Дураку фрла пепел на ЕУ-кампањата на ДУИ


Засилена кампања деновиве водат албанските политички партии обединети околу една цел – да се мотивираат албанските гласачи во што поголем број да излезат и да гласаат за поддршка на договорот со Грција и членството на земјата во евроатлантските структури.

Фокусот на пораките за престројување од регресивниот во прогресивниот свет го измести министерот за екологија од редовите на ДУИ, Садула Дураку, кој на средба на неговата партија со жители на Студеничани ги нападна Албанците што членуваат во СДСМ. Тој им порача на Албанците што добиле некаква функција преку членување во СДСМ да не се „прават едно со противникот“.

„За една раководна позиција во полиција или администрација да не се правите едно со противникот. Заради таквите политики во комунизмот, и во оваа сала беа комунистите Македонци и Албанци, со таквите политики ги газеа Албанците“, порача Дураку на собирот на кој неговиот лидер Али Ахмети ги објаснуваше придобивките од референдумот и интеграциите во ЕУ и НАТО нагласувајќи дека сега се гласа за големи прашања.

Во оваа клучна предреферендумска фаза, откако на последните парламентарни избори се изроди тенденцијата за асиметрично гласање од етнички аспект (десетици илјади Албанци гласаа за СДСМ), фрлањето пепел од страна на Дураку врз проактивната интегративна кампања „за“ референдумот предизвика разочарување кај албанските социјалдемократи.

Координатор за меѓуетнички односи на СДСМ за Липково и за Куманово, Хади Османи, разбира дека паралелно со кампањата за референдумот просторот, исто така, може да се користи за партиска кампања, но не му се допаѓа, како што вели, кога тоа се прави на нечија сметка.

„Ќе започнам со мотото на оваа кампања во овој историски момент ‘Заедно за Европска Македонија’ и ќе ти дадам една сугестија. Како и самото мото, како и коалицијата во која сте и вие, е јасно дека сме заедно. Сето она што ние сакаме е европска Македонија. Сите сме за европска Македонија. Почитуван министер, работиме на изградба на Македонија, држава и заедничко општество за сите“, возвраќа Османи, кој беше кандидат за градоначалник на СДСМ во Липково и загуби во трката од кандидатот на ДУИ, наспроти победата, да речеме, на кандидатот на социјалдемократите Миликие Халими во Арачиново. Во посета на оваа општина неодамна беше министерот во Владата задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, заедно со пратеникот во Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн. Адеми е во СДСМ од своите млади години бидејќи, како што вели, верува во социјалдемократијата, односно левицата како политички концепт и идеологија.

Дел од политичките набљудувачи што ги консултиравме оценуваат дека политичките партии и нивните експоненти, особено во извршната власт, не смеат да си дозволат да користат речник кој содржи нетолеранција кон поединци и етнички колективитети.

„Општеството оди напред. Прифаќањето на ЕУ-вредностите носи огромна одговорност првенствено за носителите на јавни функции. Во плурално општество секој има право да се вклучи во одредена политичка групација“, вели комуникологот Сефер Тахири. Ваквите настапи, според него, им штетат на општествените процеси кои одат во насока на создавање на внатрешни интегративни мостови.

„Тие мостови се дел од врзивното ткиво со западниот цивилизиран свет кон кој сите се стремиме. Хипокризија, конечно, е да седиш во влада со политички партнер од македонскиот блок, а притоа да повикуваш некого да не биде негов член“, смета Тахири.

Сите албански партии се на терен. Се врши силна агитација, во што, очекувано, со оглед на ресурсите предничи ДУИ. Но активни се и двете крила на Беса, Алијансата за Албанците, ДПА… На граѓаните главно им се објаснува дека се гласа за концепт што нè доближува до западната филозофија и дека членството во НАТО и ЕУ е потребно бидејќи се отвораат можности за поголеми економски инвестиции, инфраструктура, владеење на правото. Членството, се вели, значи мир стабилност, сигурност. Во кампањата активно се вклучија и официјални лица од соседните Албанија и од Косово, а дел од неа се и тамошни бизнисмени. Ејуп Ахмети, агробизнисмен од Албанија преку видеоспот порача: „како што Македонија го користи големиот потенцијал во земјоделството, членството во НАТО и ЕУ ќе обезбеди големи можности за модерно производство, зголемена побарувачка и сигурен пазар“.

Според дел од аналитичарите, засилената кампања ќе влијае врз албанските гласачи да излезат во поголем број на референдумот во споредба со последните парламентарни избори.

 

Тахири: Албанците ќе гласаат помасовно отколку на избори

 

Наспроти политичките кампањи, политичката демотивираност да се излезе на гласање е нешто што се повторува речиси во сите изборни циклуси во средините со мешан етнички состав и онаму каде што е доминантна албанската етничка заедница (на избори во просек излегуваат меѓу 220 и 250 илјади гласачи Албанци). Очекувањата се дека излезеноста сега ќе биде нешто поголема.

„Албанските партии испратија кохезивни, интегративни пораки за членството во ЕУ и НАТО. Го објаснија значењето на успешниот референдумот, преку кој, од друга страна, сакаат да се промовираат и како силни политички структури. Засилената кампања ќе влијае врз албанските гласачи. Референдумот се доживува како битка меѓу прогресивните западни сили и проруските линии. Сметам дека тоа е мотивот што ќе придонесе албанските гласачи да излезат во поголем број отколку на последните парламентарни избори. Сега не се гласа за партии. Целта е повисока“, смета комуникологот Сефер Тахири, кој прогнозира дека референдумот ќе биде успешен и дека ќе излезат околу 60 отсто од граѓаните со право на глас.

Наум Котевски