Диспанзерите за туберкулоза кубурат со кадар


Иако постојат најсовремени методи за дијагноза на туберкулоза во здравствените институции во земјава, недостига кадар во дел од диспанзерите, подвлече директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза Арбен Љабеништа. Станува збор за кадар што се одлеваше изминативе години, пред сè поради пензионирање.

„Две основни прашања бараат решение. Кој е профилот на здравствените работници што ќе се вклучат во контрола на туберкулозата и како ќе се продолжи со додипломската и специјалистичката настава на Медицинскиот факултет за едукација за туберкулоза која постои во незначителен сегмент, без вклучување на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза“, рече Љабеништа.

Билјана Илиевска-Попоска од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза посочи дека е разговарано со надлежните од Министерството за здравство, по што е трасиран патот за да се надмине проблемот. Лекарите интернисти ќе треба да ја преземат работата и да се занимаваат и со проблемите што ги носи туберкулозата.

„Најголем проблем околу организациската поставеност постои во источниот дел на државата каде што е најмал бројот на болните. Во одредени општини годишно се регистрираат три до четири случаи, но и за овој мал број регистрирани случаи мора да постои континуирана здравствена заштита“, рече Илиевска-Попоска.

Во земјава туберкулозата е во континуиран пад. Во 2007 година биле регистрирани 563 заболени лица, додека пак во 2018 година бројката е двојно намалена и регистрирани се 217 лица со туберкулоза. Илиевска-Попоска кажа дека стапката на откриени случаи со туберкулоза во државата изнесува 10,5 на 100.000 жители, меѓутоа се бележи благо зголемување на смртните случаи, па така во 2017 година имало 13, додека во 2016 година биле регистрирани седум смртни случаи.

„Станува збор за болест на помладата популација. Годишно се откриваат од десет до 12 деца болни до туберкулоза. Доминираат случаи со белодробна форма на туберкулоза која е заразна и се шири во околината, но со 23 отсто се застапени и вонбелодробните форми на туберкулоза. Болеста успешно се лекува, има бесплатни лекови кои сите пациенти ги добиваат, а успехот на лекување стигнува до 88 отсто. Во однос на ризичните популации се споменуваат ХИВ-инфицираните и лицата што престојуваат во казненопоправните установи и психијатриските болници. Од 2007 до 2017 година беа регистрирани само четири случаи меѓу болните од туберкулоза со ХИВ-инфекција. Во 2017 година регистриравме три случаи болни од туберкулоза со ХИВ-позитивен статус“, објасни Илиевска- Попоска.

За спроведување на превентивните програми за туберкулоза, за идентификување ризични групи и за рана детекција, Министерството за здравство издвоило 25 милиони денари. Со заеднички средства, пак, на Министерството и Институтот за ТБЦ, ќе се изврши набавка на рендген-апарат што ќе се користи во Институтот.

„Ова е одлична можност да укажеме на преземањето на финансиските програми од страна на Владата по прекинувањето на финансирањето на овој многу значаен проект за земјата од Глобалниот фонд. Го преземавме не само финансирањето туку и самото спроведување на програмите“, рече Филипче.

За периодот 2018-2022 година веќе е прифатена и се спроведува Стратегија за контрола на туберкулоза, која е базирана на целите за одржлив развој и глобалната стратегијата на Светската здравствена организација, насловена како „Крај на туберкулозата до 2030 година“. Како приоритетни области на Стратегијата се издвојуваат: редефинирање на мрежата на установи, кои во иднина ќе бидат вклучени во контролата на туберкулоза, едукација на лекарите за интернационалните стандарди за дијагноза, лекување и превенција на болеста, подготовка и имплементација на интернационално прифатени протоколи, а посебно внимание е посветено на потребите на пациентот, со мерки за рана дијагноза, контролирано лекување и превенција и активности за менаџирање на латентна туберкулозна инфекција.

Вероника Мароска-Леова