До Брисел со одговорност, а не со џип
Ако продолжат да излегуваат афери како оние за џипот на МВР што „кампувал“ крај Егејското Море или за иновациските грантови и тендери што завршиле на адреси на фирми на владејачки функционери или нивни роднини, владата нема зошто да чека Христијан Мицкоски да ги повика поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдумот во септември. Во таков случај, додадената вредност што евентуално би ја остварил опозицискиот лидер во однос на одѕивот на рефрендумот, лесно би можела да биде поништена со одземената вредност што би можела да ја постигне владејачката гарнитура доколку не успее да ги убеди своите поскептични поддржувачи и оние што се сметаат за политички неопределени дека нејзин врвен приоритет е да обезбеди пробив на Македонија на интеграцискиот пат, а не да дозволи интеграција на своите функционери во тендерско-непотистички шеми.
Во овој критичен политички момент, кога земјата се наоѓа на крстосница меѓу изолација и членство во ЕУ и во НАТО, аферите што се поврзуваат со различни владини институции и со владини функционери од различен ранг значат многу посилна, макар и стихијна, антикампања за референдумот од кампања за бојкот што ја започнаа извесни и досега нечуени здруженија, кои веројатно треба да послужат како нечиј параван. Во овој деликатен политички миг залудна може да биде и целата логистика што доаѓа од меѓународната заедница за поддршка на договорот со Грција и напорите за негова потврда на претстојниот референдум, доколку власта не преземе превентивни мерки за скандалите што почнаа да се лепат за неа.
Стопирањето на дел од „функционерските грантови“ околу кои се крена прашина во јавноста е најисправниот потег што можеше да биде направен откако вестите за неетичките зделки ги засенија значајните пробиви на земјата на евроинтеграцискиот пат. Но дефанзивното покажување слух за револтот на јавноста не е доволно за да се поправат штетите што се направени со тоа што поединци демонстрираа амбиција да ги искористат моменталните позиции во државната хиерархија за да поттикнат нечии приватни бизниси и за задоволат нечии лични интереси.
За да се врати довербата на гласачите во отчетноста и одговорноста на оваа влада, потребно е да понесат одговорност и функционерите кои се засегнати од аферите. Ако, пак, тие не чувствуваат одговорност за своето лошо влијание на вкупниот имиџ на извршната власт, и тоа во период на безмалку донкихотски обид за постигнување масовен референдум, тогаш некој треба да побара оставки од нив. Како поинаку ќе се убедат гласачите дека нема и други скандалозни грантови кои не се повлечени затоа што јавноста сè уште не дознала за нив. А, може да дознае во уште покритичен момент – пред самото референдумско гласање. Тогаш би било предоцна да се поправат штетите.
Без преземање одговорност, како ќе се убедат гласачите, на пример, дека вицепремиерот Кочо Анѓушев е ангажиран во владата за да даде свој придонес за забрзување на евроатлантски перспективи на државата, а не за да може полесно да ги јакне своите бизниси. Или, како ќе ѝ се објасни на јавноста дека некој е именуван на висока позиција во МВР за да придонесе за реформи во ресорот што беше посочен како еден од најпроблематичните во извештајот на Прибе, а не за да се шета со службено возило на МВР. И, конечно, како ќе им се објаснат на граѓаните крупните придобивки што ги носи членството во ЕУ и НАТО, поради кои и треба да се „проголта“ договорот со Грција, ако највисоки државни функционери постапуваат спротивно на критериумите што евроатлантските организации бараат да бидат исполнети пред стекнување полноправно членство, како што се, на пример, владеењето на правото, реформата на јавната администрација или борбата против корупцијата…
Секако дека сега веќе прочуениот полициски џип нема да ја однесе Македонија во НАТО или во ЕУ. Ама случаи како тој со неговата „злоупотреба“ за приватни и тоа банални цели може да ѝ нанесат неповратна штета на референдумската кампања на власта, чија цел е далеку поголема од нечија желба за луксузирање низ туристичките дестинации во соседството.
Претстојниот референдум, всушност, нема да значи само изјаснување „за“ и „против“ договорот за името како влезница за државата во ЕУ и во НАТО, туку ќе го отслика и расположението на гласачите кон политиките на сегашната власт и на опозицијата, посебно во македонскиот политички камп. Референдумските резултати ќе значат своевидна оценка за интерациските политики на актуелната владејачка гарнитура, наспроти опозициските политики за задржување на досегашното „статус кво“.
Затоа, оваа владејачка постава мора да има предвид дека „ѓаволот се крие во деталите“ Токму затоа не смее да се дозволи нечии лични или партиски интереси да бидат над јавниот интерес, чија клучна точка моментно е успешност на референдумот. Илузорно е една таква голема цел да биде саботирана од афери за околу 40 илјади евра што легнале наводно на сметка на „Брако“ или за патувања на нечии синови или ќерки со службени лимузини. Тоа ќе мора да го земе предвид и премиерот Зоран Заев кога ќе се врати од летувањето во Охрид.
Александра М. Митевска