Договор за државна помош со германски „ВИК“


Договор за државна помош денеска во Владата беше потпишан со германската семејна компанија „ВИК“ за производство на електрични апарати за домаќинства, која ќе инвестира шест милиони евра во објект во Технолошко-индустриската развојна зона Алдинци во Прилеп каде ќе отвори 60 нови работни места.

Компанијата, како што информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, произведува електрични апарати за светските брендови, а во објектот во Македонија ќе произведува кафемати.

– Компанијата планира во наредните пет години инвестицијата да ја зголеми на 12 милиони евра со 1.000 вработени. Потпишувањето на договорот ја покажува посветеноста на Владата кон странските инвестиции. Во таа насока интензивно ја доградуваме ТИРЗ Прилеп и веќе е распишан тендер за изработка на клучка за поврзување на зоната со патот, рече Анѓушев по потпишувањето на договорот.

Министерката за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска посочи дека договорот е потпишан согласно Законот за ТИРЗ и предвидува 10 годишно ослободување на ВИК од плаќање данок на доход и персонален данок, како на ДДВ за увоз на добра во зоната и царински ослободувања и олеснувања. Компанијата ќе може да ги користи и поволностите од Планот за економски раст.

– Објектот што го гради ВИК во Македонија е трет по ред во нивниот производен ланец на фабрики кои веќе ги имаат во Кина и Индонезија. Оваа инвестиција ќе придонесе во севкупниот економски раст во Македонија со посебен импут во локалниот еконмски просперитет на Прилеп и неговата околина. Се отвораат и потенцијали за деловна соработка и со домашните добавувачи, рече Апостолска.

Споственикот и управител на групацијата ВИК, Христоф Дерн рече дека уште од првиот ден кога дошле во Македонија наишле на отвореност и срдечен прием и огромна поддршка од безбројпоединци и од сите институции со кои стапиле во контакт.

– Од клучно значење за нашиот успех ќе биде локално да се снабдуваме со сите потреби за нашето работење, односно да се потпираме на локални производи и локална работна сила. Наш приоритет е да се намали влијанието на објектот врз екологијата на апсолутен минимум и затоа ќе се обидеме да произведуваме само со соларна енергија, рече Дерн и додаде дека нивната компанија ќе биде прва RiteScreen сертифицирана фабрика во Македонија.