Директорката на градинката „Кочо Рацин“ тврди дека воспитувачката е преместена поради поплаки од родителите


Директорката на детската градинка „Кочо Рацин“, Габриела Алабашовска, вели дека воспитувачката, за чија промена реагираа родители и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, е префрлена во друг објект на градинката бидејќи повеќе родители претходно искажале незадоволство од нејзината работа со децата.

Повикувајќи се на одредби од Законот за детска заштита, во соопштение испратено до медиумите, таа вели дека ингеренција на директорот меѓу другото е и распределба на вработените според потребите за поефикасно работење

– Тврдам дека мојата одлука е согласно законот и единствено во интерес на децата. Категорично ги демантирам изјавите дека децата плачеле и ја барале старата воспитувачка. Процесот на згрижување на децата се одвива тековно и без проблеми. Што се однесува до наводниот бојкот, организиран од некои родители, сметам дека тоа е на штета на децата, а написите на ранците се злоупотреба – се вели во соопштението.

Додава дека таа како директор и градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, им стојат на располагање на родителите доколку доколку пројават интерес за средба.

Родители на децата од оваа градинка и Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“ вчера на прес-конференција реагираа за промената на воспитувачката и посочија дека со тоа се повредени правата на децата од првата мала група од градинката „Кочо Рацин“ и не е земено предвид мислењето на родителите и најдобриот интерес на децата, согласно член 3 од Конвенцијата за правата на детето.