До еден работник


Здравко Савески

Го крпиме животот. Живееме од денес за утре. Правиме пресметки како да го истераме месецот, да врземе крај со крај. Во овој маркет купуваме еден производ, во друг купуваме – друг, за поевтино, за да заштедиме 5-10 денари. Еден вонреден трошок да ни излезе сериозно го оптоварува семејниот буџет. А сметките не чекаат. Ако не ги платиш, ако ти изнајдат дека должиш само 1 денар, ќе ти пратат извршител и ќе мора да платиш околу 12.000 денари. Од оние пари што ги немаш. Се истенчи и заштедата, веќе и на неа не можеш да се потпреш. И како вака да се живее? Фактички, не живееме, само преживуваме. Во безнадежност, немоќни, безволни нешто да преземеме, надевајќи се дека нешто магично ќе се случи за да се извлечеме од ова дереџе.

За работа (ако немаш партиска книшка од партијата на власт), обично ќе чекаш година, две, три. И кога ќе ја најдеш, ќе бидеш принуден молчешкум да трпиш газење по твоите права, ќе работиш прекувремено и за празници без да бидеш соодветно платен, дури и ќе ти газат по човечкото достоинство, ти тоа ќе го трпиш, а за кои пари? Ќе го гледаш газдата како се расфрла со парите, но тебе секогаш ќе ти тврди дека немал пари за повеќе да те плати. И ќе ти се фали дека тој ти го дава лебот, а не дека ти си го заработуваш самиот со својот труд, со својата мака, и дека поради тебе тој живее на висока нога.

Синдикатот, ако воопшто го има во твојата фирма, или се занимава со сè само не со работничките права, или неговиот претставник во фирмата му е десна рака на газдата или директорот. Зошто плаќаш синдикална членарина од твојата и така ниска плата? За да добиеш некој бескаматен кредит, новогодишни пакетчиња за децата, свински полутки на попуст? На тоа ли се сведе синдикализмот? Ами борбата за работнички права? Дури и кога сакаш да се бориш, немаш со кого, се плашиш (често оправдано) дека колегите ќе те извисат во првата можност. Подобро молчи си, и од лошо има полошо, а, којзнае, можеби и газдата ќе се смилува, па ќе ви фрли некоја коска?

Каде е власта да помогне? Во Македонија веќе четврт век на власт се единствено клиентелистички партии кои ги бранат интересите на крупниот капитал. Од нив ли очекуваш да ти помогнат? Да, ако извадиш партиска книшка и ако се докажеш во служба на партијата, ќе ти дадат некое работно место. И ќе очекуваат да ги браниш во секоја пригода, да тврдиш дека црното е бело, за да го одбраниш своето работно место, во страв дека кога ќе дојдат „другите“ на власт, ќе ти го земат.

Но, не сакаш да слугуваш партиски, сакаш да се почитуваат законите и да добиваш пристојна плата без да ти се гази по достоинството? Ако во законот пишува дека имаш некое право, тоа да го почитува газдата, а ако се дрзне да го прекрши, државата да те заштити? Одлично, но за кого си гласал на избори? За партија која фрлила стотици илјади евра, па и над милион евра за изборна кампања? Од каде им се ним тие пари, ако не од газдите? За што им ги дале газдите парите, за кога ќе дојдат на власт да ги почитуваат и унапредат работничките права? Премногу наивно… Уздите на економската политика им ги даваат во рацете на претставници на крупниот капитал, сега е Анѓушев, претходните беше Пешевски и ти сè уште се надеваш дека политиката ќе се води во корист на обичниот народ, а не во корист на газдите?

Да, Република Македонија по својот устав е социјална држава. Тоа е запишано во членот 1 од Уставот. Не во член 86, туку во член 1. И тоа значи дека секоја влада која ги поткопува темелите на социјалната држава го крши Уставот. Да, има и закони, има и колективни договори кои ти даваат права. Но, тие права сè помалку ги има. Додека ти го одвлекуваат вниманието со националните прашања, додека те дефокусираат со НАТО, ќе кренат раце пратениците во Собранието и ќе ти намалат некое право. А и оние права што ти останаа, не се почитуваат во стварноста. Каде е трудовиот инспекторат? Овие „новите“ го оставија стариот директор на Инспекторатот да директорува. Оној истиот што го назначи владата на Груевски и кој пред да стане директор на Инспекторатот бил 10 години директор на приватна фирма. Од него очекуваш да ти ги заштити правата? Или, од трудовите инспектори за кои има многу примери како биле поткупени од газдите, за ситна пара, да им прогледаат низ прсти? Да, знам и трудови инспектори кои достојно и посветено си ја вршат работата, но, општо земено, трудовиот инспекторат воопшто не е на нивото на задачата.

Новата влада многу ветуваше. Во владината програма пишаа дека ќе донесат законски измени со кои договорите на определено време по шест месеци ќе мора да се трансформираат во вработување на неопределено време, пишаа дека ќе донеле нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците, па дури пишаа и дека ќе вовеле минимален адекватен приход. Тоа стои во владината програма. Поминаа 11 месеци, речиси цела година, од сето тоа ниту трага ниту глас. А некои од мерките, како онаа за трансформацијата на работниот однос од определено на неопределено време, не бараат ниту време ниту подготовки за да се спроведат. Едноставно треба да се има само волја. Но, ним најдраго ќе им биде ако сето тоа се заборави, ако никој не ги потсетува што напишале. А тие во меѓувреме, да си кркаат пари преку патни трошоци, тендери, да ручаат и вечераат господски, на твоја сметка, додека ти почнуваш да штедиш дури и на храната.

Вчера беше Први мај. Твојот ден. Можеби мораше да работиш. Некогаш тоа го налага природата на работата која ја вршиш, но некогаш сè се сведува на гладот за профит на газдата. За тој да фати некоја пара плус, ти мораш да работиш и за празници, и на твојот ден. По колективен договор треба да ти ја плати работата за празници 50% повеќе од вообичаено, но ако ти тоа не го побараш, дури и ако тоа ниту го спомнеш, како можеш да очекуваш дека тој ќе се досети да ти го плати она што ти следува?

Ако не беше на работа на Први мај, веројатно отиде на излет, го прослави празникот „традиционално“. Го заслужи одморот несомнено. Те исцрпија на работа, човек си, заслужуваш одмор, да се видиш со пријателите, да поуживаш во природа. Но, забележуваш дека празничната трпеза секоја година станува сè поскромна. Некои твои пријатели, невработени, веќе и излетот на Први мај го прескокнуваат. И тоа им е скапо. И, си велиш… до кое дно ќе стигнеме во годините што следат?

Требаше да дојдеш на протестот за Први мај. Особено ако беше во Скопје. Можеше во неделата да одиш на излет, а во вторникот на протест. Вака, повторно не бевме онолку на протестот колку што можевме да бидеме. И поради тоа и оваа влада нема да го чувствува притисокот да работи во корист на народот. Пак ќе ни фрлаат трошки и ќе нè убедуваат колку биле добри, зашто, ете, ни ја фрлија оваа и онаа трошка. Но, за повеќе од тоа треба поголем ангажман. А тебе ти ја убија и вербата дека може да биде суштински подобро. Освен ако не се иселиш. И затоа не гледаш поента да излезеш на протест. Но, едно знај: како очекуваш да ти се почитуваат работничките права ако ти самиот не им ја придаваш соодветната тежина? И кој ќе се бори ако сите се тргаат настрана? Права не даваат, права се освојуваат. И, секогаш, добиваме онолку за колку ќе се избориме.