Домаќинствата да произведуваат и продаваат струја од сончева енергија
Мрежното мерење, што на домаќинствата со вградени фотоволтаични системи им овозможува да го продаваат вишокот од произведена електрична енергија, е во зародиш во Македонија. Во државата не постои законска можност за вакво нешто па поради тоа граѓанските организации предлагаат вметнување на оваа мерка во новиот закон за енергетика, што е во подготовка.
Граѓанските организации бараат да им се овозможи на домаќинствата без да отвораат фирма, само со договор со дистрибутерот, да се приклучат на мрежата и да ја продаваат во електродистрибутивната мрежа.
Според Соња Ристевска, која е автор на студијата „Мрежно мерење во РМ, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија“, придобивките од воведувањето на оваа можност се огромни бидејќи домаќинствата ќе ги намалат сметките за електрична енергија, ќе има помали губитоци и пад во електродистрибутивната мрежа посебно во деновите со поголема потрошувачка на електрична енергија и што е најважно помалку ќе се загадува животната средина.
– Мрежното мерење е мерка со која им се овозможува на домаќинствата кои имаат инсталирано сончеви панели кои произведуваат електрична енергија, да ја предаваат на дистрибутивната мрежа и од тоа да имаат корист, односно во договор со дистрибутерот во оние месеци кога преземаат струја од системот да се пребива со струјата која ја даваат во системот, вели Ристевска.
Еден ваков потфат, домаќинствата би ги чинело од 10 до 20 илјади евра што е поголема инвестиција со оглед на животниот стандард на граѓаните поради што, Ристевска смета дека би требало на почетокот кога би се вовела оваа мерка да помогне и државата со одредени субвенции како што сега има за соларни колектори за вода или за прозорци. Анализите покажуваат дека една ваква инвестиција би се вратила за седум до девет години.
– Сметаме дека оваа мерка треба да се помогне од страна на државата затоа што ако ги споредите 10 илјади евра по домаќинство или помалку од 150 милиони евра за модернизација за електраните, тогаш гледаме дека многу пари треба за да изградите една модерна централа и повторно имате загуби во системот и загадување доколку таа би работела на јаглен, отколку да инвестирате во една ваква мерка, посочува Ристевска.
Од воведувањето на една ваква мерка придобивки би имала и државата бидејќи обновливите извори на енергија не загадуваат како на пример јагленот, а од друга страна со тоа што ќе им се даде можност на домаќинствата да го продаваат вишокот на електрична енергија, ќе се постигне поголема стабилност на електродистрибутивната мрежа.
– Кај нас, за жал, производството на електрична енегија се уште е централизирано, значи има неколку големи централи кои произведуваат струја, па имаме губитоци на струја, пад на мрежата во зимскиот или летниот период кога има поголема потрошувачка на струја, а со ваквата мрежа кога би имаме дистрибуирано производство и би ги вклучиле и домаќинствата, би и помогнале на мрежата да се избалансира и на домаќинствата да ги намалат сметките и да се намали загадувањето, вели Ристевска.
Освен Словенија, која пред една до две години ја воведе оваа мерка, Македонија е малку понапред од останатите држави во регионот бидејќи, како што посочува Ристевска, сериозно се разговара на оваа тема.
Електроенергетските компании во принцип не се против воведувањето на мрежното мерење, иако со неговото воведување, би претрпеле одредени загуби. Сепак, вели Ристевска, во овој случај важно е да се земат предвид позитивните страни од оваа мерка како што се балансирање на системот и намалување на загубите во мрежата.
– Секогаш пристапот од нивна страна бил позитивен дека оваа мерка е добра. Секако кога станува збор за ЕВН како дистрибутер сигурно би имала некакви загуби, но мора да се гледаат и позитивните страни како балансирање, намалување на загубите во мрежата така што не е дека тоа се некакви огромни загуби или дека наеднаш сите домаќинства ќе се приклучат на мрежата, вели Ристевска.
За целосна имплементација на една ваква мерка во Македонија потребно е и подигнување на јавната свест кај граѓаните кои, доколку би вградиле системи за производство на електрична енергија и би продавале струја, тогаш од пасивни корисници би станале активни чинители во производството на електрична енергија.