Европски, а не ужасни стандарди за работа


Александар Николоски

Колку често слушаме или читаме за работник што се повредил на работно место, кој се повредил при ракување со некоја машина, се повредил при работа во рудник или како случајот од некни кога работник паднал од скеле во гостиварско Форино. Досега не се отворила квалитетна дебата за условите во кои работниците работат, особено оние во трудоинтензивната дејност. Се запрашал ли некој како издржуваат текстилните работнички цел ден наведнати над машината за шиење или работниците во шумарството или во металуршката индустрија. Како е да се работи, а до вас да има печка која работи на илјада Целзиусови степени, или машина која со еден погрешен потег може да ви ја сомеле раката или да го изгубите животот.
Вчера беше Денот на Европа, 9 Мај. Ден на кој се означи крајот на нацизмот во Европа и се создаде најголемата идеја досега – идејата за обединета Европа. Тоа е идеја која стана реалност во форматот на ЕУ. Тоа е сон кој за дел европски земји е реализиран, а за дел е во тек на реализација. Македонија е пред тешки предизвици како да го надмине спорот со Грција и да стане дел од реализацијата на тој сон на генерации. Но, тој сон нема да значи ништо ако не се материјализира низ подобар живот и подобри услови за живот, повеќе работни места, но и подобри услови за работа и подобра плата на работниците. Владата треба да исполни најголем дел од овие услови, инаку членството во ЕУ ќе биде само нереализиран сон.
Овој 9 Мај, овој Ден на Европа во Македонија, го посветувам на оние што работат секојдневно во тешки услови, со големи ризици по сопственото здравје и живот. Интеграцијата во ЕУ нема да има смисла ако овие состојби не се променат. Основна беше и е битката со енормната невработеност, која во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ формираше влада, беше речиси 39 проценти а кога заврши мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ беше намалена на 22 отсто. Паралелно со тоа, владата мора да прави напори да се подобрат условите за работа на работниците. Не гледам дека владата на Заев работи на тоа.
Анализата покажува дека Македонија нема целосна статистика за тоа колку и каков тип повреди се случуваат на работа или колку работници го губат животот работејќи ја својата работа. Тука целосно затајуваат инспекциските служби, кои како да ги нема. Причините може да се немарност, непрофесионалност и јавната тајна дека голем број газди на фирми, кои не ги почитуваат правата на работниците, се во спрега со инспекциските служби, ги корумпираат со цел да замижуваат пред катастрофалните услови.
Законот за безбедност и здравје при работа е јасен и вели дека работодавачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по настанот, писмено да го извести органот на државната управа надлежен за работите на инспекцијата на трудот за: секој смртен случај, колективна несреќа и повредите при работа кои предизвикуваат времена неспособност за работа повеќе од три работни дена и – секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.
За жал, во изминатиот период, и покрај законската обврска, до Институтот за јавно здравје нема доставено ниту една индивидуална пријава за повреда на работа и/или за професионална болест од страна на докторите специјалисти по медицина на трудот и/или останатите доктори кои учествувале во нивната дијагноза и терапија. Тоа е причината зошто до сега не се воспоставени регистрите за повреди на работа и за професионални болести, ниту пак е објавена публикација на професионалните болести во Република Македонија. Од она што е достапно се знае дека во текот на 2017 година се забележани вкупно 1.111 повреди на работа, што претставува зголемување во однос на претходната година од околу 20 отсто.

Во структурата на регистрираните повреди на работа во 2017 година најголем број се оние забележани во индустријата и рударството, вкупно 397 повреди, или 35,7 отсто од вкупниот број регистрирани повреди. Потоа следуваат повредите регистрирани кај општествените организации, кои во структурата на вкупните повреди на работа учествуваат со 17,5 отсто. Станува збор за 194 повреди, а во однос на 2016 година нивниот број е зголемен за 78,8 проценти.
На трето место во структурата на повредите во 2017 година се повредите во здравството и социјална заштита со вкупно регистрирани 143 повреди т.е. 12,8 отсто.
Во 2017 година, според достапните податоци, се случиле 158 несреќи при работа. Од нив 24 биле фатални. Значи, најмалку 24 лица го изгубиле животот на своето работно место во 2017. Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,22 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат тројца до четворица вработени. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2016 година, кога изнесувала 2,62. Доколку се земе за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува само 0,5, ќе констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа.
Нагласувам, ова се само јавно познатите бројки, веројатно црната непријавена статистика е многу полоша. Работодавачите често се обидуваат да ги сокријат овие случаи, да потсетиме само каков притисок изврши сопственикот на „ИГМ Кавадарци“ врз емисијата „Код“ на ТВ „Телма“ да не се емитуваат сториите за загинати и повредени работници во неговата фабрика. Сме е запрашале уште колку други ИГМ има, уште колку вакви случаи има за кои се молчи?
Затоа Денот на Европа им го посветувам на работниците што се повредиле при работа, на семејствата што изгубиле свој близок на работно место и на сите што работат во необезбедени услови. Владата мора да поведе силна кампања за примена на Законот за безбедност и здравје при работа, трудовата инспекција мора да работи, синдикатите да се гласни, а ние како опозиција ќе сме тука постојано да потсетуваме и да бараме отчетност од владата во оваа насока.