всушност ги игнорираме проблемите. Стратегии се прават за децении нанапред, а ние за железницата, особено за Коридорот 8, почнавме да зборуваме и да дејствуваме пред некоја година. Првите резултати ќе ги почувствуваме за најмалку пет до десет години, но дотогаш соседите ќе отидат уште подалеку, па којзнае дали и тогаш ќе бидеме толку важна транспортна рута.
Едноставно е недозволиво да ни се повторува чувството дека многу е комплицирана и скапа организацијата каде и да треба да се отпатува од Македонија. Недозволиво е и да се доведеме во ситуација поради еден мост да ни биде отсечен железничкиот транспорт. Ако е толку значаен, зошто не бил одржуван или зошто не бил одржуван стариот челичен мост, да се најде за вакви ситуации. Зошто и кој дозволил испуштање на големи количества вода од Тиквешкото Езеро? Ќе има ли одговорност – тоа деновиве никој не го спомена. Ваков проблем немаше ниту да постои ако и Битола беше железнички поврзана со Грција? Дали некој се сеќава што се случи со рехабилитацијата на пругата кон Кременица и зошто не е направена пред години?
Очигледно е дека инвестициите во инфраструктурата мора да ни се најголем приоритет. Да не се дозволи да се одолговлекуваат со банални проблеми како експропријација на земјиште или недонесени детални урбанистички планови. Затоа што импровизациите не водат никаде. Особено не кон Европа. Натаму треба да се движиме по нови автопати и железници.